Регион

Ратко Младиќ, почесен претседател на Организацијата на старешини на ВРС

Горан Обрадовиќ, Бања Лука

Ратко Младиќ во судницата при изрекувањето на пресудата во ноември 2017 година | Фото: Бета/Петер Дејонг

Ратко Младиќ, осуден за геноцид и за воени злосторства, доби покана да стане почесен претседател на Организацијата на старешини на Војската на Република Српска (ВРС), потег што најверојатно ќе ги навреди жртвите.

Организацијата на старешини на ВРС, соопшти дека Младиќ се согласил да стане нејзин член и почесен претседател.

Претседателот на организацијата, Милован Милутиновиќ, на прес-конференција изјави дека Младиќ одговорил оти ова го прави во одбрана на Република Српска.

„Обврска на сите политичари и патриотски сили е да се спротивстават на сите видови на загрозување на Република Српска и на нејзините институции”, цитираше Милутиновиќ дел од пораката на Младиќ.

Тој истакна дека Младиќ навел оти ова го прави заради „потребата од собирање на патриотските сили околу основните цели и обврски, во насока на зачувување на Српска и на зголемување на грижата за семејствата на загинатите, за воените инвалиди, за борците и за старешините, кои дале несебичен придонес”.

Милутиновиќ истакна дека очекуваат бурни реакции од здруженијата во Федерација БиХ.

„Ние нема да обрнуваме внимание на тоа. Веруваме дека Младиќ, како прв војник на ВРС, заслужува да се најде во нашата организација. Тоа е наша чест и задоволство и ние не се откажуваме од него“, рече Милутиновиќ.

Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, го осуди Младиќ на казна доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства. На оваа пресуда Младиќ поднесе жалба. Конечната пресуда треба да му биде изречена следната година.

Стаменко Новаковиќ, член на претседателството на организацијата, изјави дека од Владата на Република Српска ќе бараат, во комисијата што ги истражува воените настани во Сребреница и во Сараево, да биде именуван и претставник на организацијата.

„Старешините ги предводеа единиците кои спроведуваа борбени активности, единствените се што поседуваат клучни знаења во врска со тоа и ја имаат целосната слика, којашто е пресудна за вистината”, рече тој.

„Ние сакаме да бидеме активни учесници во овие истраги и да придонесеме за вистината и правдата кои се од витален интерес за Српска”, заклучи Новаковиќ.