Регион

Реакции на Декларацијата за помирување на партизаните и четниците во Црна Гора

Душица Томовиќ, Подгорица

Лидерите на ДФ. Фото. ДФ

Потпишувањето на Декларацијата за помирување на потомците на четниците и партизаните, од страна на четирите партии собрани во ДФ, предизвика остра реакција во понеделникот. Како што велат критичарите, овој чин е обид за рехабилитација на четничките злосторства извршени во Втората светска војна и обид за легитимирање на нивната идеологија.

Невладината организација, Црногорско движење, смета дека луѓето не треба да се помируваат со српската „хегемонистичка идеологија“ на четниците, кои биле против независноста на Црна Гора.

Декларацијата за помирување на потомците на партизаните и на четниците во Црна Гора, во саботата ја потпишаа четири опозициски партии, а ќе биде понудено да ја потпишат и другите.

Милан Кнежевиќ, еден од лидерите на ДФ, изјави дека потпишувањето на Декларацијата претставува обид да се стави крај на поделбите и да се избегнат идните идеолошки конфронтации.

Додаде дека независноста на Црна Гора не е релевантна за Декларацијата, бидејќи ниту четниците, ниту партизаните, не ја поддржувале во Втората светска војна.

„Ноторна лага е дека партизанското движење во Втората светска војна се борело за независна Црна Гора … Партизанската борба имаше за цел да создаде заедница на југословенските народи и општество на социјална правда“, истакна тој.

Партизаните, предводени од Јосип Броз Тито, во суштина беа комунистичка војска, додека четниците, предводена од генерал Дража Михајловиќ, беа монархисти.

Овие две страни беа лути непријатели за време на Втората светска војна. Партизаните ги обвинија четниците за соработка со Германците. Откако комунистите ја презедоа власта во Југославија, четничкото движење беше забрането.

Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), исто така, ја осуди Декларацијата, истакнувајќи дека е многу разочарувачки, во 2018 година, да се зборува за четници и партизани, освен во историски контекст.

ДПС соопшти дека се спротивставува на актуелизацијата на оваа тема, која само провоцира поделби во општеството.

Според критиките, ДФ ја користи Декларацијата за помирување за да ги отфрли обвиненијата дека е сојуз на српски националисти, пред претседателските избори на 15 април во Црна Гора.