Интервјуа

Родео-јавач и последен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Јас бев како родео-јавач, и издржав три години. Не само што сака коњот да ве исфрли, туку и другите сакаат да ве турнат, вели Трајко Славески во интервјуто за БИРН додавајќи дека секогаш е така кога принципиелно преземате ризици со реформи

Ако не преземете ризик, нема реформи, вели Славески | Фото: З.Ричлиев

Ако не преземете ризик, нема реформи, вели Славески | Фото: З.Ричлиев

Тој е последниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. На Конгресот на партијата во 2007 година „од непознати причини“ како што вели самиот, премиерот Никола Груевски одлучил да не предлага нови потпретседатели, па така Трајко Славески, професорот на економскиот факултет и поранешен министер за финансии, влезе во историјата.

Неговиот тригодишен мандат од 2006 до 2009 година го споредува со родео-јавачите, кои покрај тоа што едвај издржуваат во седлото, мора да ги истрпат и „оние од страна“ кои што сакаат да ги турнат. Вели, секогаш е така кога се однесувате принципиелно, кога преземате ризици со реформи.

„На пример, ви доаѓа пратеник од Струмица со некој функционер и сака да протежира некој сопствен интерес за денационализацијата. Но, тоа кај мене не поминува. Така си создавате непријател од пратеникот“, посочува Славески. „Факт е дека тоа е сериозна функција и три години не е малку. Највештите родео јавачи остануваат на коњ најмногу три минути“, додава тој.

Славески во јули 2009 година беше реконструиран од министер за финансии од страна на премиерот, кој „одлучил дека треба друг човек на тоа место“ со образложение дека е потребна поголема координираност со другите институции.

Како што вели, него не го интересирало никогаш што е позадината и не навлегувал во деталите. И покрај тоа, на собраниската седница на која беше изгласано неговото разрешување, тој како единствен од тројцата министри кои беа сменети, зема збор.

Рече дека само мртвите риби секогаш пливаат по течението на реката. Дека неговиот стил не е со закани, со уцени, со казни и дека слободните луѓе одат во спротивност на течението на реката. Пет години подоцна, изгледа дека професорот повеќе стои на брегот и ја набљудува реката отколку што плови по нејзиното течение.

Професорот Славески е едуциран со Фулбрајтова стипендија на угледни универзитети во САД, меѓу кои Харвард, но и Калифорнискиот државен универзитет | Фото: З.Ричлиев

Славески е едуциран со Фулбрајтова стипендија на угледни универзитети во САД

Професорот Славески е едуциран со Фулбрајтова стипендија на угледни универзитети во САД, меѓу кои Харвард, но и Калифорнискиот државен универзитет. „Таму има критериуми и стандарди и не може со блеф“, вели тој.

Славески е еден од авторите на антиинфлаторната програма заедно со професорите Михаил Петковски и Гоце Петрески, првиот министер за развој. Вели, бил изненаден кога во 1999 година, токму министерката за развој Милијана Даневска му споменала дека премиерот Георгиевски има намера да изврши реконструкција на владата и се интересира дали може тој да прифати некој од економските ресори.

„Никој тогаш не побара да потпишам пристапница. И станав министер за развој на местото на Даневска, која што отиде на местото на Груевски, кој прво беше министер без ресор па потоа за трговија, а на крај за финансии“, вели Славески.

Но, тоа не траеше долго бидејќи под притисок на Европската унија, министерството за развој се спојува со финансии и економија.

„Осумдесет проценти од вработените преминаа во министерството за финансии, а 20 во министерството за економија. Јас останав без работа. Наредниот ден се вратив на факултет. Но, не користев апанажа, исто како и по заминувањето во 2009 година. Реков, нема потреба, јас имам професија, каква апанажа какви бакрачи“, вели професорот присетувајќи се на тие денови.

Тогаш за прв пат почувствувал дека „кога сте во политиката некогаш и политичкиот грб може нешто да значи“. Тој тогаш не бил член на партијата и, како што вели, имало моќни луѓе кои можеби не му биле наклонети.

„Како Доста Димовска или Марјан Ѓорчев, поранешниот министер за земјоделие и градоначалник на Кисела Вода, инаку и потпретседател на партијата. Тогаш, јас не се согласував со него за време на седниците на Владата во однос на Светската банка, ММФ итн. Познато е дека Ѓорчев земјоделците ги однесе да протестираат пред Светска банка. Глупост невидена“, вели Славески потсмевнувајќи се.

Имал конфликт и со коалициониот партнер Васил Тупурковски во однос на улогата на Анте Марковиќ, кој што беше ангажиран како консултант. „Се гледаше дека човекот веќе беше истрошен“, вели Славески, додавајќи дека огромниот хонорар на Марковиќ не му го исплатиле бидејќи немало пишан договор.

Во 2007 година на Конгресот во Штип не знам од која причина Груевски не предложи нови потпретседатели и оттогаш партијата нема потпретседатели, вели Славески | Фото: З.Ричлиев

Од 2007  партијата нема потпретседатели

За време на носењето на Законот за трансформација на Заводот за платен промет во 2001 година, со кој се променија многу работи во начинот на примање на плата, на исплаќање и справување на луѓето со семејниот буџет, тој бил консултант.

„Груевски имаше формирано комитети и еден од нив беше за реформата во Заводот за платен промет. Во комитетот членуваа претставници на сите банки и на ЗПП и експерти од министерството, но немаа мрднато од мртва точка. По неколку состаноци, кога видов дека работава не ја бидува без некој радикален пресврт, го предложив првиот член на законот: Заводот за платен промет престанува да постои со работа на 31.12.2002 година. Така почна целата работа. Потоа Комитетот го подготви тој закон, банките почнаа да се подготвуваат да го преземат платниот промет и така заживеа законот во пракса. Тој направи големи промени“, вели Славески.

Слично било и со воведувањето на ДДВ-то кое беше со години одлагано. „Груевски веќе неколку месеци беше министер за финансии, а јас министер за развој кога во март 2000 година почна кампања за одложување на примената на законот за ДДВ кој требаше да почне да се применува од април“, вели Славески..

„Во владата некој требаше да пресече, одложуваме или одиме. Се сеќавам на таа историска седница во март 2000 година кога имав можеби 30 минутна дискусија и од тоа, на некој начин, се охрабри и премиерот. Му помогнав на колегата Груевски да не се одлага реформата и да се истурка таа работа. Потоа имаше протести и негодувања, како и со секоја друга реформа, со укинувањето на чековите, фискализацијата, бруто-платата …“, раскажува професорот.

Со две нозе во политиката влегол по поразот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите 2002 година кога тогашниот лидер донел добра одлука дека со него на чело не оди и го поддржал Никола Груевски.

„Можеби пет, шест месеци пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година, кога беше избран Груевски за лидер, тој ми пријде и ми кажа што е намерата: дека сака да продолжиме да соработуваме и да станам член на Извршниот комитет. Тогаш јас станав и член на ВМРО-ДПМНЕ. Одлучив дека треба да му се помогне на Груевски и сето останато е историја. Подоцна дури и станав потпретседател на партијата. Поточно, јас сум последниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2007 година на Конгресот во Штип, не знам од која причина, Груевски не предложи нови потпретседатели и оттогаш партијата нема потпретседатели“, вели Славески.

Во однос на реформата со која се воведе рамниот данок, тој посочува оти е нормативен ставот дека тие што заработуваат повеќе треба да плаќаат повеќе.

„Нема доказ дека со прогресивното оданочување се зголемува ефикасноста во економијата. Ние проценивме, и тоа се покажа во пракса како точно, дека во конкретните околности тоа беше она што одговараше за Македонија. Во период на мали капацитети на јавната администрација и на Управата за јавни приходи, слаба даночна дисциплина, ова влијаеше во голема мера на сивата економија и затајувањето на даноци“, вели Славески.

„Прашањето е дали има некој попаметен од мене да ја убеди јавноста и да дојде во ситуација да рече добро, ова си ја заврши својата работа бидејќи ништо не е вечно. Сега, заради тоа што негативните страни можеби преовладуваат над позитивните, одиме на воведување на прогресивни стапки“, вели тој. Додава дека бил за ниски даноци на доходот и на профитот, но против намалување на акцизите, како на пример оние за луксузните возила, што можеби идеолошки е неконзистентно.

Славески посочува оти она што е прикажано како долг на Централната влада е она што го прифаќаат меѓународните финансиски институции како методологија за пресметка | З.Ричлиев

Долгот на Централната влада е она што го прифаќаат меѓународните  институции како методологија

За реформата „Бруто-плата“ вели оти било многу сложена и имало страшен отпор, особено кај „оние што ќе беа губитници од реформата, односно сметководителите, кои не сакаат поедноставување“.

„Беше голем ризик, но јас сум човек што сака да прифаќа ризици. Дури и во владата во тој момент не беше приоритетно. Но, истото го направив како и со Заводот за платен промет, ставивме датум: почнува да важи од први јануари и нема одлагање. Ако не преземете таков ризик, нема реформа“, дециден е Славески.

Славески се вклучува и во дебатата за јавниот долг, во која поранешниот гувернер Петар Гошев и сегашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески ги спротивставуваат своите мислења. Гошев предупредува дека задолжувањето на Владата надминува половина од Бруто-домашниот производ, додека Ставрески вели дека е околу 30 отсто.

Но, Славески посочува оти она што е прикажано како долг на Централната влада е она што го прифаќаат меѓународните финансиски институции како методологија за пресметка.

„Сега тоа можеби е малку потесна дефиниција бидејќи ги исклучува јавните претпријатија и јавната самоуправа. Но, мислам дека пристапот на Владата е во согласност со меѓународните стандарди. Друга е дебатата околу нивото, висината и темпото на раст на долгот. Неодговорно однесување од аспект на задолжување е неодговорнот кон идните генерации“, заклучува Славески.

Тој ги брани потезите на власта и во однос на предлог измените на Уставот за формирање на финансиските зони велејќи дека „Македонија не е остров и има значителни обврски кон меѓународната заедница и останува силна желбата за приближување кон ЕУ и евентуално членство“.

Иако пет години е надвор од политиката, изгледа дека Харвардскиот студент кој е решителен и не се плаши да презема ризици е како каубојот кој веќе ги спакувал мамузите и седлото, го симнал шеширот и ја продал стоката. Вели, не би прифатил повторно да министерува и би останал професор.