Регион

Романија уапси српски државјанин за наводен геноцид извршен во Хрватска

Ана Марија Лука, Свен Милекиќ | Букурешт, Загреб
 

Стеван Будац. Фотографија на пограничната полиција на Романија

Романската погранична полиција го уапси 50-годишниот Стеван Будац во саботата, на царинскиот пункт во пристаништето Галати, на реката Дунав, при контрола на неговиот пасош.

Според романската полиција, Будац бил уапсено врз основа на европскиот налог за апсење базиран на одлуката на судот во Осиек, Хрватска, со која Будац е осуден за геноцид и за „терористички акти“ против Хрвати и Унгарци извршени во селото Змајевац, во периодот 1991-1995, кои наводно тој ги извршил како член на организирана паравоена група.

Злосторствата во Змајевац се извршени кон крајот на 1991 година од страна на српските паравоени сили, за време на бунтот на Србите во Хрватска.

Будац е државјанин на Србија и живее во Кикинда, во близина на границата со Романија. Тој работел како член на екипажот на еден српски брод што пловел за Украина, објави романската погранична полиција.

Во нејзиното соопштение се додава оти Апелацискиот суд на Галата издал налог за апсење во времетраење од 15 дена, заради усогласување со европската потерница издадена од Хрватска.

Во моментов, Будац е во полициски притвор во Галац.

Според извештајот на ОБСЕ за судењата на воените злосторства во 2007 година, Врховниот суд на Хрватска во 2006 ја поништил пресудата за Будац, која била донесена во негово отсуство.

Звонко Кухариќ, портпарол на државното обвинителство во Осиек, за БИРН изјави дека обвинението против Будац е поднесено пред Окружниот суд во Осиек, за воени злосторства над цивили.

БИРН не можеше независно да потврди дали Будац веќе е осуден за наводните злосторства или не.