Вести

Христијан Мицкоски е наследникот на Груевски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Христијан Мицкоски на денешниот вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово беше избран за нов претседател на партијата. Oд вкупно 438 присутни делегати на 16-от вонреден конгрес, 376 делегати гласале „за“, а имало 52 неважечки ливчиња.

„Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија.Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување. Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани”, рече Мицкоски пред делегатите. 

Христијан Мицкоски

Мицкоски беше единствен кандидат за наследник на Груевски, кој беше лидер на ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година. Груевски ја најави оставката од претседател на партијата откако партијата доживеа голем пораз на локалните избори, по што следуваше формирање на фракции во ВМРО-ДПМНЕ, посебно околу начинот на кој партијата треба да функционира во иднина. Антонио Милошоски, Илија Димовски, Владимир Пешевски и Никола Попоски не се појавија на конгресот во Валандово. 

Груевски кој на конгресот доби плакета за почесен претседател на партијата, рече дека останал цврст и стабилен и при најтешките удари, но дека му паѓа тешко кога преку „ноќ гледал вакво однесување на блиски соработници кои се наоѓаат под притисок”. Тој додаде дека од функцијата си заминува „со повеќе ножиња забодени в грб“. 

Мицкоски, кој досега беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е доктор по технички науки-машинство и вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ.