Регион

Република Српска го одби барањето за одземање на повелбите дадени на воени злосторници

Муралот на Ратко Младиќ во Калиновик. Фото: БИРН.

Пратениците на Народното собрание на Република Српска (НСРС) синоќа го отфрлија барањето на Валентин Инцко, за одземање на повелбите што НСРС во 2016 година им ги додели на осудени воени злосторници.

Пратениците усвоија и заклучокот, според кој Инцко, во никој случај, не може да ѝ биде надреден на Република Српска.

Во заклучокот се наведува дека Инцко ги надминал овластувањата што му се дадени со Дејтонскиот мировен договор, потпишан во 1995 година.

Како што се посочува во заклучокот, Инцко „неуставно, незаконски и без ограничувања ги присвоил законодавните, извршните и судските овластувања, со кршење на основните човекови права и на меѓународните инструменти за нивна заштита, со употреба на т.н. „Бонски овластувања“.

„Бонските овластувања“ му овозможуваат на високиот претставник, да ги отстрани опструкциите на законите, кои се од витално значење за одржување на мирот во Босна и Херцеговина. Инцко последен пат ги користел овие овластувања пред 11 години.

На почетокот на оваа година, Инцко испрати писмо до претседателот на НСРС, Недељко Чубриловиќ, во кое бара повелбите дадени на лицата осудени за воени злосторства, да бидат повлечени до крајот на април.

„Меѓу наградените беа сите поранешни претседатели на Народното собрание и членови на Првото претседателство на РС, вклучувајќи ги Радован Караџиќ, Момчило Крајишник и Билјана Плавшиќ, чии постапки, за време на вооружениот конфликт, го шокираа светот и предизвикаа незамисливи човечки страдања“, пишува во писмото на Инцко.

Во него се додава дека „величењето на воените злосторници … директно ги повредува и ги провоцира оние кои претрпеле последици од војната и му нанесува штета на сеќавањето на жртвите“.

Инцко не прецизираше какви активности планира да преземе, ако политичарите на РС не го испочитуваат рокот што им го даде, а кој сега веќе е поминат.

Тој за телевизијата Нова БХ изјави дека му е „жал што роковите не се запазени“, при што истакна: „Казната не ми е најважна“.

„Тоа е една од можните последици, но тоа воопшто не е важно. Поважно е некои Срби да започнат процес на поинакво размислување за своето минато, размислување за тоа каде сакаат да живеат нивните деца“, нагласи Инцко.

Тој додаде дека неговиот следен чекор ќе биде информирање на шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел, за одговорот на НСРС.

Караџиќ, воен претседател на РС, беше осуден во март 2019 година на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ цела БиХ, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Билјана Плавшиќ, исто така, поранешен претседател на РС, постигна договор со Хашкиот трибунал во 2003 година, по што беше осудена на 11 години затвор за воени злосторства. Таа беше ослободена во октомври 2009 година, откако издржа две третини од казната.

Момчило Крајишник, поранешен претседател на Собранието на РС, кој почина во септември 2020 година од компликации предизвикани од корона вирусoт, беше осуден во март 2009 година на 20 години затвор. Тој беше ослободен во септември 2013 година, а при враќањето во РС, беше пречекан како херој.