Регион

Радован Караџиќ најави жалба

Радован Караџиќ. Фото: МКТЈ

Радован Караџиќ најави поднесување на жалба до Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), истакнувајќи дека ММКТ треба да ја поништи минатонеделната пресуда, со која казната затвор во траење од 40 години, му беше зголемена на доживотен затвор.

Тој истакна дека ММКТ не ја зел предвид „практиката на судовите во поранешна Југославија“, каде што максималната казна била 40 години затвор, со што му ги прекршил човековите права.

Караџиќ, исто така, изјави дека ММКТ не дал објаснување за својата одлука да му ја зголеми казната.

„Советот погреши кога во донесувањето на одлуката да се зголеми казната, се базираше на споредувањето на казните изречени на други обвинети, а при тоа не размислуваше за ставките што го прават предметот на Караџиќ специфичен, како, на пример, фактот дека тој доброволно заминал од функцијата претседател“, се вели во поднесокот.

Караџиќ побара да му се дозволи именување на правен советник, кој би му помогнал во подготовката на барањето за преиспитување на правосилната  пресуда.

Судот на ООН досега само еднаш дозволил преиспитување на правосилната пресуда – во случајот на Веселин Шљиванчанин, кој беше осуден за неговата улога во масакрот во Вуковар, Хрватска, во 1991 година.

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, му ја намали затворската казна на Шљиванчанин од 17 на 10 години затвор.

Судот се согласува да преиспита казна, само ако се презентираат нови докази.

На 20 март Караџиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување.

Тој беше прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, за прогонства низ цела БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Со истата пресуда, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во други општини во БиХ, во 1992 година.