Интервјуа

Ристоска: Разочарана сум што нема реформи на партиското финансирање

Во канцеларијата на специјалната јавна обвинителка, Ленче Ристоска, преполна со уредно срочени кластери обележани со имиња на предметите што почнуваат на „Т“, свежи цвеќиња и по некој новогодишен украс, разговаравме за актуелните состојби во правосудството, нејзините лични впечатоци за изборот на новиот државен јавен обвинител, предметите кои и се најдраги, како и за нејзините желби и планови за наредната година.

Елоквентната и млада обвинителка срдечно не прими во нејзината канцеларија и отворено одговараше на нашите прашања, искрено признавајќи дека на почетокот, кога беше назначена за портпарол на СЈО, знаела да направи грешка и да почне да одговара на новинарските прашања без да ги дослуша докрај.

„Јас сум личност која е високо самокритична, па сега се имам потрудено да го зголемам нивото на трпеливост кога станува збор за одговарање на новинарски прашања.  Бидејќи претходно немав контакт со новинари, нормално беше да се случуваат почетнички грешки“, вели таа.

Во однос на критиките дека во јавниот настап на „триото“ составено од неа, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, некогаш знаат да бидат пречекорени границите на дозволено во однос на реториката, таа вели дека секоја критика ја сфаќа како добронамерна.

„Во дел од реакциите лично препознав добронамерни критики и сериозно ги прифатив. Никој не е безгрешен и може да се случи во дел од нашите јавни настапи да се движиме на самата граница на она што е дозволено, но секогаш сме внимавале да се почитуваат правата на граѓаните и на осомничените, така што верувам дека нашите настапи секогаш биле избалансирани имајќи го во предвид јавниот интерес“.

СЈО е успешно поради својата автономија

Успехот на ова обвинителство се должеше на високиот степен на автономија што го имаше во однос на другите обвинителства | Фото: БИРН

СЈО во моментов има можност да отвора нови истраги, но не може да поднесува обвиненија. Тоа значи дека во моментов законот не дава одговор за можни сценарија по завршувањето на истрагата за одреден предмет.

За тоа каква ќе биде судбината на СЈО во иднина, во однос на поднесувањето обвиненија, Ристоска тврди дека примерите од блиските држави како Црна Гора и Романија каде што обвинителствата уживаат висок степен на автономија, можат да се земат како урнек и да се применат кај нас.

„Успехот на ова обвинителство се должеше на високиот степен на автономија што го имаше во однос на другите обвинителства. Во соседството постојат решенија каде обвинителствата се дел од хиерархијата на Јавното обвинителство, меѓутоа уживаат висок степен на автономија. Конкретни решенија сè уште нема, но мислам дека се работи на реформа на целокупниот систем која треба да ги отстрани сите системски слабости“’, вели Ристоска.

Еден од предметите  што остана на ниво на истрага и не го фати рокот за поднесување обвиненија што истече кон средината на јуни годинава, е „Талир“, случај што се однесува на финансирањето на поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Истрагата утврди дека во периодот од 2009 до 2015 година на партиската сметка незаконски легнале 5 милиони евра.

Доза на разочараност се јавува кај Ристоска во однос на овој предмет, што ја отвори Пандорината кутија за злоупотребите на државните ресурси за партиски интереси, а сепак во јавноста изостана дебатата за можни законски измени во однос на финансирањето на политичките партии.

„Разочарана сум што и покрај тоа што се случи промена на власта, не се разви дебата околу начинот на финансирање на политичките партии и не се отвори прашањето како на долг рок ние ќе се бориме против корупцијата, ако не спроведеме реформи кои ќе го таргетираат токму процесот на финансирањето, неговата транспарентност и инволвираните субјекти во тој процес“.

Нужно е, потенцира Ристоска, да се отвори дебатата за измени во Законот за финансирање на политичките партии, спречување на перење на пари, како и за слободен пристап до информации од јавен карактер каде политичките партии се изземени како институции кои треба да доставаат податоци на барања.

„Тоа се центри на моќ кои понатаму можат да ја злоупотребуваат државата преку функциите кои ги вршат“, смета обвинителката.

ДУИ не е амнестирана од постапките на СЈО

Сите предмети на кои имам работено, се имам вложено максимално и во сите сум оставила дел од себе | Фото: БИРН

Во последниов период се провлекуваат две критики на сметка на СЈО – реакции во јавноста имаше кога обвинителството кон средината на месецов се откажа од барањето за замрзнување на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а најголемите критики ги трпи поради впечатокот дека Демократската унија за интеграција – ДУИ  е амнестирана од истрагите и поднесените обвиненија.

Ристоска вешто одговара на овие прашања, тврдејќи дека никој не е амнестиран од истрагите што ги води институцијата.

„Во однос на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, го повлековме барањето за заштита на законитоста пред Врховниот суд бидејќи сметавме дека во оваа фаза веројатноста за отуѓување на тој имот е многу намалена, имајќи ги в предвид сите околности од овој случај, посебно дека осомничените лица веќе не се на одлучувачки функции. Тоа не значи дека не ја следиме будно состојбата“.

Што се однесува до ДУИ, таа вели никој е амнестиран од овој процес.

„Во разговорите треба да се пронајде индиција за сторен криминал, а потоа и таквата индиција да биде потврдена со материјални и вербални докази. Впрочем, во еден од предметите како обвинет се јавува и претставник на ДУИ, а имаме и обвинение и за претставник на другата албанска политичка партија ДПА“.

Ја прашуваме и дали има одреден предмет кој ѝ е особено драг, а таа веднаш почнува да зборува за предметот „Талир“, а потоа продолжува да зборува за „Тврдина – Таргет“, па оттаму неизбежен ни беше заклучокот дека нема омилен предмет.

„Сите предмети на кои имам работено, се имам вложено максимално и во сите сум оставила дел од себе, затоа што имав мотив сите тие предмети да успеат“.

Сепак, најзадоволна е што СЈО успеало да дојде до одговорот кој всушност прислушувал во Република Македонија.

„Успеавме да обезбедиме материјални докази за тоа кој прислушувал во Македонија. Сето ова впрочем се случи токму поради постоење на прашањето и неистражувањето на скандалот со прислушувањето, посебно од аспект на тоа кој навистина прислушувал. Последната истрага што ја имаме, „Странски служби“ покажува дека сите теории кои во еден период беа пласирани за да се прикаже една поинаква состојба од реалната, успеавме да ги побиеме и да докажеме дека вистината е една, а тоа е она што СЈО го има како доказ во предметот „Тврдина – Таргет“.

Има промена на односот на судот кон СЈО 

Скопје 2014 по својот обем ги надминува сите предмети што досега ги работело СЈО, не само по обем, туку и по комплицираност | Фото: БИРН

Судиите им одбиваа барања за претреси, барања за одредување притвор, имаше дури и недолични коментари на судии искажани кон специјалните јавни обвинители во судницата. Ова се случуваше непосредно по формирањето на СЈО, кога судството и оваа институција личеа на две спротивставени страни. Со промената на власта, оваа тенденција како да се смени, па наеднаш судиите и специјалните обвинители како да застанаа на иста страна. Ја прашавме Ристоска дали и таа, како специјален јавен обвинител, ја забележала оваа нова практика на судиите која настапи со падот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Почувствував, лично, а верувам и дел од колегите осетија дека има промена на односот на судот кон СЈО, односно кон постапувањето на предметите што ги водиме. Дали е тоа поврзано со промената на власта или со други состојби, не би можела да кажам, мислам дека за тоа самите судии треба да појаснат кој беше мотивот да го променат односот. Можеби тоа се случи и затоа што постапките преминаа во друга фаза, во фаза на судења, кога судиите имаат можност да ја согледаат обемноста на доказниот материјал кој СЈО го имало сработено па оттаму е подигнат и степенот на доверба кон СЈО“.

За новиот јавен обвинител, од она што го знам од колегите, имам стекнато впечаток дека се работи за умерен, одмерен човек кој си ја знае професијата и е исклучителен професионалец, кој е навистина чесен 

Сепак, вели таа, дури и во периодите кога соработката со судот била на најниско ниво, меѓу судиите се наоѓале позитивни примери на добра соработка.

„Тоа беа исклучоци од судии со кои соработувавме и верувам дека поради нивниот придонес ние успеавме да собереме многу клучни докази во предметите за кои има обвиненија“.

Со голема страст Ристоска зборува и за реформите во правосудниот систем пред кои Македонија е исправена долг период.

„Последните извештаи на Прибе содржеа и реченица која вели дека на некои судии треба да им се забрани да практикуваат право доживотно, што е многу сериозна индикација, во такви сериозни извештаи да добиете таква оцена на правосудството. Затоа сметам дека е најважно да се подигне интегритетот на судството и да се ослободи од било какви влијанија, за да добиеме трета власт која ќе биде коректив на другите власти. Патот до таму мислам дека ќе биде еден од најтешките кои Република Македонија во наредниот период треба да го изоди“, вели Ристоска.

Во контекст на ова, ја прашуваме и за нејзиниот впечаток за новиот јавен обвинител Љубомир Јовески. 

„Од она што го знам од колегите, имам стекнато впечаток дека се работи за умерен, одмерен човек кој си ја знае професијата и е исклучителен професионалец, кој е навистина чесен, еве, погледнете го неговиот имотен лист. Верувам дека тој поседува интегритет да си ја врши својата функција. Барем до сега, сите негови дејствија не упатуваат на тоа дека заземал било какви страни во неговото постапување и нема скандали кои го следат. Иако во јавноста има сомнежи дали тој ќе успее, јас сметам дека прашањето на интегритет е лично прашање и никој не може да гарантира за вашиот интегритет освен вие самите“.

Во 2018 се надевам дека работата на СЈО ќе биде инспирација за сите други јавни обвинителства и дека нивната состојба ќе се унапреди во однос на човечки и други ресурси, затоа што покажавме дека ако обвинителствата имаат ресурси, ќе имаат и капацитет за борба со криминалот

Ристоска најбрзо одговара на прашањата кои се однесуваат на работата на Специјалното јавно обвинителство, а се збунува кога треба да одговори на некое лично прашање. Неколку секунди се замисли пред да ни ги каже желбите и плановите за 2018 година.

„Се надевам дека ќе успееме да видиме барем неколку осудителни пресуди, барем во предметите кои се најзначајни за СЈО, дека ќа детектираме каде се наоѓаат голем дел од финансиските средства за што сега се водат повеќе предистражни постапки и дека ќе успееме да замрзнеме имот и имотна корист која нелегално била прибавена во државата. Исто така се надевам дека работата на СЈО ќе биде инспирација за сите други јавни обвинителства и дека нивната состојба ќе се унапреди во однос на човечки и други ресурси, затоа што покажавме дека ако обвинителствата имаат ресурси, ќе имаат и капацитет за борба со криминалот“.

Сакавме да излеземе и малку надвор од темите за СЈО, па ја прашуваме и за нејзините лични желби за наредната година.

„Да нема загадување и да ја довршам магистерската теза која е поврзана со привремени мерки за обезбедување на имот и предмети во кривичната постапка“, вели таа, без размислување.

„Навистина се надевам дека конечно ќе почнеме да се интересираме и за други прашања освен за егзистенцијалните, па во фокусот ќе се стави и квалитетот на воздухот, водата и храната која ја конзумираме и дека ќе покажеме повисоко ниво на свесност кон околината што нè опкружува, а за чие уништување самите ние сме одговорни“.