Анализи

Ревизија на ДУП-овите или мрачна урбана иднина

Дел по дел, новите згради го заземаат просторот на куќите | Фото: БИРН

Ако се изградат сите згради предвидени со деталниот урбанистички план за Маџир маало, во домовите нема да продира дневна светлина ниту една минута во зимските месеци. Ова го покажала симулацијата за движењето на сонцето и за протегањето на сенките во услови кога сите објекти би ја достигнале максималната височина од седум ката.

Симулацијата е дел од пошироката анализа за тоа каков би бил квалитетот на животот ако целосно се спроведе ДУП-от за ова маало во центарот на Скопје, кое со децении беше заборавано од локалните власти, а последниве години е откриено од градежните инвеститори. Ја изработи тимот за евалуација на урбанистичките планови во општина Центар, а пред јавноста ја претстави претседателката на општинскиот совет – Јана Белчева Андреевска.

Симулација како ќе изгледа Маџир маало и колку дневна светлина ќе има ако се исполни ДУП-от

Иако ревидирањето на ДУП-овите беше предизборно ветување на повеќемина кандидати за градоначалници на СДСМ, засега единствено во Општина Центар има активности во оваа насока. Другите градоначалници се соочуваат со критики дека во нивните општини продолжиле да никнувааат „бетонски чудовишта“, но се правдаат дека им биле „врзани рацете“. Но и првиот човек на Центар, Саша Богдановиќ, се соочува со притисок да ги ослободи ДУП-овите. Дел од советниците од неговата партија веќе престанаа да му даваат поддршка за мораториумот на градењето.

Во потрага по идентитет

Маџир маало спојува 150 години историја во простор од 0,1 квадратен километар | Фото: БИРН

Маџир маало е еден од вкупно 32 градски кварта во општина Центар за кои Богдановиќ вели дека не се усогласени со генералниот урбанистички план за градот Скопје. Така тој ја оправдува иницијативата за промени, наспроти тврдењата на другите дека не можат да ги скратуваат стекнатите права за градба на граѓаните, и дека не можат да опстанат без парите што инвеститорите ги уплатуваат за комуналии.

Маалото во простор од 0,1 квадратен километар спојува историја од еден ипол век. Наследството од првите турски доселеници од 1870-тите се наоѓа покрај куќите на угледните граѓани од 1920-тите, домовите на работничките семејства од 1960-тите и полураспаднатите куќи на сиромашните од сите епохи. На оваа мешавина последниве години ѝ се додадоа десетина нови седумкатници. Со ДУП-от од 2011 година и со ДУП-от во изработка од 2018 година се предвидува да бидат околу 80, поврзани во триесетина станбени блокови.

Симулација на можностите за паркирање и на бројот на потребни контејнери

Во околу 1.700 стана треба да живеат речиси 6.200 жители, што е три ипол пати повеќе од сегашната бројка. Со тоа оваа мала населба во центарот ќе стане понаселена од градови како Демир Капија, Македонски Брод или Валандово. Но, овој град во градот нема да има ниту училиште, ниту градинка.

„Никаде не е предвидена зелена површина. Само кај мал број згради има услови да се реши паркирањето во рамките на градежната парцела, што создава ризик од сообраќаен хаос. Ќе треба да се постават десетици контејнери и прашање е колку комуналното претпријатие ќе може редовно да го собира ѓубрето низ тесните улици“, вели претседателката на советот Белчева, објаснувајќи ја анализата на ДУП-от за периодот 2018-2023.

Во времето кога се создало Маџир маало, во втората половина од 19 век, тоа било направено како модерна урбанизирана населба, со улици што се сечат под прав агол, која нудела повисок квалитет за живеење од другите, постари маала во Скопје. Еден век подоцна тоа стана симбол на урбанистички заборав и на супстандардни услови за живеење во центарот на еден главен град. Во децениите по независноста маалото беше во постојана потрага по својот идентитет – дали да биде третирано како историски симбол на Скопје или да се претвори во нова зона за ширење на градежните бизниси. Во 2011 година, со Владимир Тодоровиќ на чело на општината Центар, беше даден одговор на ова прашање. Ревизијата на ДУП-от ќе покаже дали тој одговор бил конечен.

Борба против „своите“

Има мораториум за издавање градежни дозволи, но тие што добиле претходно продолжија да градат | Фото: БИРН

На последната седница на општинскиот совет на Центар, градоначалникот Богдановиќ по третпат ја доби поддршката за да се продолжи мораториумот на урбанистичките планови за уште два месеца. Овојпат тоа се случи по неколку часа расправии и долги убедувања со советниците и од неговата партија, односно од коалицијата на владејачкото мнозинство.

„Дали знаете дека ова што го правиме е незаконско и другите општини ни се смеат“, праша советникот Петар Милетиќ.

Неговиот колега Ѓошо Вангелов се надоврза дека бил загрижен оти без градење општината немало да собере доволно пари за градоначалникот да ги направи сите проекти што им ги ветил на граѓаните.

Седницата имаше мошне невообичаен тек за македонски политички услови. Сопартијци се судираа меѓу себе, а опозицијата тешко им конкурираше на членови од мнозинството во критиките кон одлуките на градоначалникот.Во салата чии прозорци се заградени со решетки по упадот на насилна толпа во 2013 година (за што СЈО води случај), советници од СДСМ ја обвинуваа претседателката, која е граѓански активист и не е членка на партијата, дека сака да се претстави како поголем поборник против ДУП-овите од нив, а тие физички беа нападнати. Сепак тие на крајот гласаа воздржано за продолжувањето на мораториумот.

Петнаесетина граѓани го чекаа редот да дојдат до збор. Некои беа револтирани од драстичните промени што им се случиле на населбите каде што живееле со децении. Други беа членови на граѓанските иницијативите за хуман урбан развој, од каде што доаѓа и претседателката Белчева. Трети, пак, со папки во рацете им објаснуваа на „одметнатите“ советници дека имаат преддоговори со инвеститори и дека трпат штети поради мораториумот.

„Урбанистичкиот план не е документ што служи само за издавање градежни дозволи и за собирање пари. Со него се уредуваат основните животни услови на луѓето“, им порача на советниците архитектката Искра Михајловска, членка на иницијативата „Здравје пред профит во Центар“.

Богдановиќ остана на својот став.

„Плановите се правени според интересите на инвеститорите. Има прекумерно искористување на параметрите за градење и нема минимално растојание меѓу објектите“, рече градоначалникот, додавајќи дека визијата на општината била политиките и одлуките да ги носат граѓаните, да постои соодветна социјална заштита, да се врати зеленилото онаму каде што може, да се намали загаденоста, да се реши проблемот со паркирањето и да се обезбедат градинки каде што нема.

Еден план за спротивставени интереси

Тешко е да се усогласат интересите на сите во Маџир маало | Фото: БИРН

Но Маџир маало е место во кое е многу тешко да се усогласат интересите на сите граѓани. Според анкетата што ја презентираше Белчева, 22 отсто одговориле дека условите за домување им се добри, 26 дека им се средни, а дури 52 рекле дека живеат во лоши услови.

„Не се согласувавме кога се носеше планот, но сепак го усвоија. Сега предложиле нов, но и тој мислиме дека нема ништо да смени на подобро“, вели Драган Атанасовски, кој беше претседател на урбаната заедница кога се усвојуваше сегашниот ДУП.

Атанасовски е роден маџирмаалец и живее во маалото повеќе од 60 години. Објаснува дека токму големата нееднаквост во условите за живот придонесува да има различни интереси и притисоци. Затоа и се барале поголеми димензии, за полесно да се привлечат градежни фирми.

„Има многу луѓе што живеат во супстандардни услови, и нормално дека тие одвај чекаат да им се овозможи да се договорат со инвеститор и да си го решат станбеното прашање. Од друга страна, оние на коишто им беше подобро сега се загрозени од големината и од густината на градбите. Неможе населбата толку да порасне, а да немаме градинка, училиште, зеленило, некаде каде што ќе можеме да прошетаме. Ги носиме децата преку булевари на училиште, зашто најблиското ни е во Општина Аеродром и таму не ги пуштаат веќе“, објаснува Атанасовски.

Но има и граѓани што се загрижени поради можноста да се намалат димензиите на градбите. Тоа го истакна и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васко Робовалиев, кој и самиот живее во Маџир маало. Според него, граѓаните го прифатиле планот, зашто им овозможувал да си ги решат станбените услови во соработка со инвеститорите. Дел жители на маалото што ги контактиравме ни рекоа дека се уморени од постојаните промени на идеите какво треба да биде маалото.

„Треба конечно да се реши. Ако се прават згради, да бараме инвеститори, ако не, секој сам да си го уреди својот дом. Ни поминуваат животите во чекање на таа одлука и условите ни се влошуваат“, ни изјави еден од нив.

Атанасовски и натаму верува дека може да се најде заедничко решение. Во спротивно, вели тој, планот би бил неправеден за голем број жители.