Регион

Ревизијата на холокаустот е широко распространета во Хрватска

Ања Владисављевиќ, Загреб

Според податоците на Спомен-подрачјето Јасеновац, усташите, помеѓу 1941 и 1945 година, убиле повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти

Во новиот извештај, во кој се зборува за начинот на кој земјите од ЕУ се справуваат со наследството на холокаустот, се вели дека Хрватска има еден од најголемите проблеми, кога се зборува за историскиот ревизионизам и минимизирањето на злосторствата извршени за време на Втората светска војна.

Во извештајот кој говори за ревизијата на холокаустот, кој е студија за начинот на кој секоја земја од Европската унија се справува со последиците од злосторствата извршени во Втората светска војна, а кој беше објавен денеска, Хрватска се спомнува како една од најпроблематичните земји во Европа, кога е во прашање историскиот ревизионизам.

Во извештајот, кој беше објавен во рамките на проектот, Сеќавање на холокаустот, а кој се темели на работата на истражувачите од универзитетите Јеил и Гринел, се вели дека ревизионизмот на холокаустот, е во најголема мера изразен во државите што се понови членки на ЕУ во Централна Европа – Хрватска, Унгарија, Литванија и Полска.

„Сеќавањето на холокаустот во Хрватска е проблематично”, се вели во извештајот, при што се укажува на континуираната употреба на усташкиот поздрав, на нејасниот став на хрватската влада и на католичката црква кон наследството на холокаустот во оваа земја, на контроверзноста околу Јасеновац и на објавувањето на книги кои го минимизираат бројот на жртви во овој логор.

„Мала е реституцијата кон еврејската заедница. Не постојат музеи на холокаустот. Хрватска страда од недостиг на консензус за главниот воен концентрационен логор во Јасеновац. Во изминатите три години, еврејската, српската и ромската заедница, ја бојкотираа официјалната комеморација во Јасеновац“, се вели во извештајот.

Сепак, во него се потенцира дека „не сите од Централна Европа се движат во погрешна насока”, при што Романија се наведува како позитивен пример.

„Под водство на еден човек кој е роден во Романија и кој го преживеал холокаустот, кој е добитник на Нобелова награда, Ели Визел, (романската) Владата овласти независна комисија. Таа го откри и го објави фактот дека најмалку 280.000 романски Евреи, заедно со други групи, биле масакрирани во Романија во логорите на смртта (во текот на Втората светска војна)“, се вели во извештајот.

Во него се повикуваат „државите со проблематично минато, како што се Хрватска, Бугарија, Полска и други” да го следат примерот на Романија и да формираат слична независна комисија, која ќе ја проучи нивната историја на холокаустот.

Авторите на извештајот нагласуваат дека сакале „да ги поддржат оние земји кои презеле силни активности во борбата против ревизионизмот на холокаустот и да покажат со прст кон оние што мора да сторат многу повеќе за да се помират со своето минато”.

Откако во Втората светска војна силите на Оската ја нападнаа Југославија, усташкото движење, на 10 април 1941 година, ја прогласи Независната Држава Хрватска, НДХ.

Усташите, по примерот на германскиот СС, применуваа нацистички расистички закони, целејќи ги и убивајќи ги Евреите, Србите, Ромите и антифашистите.

Според податоците на Спомен-подрачјето Јасеновац, усташите, помеѓу 1941 и 1945 година, убиле повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.