Министерството за внатрешни работи на РС, и официјално ја претстави својата нова полициска единица-жандармерија, на церемонијата што се одржа во Залужани, кај Бања Лука. Овој потег предизвика критики на бошњачките политичари во овој ентитет.
Постројувањето на жандармеријата доаѓа откако РС во јуни го повлече својот предлог за формирање резервен полициски состав. Предлогот беше остро критикуван од бошњачките воени организации и западните сојузници на БиХ.
На денешната церемонија, српскиот член на претседателството на БиХ и најмоќниот политичар во РС, Милорад Додик, изјави оти не се откажал од идејата за формирање резервни полициски сили.
„Уште веднаш да се знае, ќе разгледуваме и ќе чекаме можност да се формира резервен состав. Тоа е најдобриот начин за заштита и одбрана на територијата на Република Српска“, рече Додик во својот говор.
Од друга страна, потпретседателот на РС, Рамиз Салкиќ, изрази голема загриженост поради новоформираната жандармерија.
„Единица што е добро опремена и обучена, иако бројно многу помала од резервниот полициски состав, може да биде многу поопасна, ако се злоупотреби од системот против некоја целна група“, рече Салкиќ за Н1 телевизија.
Критики упати и Аљоша Чампара, министер за внатрешни работи на Федерацијата БиХ.
„Ова е сè што не им е потребно на граѓаните на Босна и Херцеговина, наместо да се натпреваруваме и да работиме на борбата против организираниот криминал и корупцијата“, рече Чампара за новинската агенција ФЕНА.
РС тврдеше оти ѝ е потребен резервен состав, бидејќи таа нема доволен број на полицајци, кои би се справиле со безбедносните предизвици, како што е сегашната мигрантска криза.
Овој план остро го критикуваа здруженијата на бошњачките воени жртви, бидејќи за време на војната во БиХ, 1992-1995, припадниците на резервните полициски сили биле вклучени во бројни воени злосторства.
Според очекувањата, повеќе од 1.000 вооружени и униформирани полицајци требаше да бидат ангажирани во овие сили.
Засега не е познато колку припадници ќе брои жандармеријата.