Регион

Ратко Младиќ ќе побара четиридневно отсуство од притвор

Ратко Младиќ на изрекувањето на пресудата во Хаг, во ноември 2017. Фото: МКТЈ

Филип Рудиќ | БИРНБелград
 
Адвокатот на Младиќ, изјави дека до Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), ќе поднесе барање, на Младиќ да му се одобри четиридневно отсуство, за да посети гроб на свој неодамна починат роднина.

„Ние веруваме дека постојат основи (за барањето) и дека тој треба да биде ослободен“, вели Бранко Лукиќ, еден од адвокатите на одбраната.

Лукиќ за БИРН нагласи оти српската влада во саботата дала гаранции дека Младиќ ќе се врати во притвор. Додека е на слобода, Младиќ планира да посети гроб на неодамна починат роднина.

Во ноември 2017 година, Хашкиот трибунал, во првостепена постапка, го осуди Младиќ за геноцид и за други воени злосторства. Тој на пресудата со која беше осуден на доживотен затвор, поднесе жалба. Конечната пресуда ќе биде изречена следната година.

Судскиот совет го прогласи Младиќ за виновен за геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и Хрватите низ цела Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево со гранатирање и снајперски напади и за земање на мировници на ООН како заложници.

Со истата пресуда, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во 1992 година во шест други босански општини.