За него пишуваа „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“. Беше еден од десетте режисери што во 2022 ги препорача угледниот американски магазин „Вараети“(„Variety“).
Дистрибутери на неговите филмови се продукциските гиганти „Focus features“ и „Universal pictures“.
За австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски, светската критика не штеди пофални зборови, претставувајќи го безмалку како режисерска „егзотика“, особено во портретирањето на луѓето од маргините.
Неговиот успех почнува со фестивалот „Санденс“ во 2018 година, кога краткиот филм „Види ја ти неа“ (Would you look at her) беше прогласен за најдобар краток интернационален филм.
Тоа е и пресвртната точка во неговата кариера. Оттогаш станува повидлив во филмскиот свет, иако, како што вели самиот, и потоа му биле потребни уште години за пробив во филмската индустрија.
Во три години ги снима трите долгометражни филмови „Нема да си сама“ (You won’t be alone) „За некоја година“ (Of an Age) и најновиот, „Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners). Во сите од нив покажува зрел режисерски пристап, и во изборот на темите, и во градењето на ликовите и атмосферата.
Но, овој успех е резултат на 20-тина години напорна работа.
Скромен, срдечен и непретенциозен, впрочем какви што се и неговите филмови, Столевски, во интервју за БИРН, со насмевка говореше како бавно и трпеливо го пробивал патот во филмскиот совет.
Од Тетово во предградие на Мелбурн
Од родното Тетово, каде што живеел со семејството до неговата 12-та година, се преселуваат во Австралија, во 1997 година.
Миграцијата не била само географски, туку и културен ескапизам, затоа што, како што вели, тоа токму било времето кога почнал да станува „необичен“ за македонската средина, алудирајќи на неговата различна сексуална ориентација.
Веќе 20 години живее заедно со неговиот сопруг, кој е научник и негов прв критичар и огромна поддршка.
„Тој секогаш е првата публика, и за сценариото, и за првата монтажа. Тој е гледач со сличен вкус на мојот. Научник е за медицинско иследување. Кога ќе ми даде некоја забелешка, знам колку вреди да се слушне тоа. Дваесет години сме заедно. Обично од него не барам забелешки како што барам од продуцент, ама морам да речам дека создал доста искуство и знаење“.
„Во последното сценарио, белешките му беа мошне корисни, што станува страшно,“ се смее.
Покрај сопругот, огромна поддршка му е и семејството. Татко му работи како возач, а мајка му работи во социјална служба.
Се сеќава дека штом на 14 години добил државјанство, веднаш потоа се вратил на неколку месеци дома, бидејќи има многу роднини, а, како што вели, пораките или повиците „ја немаат таа моќ како што ја има непосредниот контакт“.
Но, и покрај тоа, не чувствува дека целосно припаѓа на некоја од двете културни средини. Таа „невдоменост“ ја потенцира и во неговите филмови, кога вели дека сака „филмот да постои во неговата бездомност, не е нешто што форсирам да постои“.
„Не знам дали е виновна Австралија. Можеби сум виновен јас што не сум се вклопил доволно“, вели тој со дозиран автокритицизам. „Дури и кога би останал во Тетово, „би бил поразличен од другите и не би се чувствувал како да сум дома“.
Припадноста на две култури може да биде предност, вели тој, опишувајќи ги „слоевите“ од неговите различни идентитети, особено културните.
Но, тој очигледно припаѓа на луѓето што не го врзуваат географски и со културни граници. Тоа, како што вели самиот, е и предност.
„Да си аутсајдер во две култури е корисно. Без таа перспектива што ми ја остави животот, не знам дали би имал доволно способност да создавам ликови и приказни. Очигледно има и негативни страни, ама и позитивни“.
Дури е задоволен што работата под таков „мигрантски“ притисок го принудила да си постави повисоки стандарди за себе и да работи макотрпно.
Студени мејлови
„Почнав да гледам филмови. Не беше тоа со умисла да станам филмаџија“, евоцира дел од спомените Столевски, говорејќи од каде му доаѓа поривот за филмската уметност. Завршува факултет за креативни уметности во Мелбурн и магистрира филм на Викторијанскиот колеџ за уметности во Велика Британија.
Во тој период, но и многу порано почнал да им испраќа мејлови за соработка на продуценти во Македонија, кои не ги познавал. Не се жали на нивниот однос, напротив, вели дека биле коректни, иако неговите идеи едноставно не поминувале.
Уште потешко било во Австралија.
„Во таа позиција бев никој и ништо. Тие беа мошне фини, но и збунети зошто го правам тоа. Овде е поголема индустријата“, раскажува тој.
Му помогнало тоа што се сретнал со македонскиот продуцент Томи Салковски.
„Тој беше продуцент на мојот прв филм во Македонија. Се зачудив што воопшто сака да се сретне со мене. Направивме муабет. Му пратив неколку проекти и се нафати да биде продуцент. Без да се сними ‘Види ја ти неа’, не би бил каде што сум сега“.
За првиот долгометражен филм во Австралија бил одбиван многупати, а во Македонија, како по непишано правило „веќе строго одбиван“.
Сепак, дури и по успехот на „Санденс“ и со дотогаш снимени дваесеттина краткометражни филмови и други награди, повеќе од две години немал работа, но не престанал да пишува.
Раѓањето на „Домаќинство за почетници“
Еднаш годишно доаѓа во Македонија.
„Имам чуден нагласок кога зборувам македонски, веќе и размислувам на англиски. Кога размислувам на англиски, имам тежок акцент, така што овде сум многу повеќе странец отколку што сум таму“, вели на шега Столевски.
Сепак, македонската средина е поинаков „хабитат“ за живеење на геј-луѓе од австралиската.
„Не можам сопругот да го држам за рака, кога ќе ме праша некој кој ти е овој, и ќе речам дека е сопругот, не знам што потоа да очекувам“, раскажува тој и нагласува дека тоа не го прави за да се истакнат пред другите.
Таа слика е, сепак, многу поинаква во Австралија, каде што, како што рече, никој не обрнува внимание на тоа.
Во светот, како што вели самиот, поголемиот дел од ЛГБТИ+ луѓето „живеат во околности што се поблиски до македонското секојдневие, отколку до американското“.
Токму тоа и му било почетна точка за неговиот најнов филм „Домаќинство за почетници“, за која инспирација добил од фотографија на пријател.
„Тој објави слика на Фејсбук од неговата младост, значи на 20 години кога се преселил во Мелбурн, на крајот на 1970-тите, заедно со неговиот партнер, со кој 40 години се заедно и уште 8 лезбејки што живеат во една куќа“.
„Си реков – тука има приказна“.
А приказната портретира десет ЛГБТИ+ луѓе, кои живеат заедно во една куќа во Македонија. Тие се на различна возраст и од различни етнички заедници.
„Знаев дека сакам да има и деца, зашто ме интересираат повеќе генерации, бидејќи ние бевме шестмина во еден стан. Интересно ми беше што би се случило со таа динамика во една куќа“, вели Столевски, присетувајќи се и на неговото детство.
При доделувањето на специјалната награда квир лав на 80-от Венециски филмски фестивал, жирито објави дека овој филм е „невообичаено и храбро прикажување на етничката припадност, различноста, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емоционалните афинитети“.
Македонската ТВ премиера зависи од продукциите
На прашањето зошто „Домаќинство за почетници“ нема телевизиска премиера во Македонија, која е главен финансиер на филмот, Столевски вели дека дистрибутерите имаат правила, според кои, филмот мора да се прикажува одредено време во кината, па дури потоа на телевизија.
Вклучувањето Роми во приказната, всушност, потекнува од детството на Горан, во кое, четвртина од класот биле Роми.
„Тоа беше реалност. Документ за реалноста“.
Работата со актери што не се професионалци (натуршчици) му е особено драга.
„Секогаш ми е мило што работам со луѓе дури во некои улоги, натуршчици не размислуваат како изгледаат, туку влегуваат во приказната и искрени емоции испливуваат од нив. Дури и луѓе со по една реченица или реплика“.
„Кастингот почна уште неколку месеци порано. Дури и за време на снимањето, речиси до претпоследниот ден, Катерина Грубач (н.з. директорката за кастинг) беше во Шуто Оризари да се среќава со луѓе, да се среќава со по некој кандидат, имаше ситуација во која, некој ќе се премисли“…
Се согласува со впечатокот дека маргиналните групи во секое општество се илустративни за филм и дека сè повеќе тие приказни стануваат мејнстрим.
„Звучи апсурдно, но животoт на малцинството е формиран од мејнстримот“.
Не ги идеализирам ликовите
Тој вели дека геј-ликовите во неговите филмови не ги идеализира и нагласува дека во неговите филмови во фокусот е човекот, без оглед дали од ЛГБТИ+ заедницата.
„Никогаш свесно не се обидувам да транспонирам ништо автобиографски, сакам да се изгубам во сосема друга средина, да отидам во авантура“, вели Столевски, одговарајќи на прашањето колку од атмосферата, дијалозите или ликовите во неговите филмови се на некаков начин поврзани со неговиот приватен живот.
Дијалозите во неговите филмови имаат емотивен интензитет и изградени карактери, а во нив, природно се провлекуваат и нитки од неговиот живот.
Сигурен е дека „Нема да си сама“, е неговиот најавтобиографски филм. „Јас самиот сум поделен меѓу два лика“.
Многумина поврзувале некои од ликовите во филмовите со него, но тој вели дека поврзаноста е повеќе преку интензитетот на емоциите, случките, дијалозите, отколку преку конкретни ликови.
Столевски вели дека успехот го доживува како халуцинација.
„Сите овие работи во моментов не ги доживувам на некаков интензивен начин. Многу често првата реакција ми е неутрална“.
Свесен е за трудот што му бил и сѐ уште му е потребен за да се искачи повисоко во филмската индустрија.
По успехот од досегашните филмови се шегува дека станал и по малку разгален. „Ми праќаат филмови што јас ги одбивам. Тоа е луксуз за мене, и не би можел да го замислам пред неколку години, а камоли пред петнаесет“.
Иако сега му е полесно, сепак, вели дека има и предизвици, особено ако сака во некој од неговите филмови да игра актер од светски ранг.
Тоа подразбира „натпревар“ со врвни и признаени филмаџии, за некој од актерите да издвои еден час и да го прочита неговото сценарио.
Следните филмови што сака да ги сними бараат многу повеќе. Веќе има готови сценарија.
„Денеска ми пропадна еден проект, пред три часа, но веќе за следниот имам позитивни сигнали“, вели со насмевка Столевски.