На Тик ток се зголеми бројот на анонимни профили што рекламираат пренесување луѓе од Албанија до Обединетото Кралство преку рутата наречена Ла Манш, која, според извештаите на медиумите, ја користат шверцерите.
По прегледувањето на десетици профили на Тик ток, БИРН забележа два вида реклами: една за луѓе што сакаат да одат во Обединетото Кралство од Франција со чамци и другата за луѓе што преминуваат во Обединетото Кралство од Белгија со камиони. Цените објавени на рекламите се движат од 2.000 до 5.000 фунти.
Рекламите доаѓаат од различни профили на Тик ток и нудат различни нивоа на ангажирање. Некои ги објавуваат цените, додека други повикуваат приватно да се контактира со нив.
„…во Англија. 4.000 фунти. Со чамци. Секој ден“, стои во една од објавите.
„…во Лондон. 100 отсто сигурно, нема шанси за неуспех. Ова се најдобрите цени на пазарот“, наведува друг.
Во друга објава се рекламира преминување во Обединетото Кралство со камиони.
„Поаѓање за Англија на секои два дена. Најдобри цени“, се наведува во објавата.
Некои од објавите имаат повеќе од 200 допаѓања. Најголем дел од прегледаните профили се направени оваа година, некои од нив во јули, додека други на почетокот на годината. Има и профили отворени пред само неколку часа. Во повеќето објави се наведуваат и датуми на поаѓање.
Еден од нив гласи: „Поаѓање секој ден, следното тргнување е утре на 22 јули. Можеме да земеме и семејства. Доаѓаш денеска, а утре заминуваш. Ние сме први и најдобри“, пишува во објавата, во која се додава дека даваат 100 отсто гаранции за преминување. Објавата има 2.706 допаѓања и 52 коментари.
Во текст на британскиот таблоид „Дејли мејл“, кој цитира документи на британското воено разузнавање, се тврди дека четири од десет неодамнешни илегални мигранти во Британија се од Албанија.
„Документ означен како ‘Официјално сензитивен’ – покажува дека речиси трипати повеќе мигранти што пристигнуваат на бреговите на Обединетото Кралство од Франција доаѓаат од балканската земја, во споредба со кое било друго место. Ова е првпат официјален извештај да открие како најголемиот дел од оние што илегално поминуваат и се чини дека се економски мигранти, го злоупотребуваат дарежливиот британски систем за азил“, пишува „Дејли мејл“, додавајќи дека има девет криминални банди што ги реализираат премините од Франција до Велика Британија.
Во цитираниот извештај, кој не е објавен, се наведува и дека од 2.863 мигранти превезени од девет различни банди за шверц на луѓе во периодот од 1 јуни до 12 јули, 1.075 – или 37,5 отсто – биле Албанци.
Други медиуми, како што е британскиот Њуз ченел, објавија дека шверцерските банди ги користат социјалните мрежи како што е Тик ток за да ги рекламираат премините и да ги повикаат луѓето да одат во Обединетото Кралство.
Минатата година, министрите за правда на Албанија и на Обединетото Кралство потпишаа Договор за трансфер на затвореници, според кој, албанските затвореници на островот може да бидат пратени во Албанија и да им се забрани повторно враќање назад.
Договорот почна да се применува оваа година и дел од затворениците се вратени.
Исто така, во јули минатата година, Лондон и Тирана потпишаа посебен договор, со кој се регулира отстранувањето на Албанците што илегално престојуваат во Обединетото Кралство.
Во октомври 2020 година, БИРН објави истражување за рутите и парите што ги платиле Албанците за илегален влез на островот. Приказната идентификуваше шест главни правци: Кале до Довер со камион; со камион од Холандија; со камион од Белгија; со траект од Шпанија; со авион од Италија или Грција; и со авион од Италија до Обединетото Кралство преку Даблин.
Друга истрага на БИРН, објавена во јуни 2019 година, се занимаваше со тоа како албанските банди во Обединетото Кралство регрутираат илегални имигранти од далечниот, планински север на Албанија, каде што сиромаштијата е голема.