Вести

Речиси милион евра од општините за забава на граѓаните

Ѕвездите од соседството со поголема заработка од домашните

Фестивалите низ македонските градови на кои настапуваа домашни и балкански ѕвезди, разните питијади, пастрмајлијади, етнофестивали и родендени, општините ги чинело околу 960 илјади евра. И тоа за нецела година – од јануари до октомври 2024 година, што значи дека до крајот на годинава, оваа сума се очекува да се зголеми.

Тоа го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Невладината организација, преку пристап до информации од јавен карактер, ги собра податоците за тоа колку пари за забава потрошиле општините минатата и во текот на оваа година.

Според тие податоци, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е најдарежлив, кога е во прашање забавата. Tој од општинската сметка потрошил повеќе од 202 илјади евра за Свети  Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер и за Нова година. Парите не им се дадени на изведувачите, туку на скопската агенција за маркетинг „Иноватива груп“, која понатаму треба да ги исплаќа ангажираните за сите четири манифестации.

Втор по трошењето е градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој потрошил над 124 илјади евра, најмногу од нив за двата фестивали, GetExited и Струмица опен.

Во топ три општини што најмногу трошат за забава, годинава влегува и Кисела Вода. Првиот човек на оваа скопска општина, Орце Ѓорѓиевски, за два настани, Културно лето и роденден на општината потрошил нешто повеќе од 64 илјади евра.

Од 81 општина, педесет имаат трошоци за забава. Две општини, Ѓорче Петров и Тетово, на Центарот за граѓански комуникации не им одговориле, а од Охрид, пак, доставиле информации само за 2024, но не и за минатата година.

Северина, Розга и Хари Мата Хари најплатени

Балканските пејачки се двојно поплатени од домашните | колаж: БИРН

Кога се работи, пак, за парите што ги дале, има голема разлика во сумите за балканските изведувачи во споредба со домашните. Па, така годинава, најскапо платени биле хрватските музички ѕвезди Северина, за која Општина Крива Паланка дала повеќе од 25 илјади евра, а по неа следи Јелена Розга, која гостувала двапати, во Берово и во Пробиштип и добила повеќе од 22 илјади, односно 20 илјади евра. Трет, според хонорарот, е босанскиот пејач Хари Мата Хари, кој од Неготино добил 19,5 илјади евра.

Истата општина го исплатила најголемиот хонорар, кој го добил домашен изведувач. Бојана Скендеровски е најскапоплатена македонска пејачка. Таа, за настапот во Неготино добила околу 13 илјади евра. Втора е Каролина Гочева за која Крива Паланка платила околу 11 илјади евра, а за илјада евра помалку, односно 10 илјади евра добил музичарот и композитор Кирил Џајковски за настапот на ревијалната вечер на Фолк- фест Валандово.

Заобиколување јавни набавки

Од Центарот за граѓански комуникации наведуваат дека „општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно наоѓаат начини да не го спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентните постапки.“

Изведувачите најчесто ги ангажираат преку таканаречените посебни услуги, со што се исклучени од Законот за јавни набавки ако вредноста е помала од 10 илјади евра. Ако, пак, сумата е повисока, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или да се објави претходно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.

Инаку сумата што вкупно ја потрошиле општините за манифестации и во текот на 2023 година е слична. За 12 месеци, тие дале еден милион и 11 илјади евра. Во сумата за годинава, пак, не се вклучени новогодишните манифестации.