Вести

Рекордна загаденост во Аеродром – Лисиче

Претставници од неколку невладини организации кои се залагаат за спречување на алармантното загадување на воздухот во Скопје вечерва, со посебен апарат, Мет Оне, извршија мерење на загаденоста на воздухот на повеќе локации во градот. 

Најголемо загадување се покажа во Аеродром во 22 часот – дури 854 микограми ПМ 10 честички на кубен метар, што е за 17 пати повисоко од максимално дозволените 50 микрограми. 

Во населбата Лисиче пак, мерењата се движеа околу 500 микрограми ПМ 10 честички, што е за 10 пати над дозволениот просек. 

Граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека воздухот мириса на изгорена пластика и дека во Аеродром и во Лисиче видливоста е намалена. 

Владата пред десетина дена на седница најави итни мерки против загадувањето на воздухот, а ја разгледува и можноста за интервентна набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, маски со филтри за прочистување, како и за набавака за прочистувачи на воздухсот за училиштата, здравствените центри и градинките.

Според Владата, мерките ќе стапат во сила доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките во текот на два последователни дена изнесува над 200 микрограми, измерени на најмалку две мерни станици. 

Со оглед на тоа што во последниве два дена нивото на загаденост е над 200 микрограми, во текот на утрешниот ден се очекува спроведувањето на итните мерки што ги најави Владата.