Вести

Три фракции во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ

Шепотењето се замени со јавни објави на проблемите што досега беа скриени под црвениот тепих во Белата палата

За првпат во последниве 11 години во, до пред неколку месеци водечката партија ВМРО-ДПМНЕ се појавија фракции и отворено изразување незадоволство од внатрепартиското функционирање. Партијата што важеше за монолитна и херметички затворена за внатрешните случувања шепотењето го замени со јавни објави на проблемите што досега беа скриени под црвениот тепих во Белата палата.

Антонио Милошоски, Илија Димовски, Борче Стамов, Трајко Вељаноски претставуваат фракција која, според своите ставови, се издвојува од приврзаниците на лидерот Никола Груевски и бара одложување на конгресот закажан за во сабота во Валандово. Неофицијално, со ставовите на писмото кое беше испратено до јавноста, согласни се и Емил Димитријев и Никола Тодоров, дознава БИРН од партиски извори.

Според нив, во партијата постои уште една група која исто така изразува незадоволство, но не е потписник на писмото во кое се тврди дека „при спроведувањето на процедурата за избор на претседател на партијата имало еден кандидат кој бил очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво“. Ова крило не бара одложување на Конгресот, бидејќи стравуваат од двојна игра на потписниците на писмото и сметаат дека секое подолго останување на Груевски на чело на партијата би значел чекор назад, па токму затоа, тие се подготвени да го поддржат Христијан Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ.  

Третата фракција, пак, ја сочинуваат верните приврзаници на Никола Груевски како Влатко Ѓорчев и Александар Николоски кои исто така би застанале зад Мицкоски, кој сè уште ја нема поднесено својата кандидатура.

Мицкоски и Петровски најверојатно ќе бидат единствени кандидати за лидер

Христијан Мицкоски

Никола Попоски беше еден од фаворитите за кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, поддржуван и од т.н. „реформатори“, но и од крилото што го предводи Илија Димовски. Според изворите на БИРН, Попоски долго време размислувал, но и покрај обидите на дел од членството да издејствува негова кандидатура, тој одлучил да не ја поднесува затоа што сметал дека нема да му биде дозволено автономно да ја води партијата.

Илија Димовски бил исто еден од оние кои размислувале да се кандидираат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но наместо тоа, било решено да се бара одложување на конгресот за во февруари.

Со ваквото ситнење, во „игра“ останаа Христијан Мицкоски кој важи за човек близок за Груевски, па оттаму се и стравувањата дека тој нема да може независно да ја води партијата, како и Филип Петровски кој повеќе игра на националната карта, но нема голема поддршка од членовите на конгресот.

Петровски прв ја најави својата кандидатура за лидерската функција, а во две обраќања обвини дека Христијан Мицкоски, партискиот Генерален секретар во заминување, ја користи партиската инфраструктура, ресурси и логистика за да добие поддршка од најголем број делегати. Мицкоски, пак, според неофицијалните информации, досега има собрано над 300 потписи од членови кои би ја поддржале неговата кандидатура. Никола Груевски минатата недела на Фејсбук негираше дека како долгогодишен претседател на партијата ќе поддржел или фаворизирал некој од кандидатите за претседатели на партијата. Како кандидат се споменува и Јовица Страшевски, поранешен директор на Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај.

Во случај конгресот да се одржи и Мицкоски да биде избран за нов лидер, на делегатите им било  дадено ветување дека во рок од 3 месеци партијата ќе претрпи промени на Статутот, односно одлуките на претседателот и неговиот заменик ќе се носат со т.н. „врзан потпис“

Со оглед на тоа што рокот за поднесување кандидатури истекува утре во 15 часот, дел од потписниците на писмото велат дека нема да се појават на Конгресот и нема да прифатат „само да верификуваат нечиј мандат“.

„Засега немаме видено ниту една програма и никаков план за тоа какви се плановите на оние кои што ќе се кандидираат. Како да гласаме на таа основа? Не знаеме дали партијата ќе се стреми кон ЕУ, НАТО, Русија.  Не знаеме за никакви наредни чекори. Нема да бираме лидер на слепо“, вели за БИРН еден од потписниците на вчерашното писмо во кое се поставени седум барања:

„Зголемување на бројот на делегати на Конгресот од 544 на најмалку 5000 делегати; одложување на одржувањето на Конгресот за 24 и 25 февруари 2018 година; колективно Претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот; забрана за користење на партиската инфраструктура за потребите на било кој кандидат; можност делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од било кој кандидат или негови официјални претставници и да постапува за да ги расчисти и отстрани таквите појави; забрана на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат и овозжможување на актуелните претседатели на Општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на Конгресот“.

Врзан потпис за Мицкоски?

Утре заседава Централниот комитет каде што најверојатно на расправа ќе биде ставено и прашањето за одложувањето на конгресот на партијата

Вечерва во 18 часот заседава Извршниот комитет на партијата, но на дневен ред е единствено анализата на изборните резултати. Утре заседава Централниот комитет каде што најверојатно на расправа ќе биде ставено и прашањето за одложувањето на конгресот на партијата.

Доколку биде решено да се одржи, на него треба да бидат присутни две третини од 544 делегати. Во случај да се појават помалку од 363 кандидати, конгресот ќе пропадне и нема да биде избран нов лидер на партијата. 

Изборот на Мицкоски е проследен со ветување дека  Централниот комитет ќе се прошири и ќе има поголема контрола врз одлуките на врвот на партијата, а  одлуките на Извршниот комитет на партијата ќе се носат со просто мнозинство

„Засега не можам да прејудицирам што ќе се случува. Фактичката состојба во моментов е таа, дека Централниот комитет на последната седница донесе одлука да се одржи конгрес“, ни изјави портпаролот на партијата Иво Котевски, кој рече дека нема информации дали во текот на денот некој доставил кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Извори на БИРН во ВМРО-ДПМНЕ велат дека во случај конгресот да се одржи и Мицкоски да биде избран за нов лидер, на делегатите им било  дадено ветување дека во рок од 3 месеци партијата ќе претрпи промени на Статутот, односно одлуките на претседателот и неговиот заменик ќе се носат со т.н „врзан потпис“, а  одлуките на Извршниот комитет на партијата ќе се носат со просто мнозинство. Според истите извори, изборот на Мицковски е проследен и со ветување дека  Централниот комитет ќе се прошири и ќе има поголема контрола врз одлуките на врвот на партијата.