Репортажи

Розовиот македонски рубин во сива зона

Државата не го регистрира овој полускапоцен камен и трговијата со него е нерегулирана

Се наоѓа фрлен на јаловишта. Се продава на црно на интернет и на социјалните мрежи.
Го има само во ретки продавници за накит. Мајсторот што го обработува си го крие идентитетот, а автентичноста се докажува од око, бидејќи државата нема соодветни документи за да го регистрира и да го заштити.

Ова е приказната за минералот корунд, познат како македонски, односно прилепски рубин.
Ако пред една или две децении, македонскиот рубин се споменуваше како куриозитет, дека и во Македонија може да се најдат скапоцени камења, денес веќе има големи, но нерегулирани бизнис-шеми околу овој скапоцен материјал.

Државните институции, пак, оставаат ова природно богатство да се експлоатира без контрола наместо да овозможат дел од заработката од рубинот да завршува во буџетот.

Во ревизорскиот извештај за експлоатација на минерални суровини, објавен во јуни годинава, ревизорите главно се фокусираа на мермерот и заклучија дека концесионерите несразмерно се богатат од наоѓалиштата на квалитетен домашен мермер во Прилепско, како Сивец, Беловодица и други, додека државата од тоа добива само мал процент.

На нецели три од тие 114-те страници, пак, посебно го истакнуваат проблемот со полускапоцениот минерал корунд, односно рубинот, кој се ископува заедно со мермерот.

Процентот што државата го добива од неговото искористување е нула, бидејќи, и покрај тоа што процедурите се завршени, тој не е регистриран како минерал во законот, за да може регуларно да се експлоатира и со него да се води регуларен бизнис.

Иако поради оваа состојба, трговијата со македонскиот рубин може да навлезе во сферата на сивата економија, тоа не ги спречило државните институции да купуваат накит со овој камен за репрезентација и да го подаруваат на високи гости од странство.

Рубини од Прилепско носат Папата Бенедикт Шеснаесетти, филмските диви Кетрин Денев, Дерил Хана и други.

Богатство закопано на депонии

Присад, прилепско | Фото: БИРН

На патот кон селото Присад, секој автомобил ќе побели, без разлика со каква боја дошол до Прилепското езеро. До оваа акумулација има асфалтиран пат, но оттаму до Присад тој е покриен со мермерна прашина.

Според последниот попис, ова село на десетина километри северно од Прилеп, има четворица жители.

Екипата на БИРН, пак, кога го посети во еден топол јулски ден, не најде никого.

Имаше само полуразурнати куќи, затворена пошта со телефонска говорница, како и селска чешма од која бликаше вода, со корита за напојување на стоката. Траги од добиток се гледаа, но до чешмата друштво ни правеа само две кучиња.

Сликата, пак, околу Присад е поинаква.

Селото се наоѓа веднаш до рудникот Сивец, најголемото наоѓалиште на мермер во земјава. Мермер имаше насекаде во околината. Толку многу, што од мермерни табли беа направени и локалните патокази. Багерите копаа во рудникот, а камионите изнесуваа повеќетонски блокови.

Ситните парчиња што се издробиле додека се сечеле блоковите, пак, се натрупани во јаловишта на повеќе места околу селото. На овие бели ритчиња, заедно со јаловината, се фрлале и парчиња македонски рубин, а делови собирале работниците и го продавале на црниот пазар.

Ваков наод „откопале“ ревизорите додека го анализирале копањето на мермерот.

Тајниот прилепски мајстор

Прстен изработен со македонски рубин | Фото: БИРН

Во прилепската чаршија има повеќе златарници и продавници за накит, но ни рекоа дека македонски рубин може да се најде само во една.

„Ако го нема таму, го нема никаде“, ни рекоа другите.

На крајот од чаршијата го најдовме дуќанчето во кое се изработува сребрен накит со разни камења. Дел од нив ја имаа препознатливата розова боја на македонскиот рубин.

„Колку е помазно, толку е поскапо“, ни рече сопственичката.

Таа немаше необработени парчиња корунд во дуќанот, бидејќи, како што рече, тие не го обработувале каменот, само добивале готови парчиња, кои, потоа ги вметнувале во прстените, алките, ланчињата и во другиот накит.

„Еден е мајсторот во Прилеп што ги работи камењава. Но, не можете да го контактирате. Не сака воопшто да се експонира“, додаде таа.

Нагласи дека обработката е специфична и мора да биде со специјални дијамантски дискови поради цврстината на рубинот. Накит со овој камен купувале, и домашни, и странци. Но, како знаат дека розовото парче од накитот е вистински рубин? Засега е невозможно тоа да се потврди со соодветен сертификат, бидејќи државата не си ја завршила работата.

„Тие што знаат, можат да препознаат“, ни рече.

A тие што знаат, може да си купат рубин на интернет. На платформата „И беј“, едно парче необработен македонски рубин од 955 карати достигнува 1.200 долари.

Една од неколкуте онлајн продажби на македонски рубин | Фото-скрин: Платформа за продажба

На други места може да се купат јувелирски изработки, како ѓердан, нараквица или прстен. Цените се различни, од 5.000 до 14.000 денари.

Државните институции – муштерии

Деан Шкартов-Деко, сопственик на единствениот легален дуќан за обработка на накит со рубин | Фото: БИРН

Во Скопје, пак, може да се најде единствениот легален обработувач и продавач на овој камен, во малата занаетчиска работилница со име „Македонски рубин – Деко“.

Тој е споменат и во елаборатот за македонскиот рубин изработен од Геолошкиот завод. Деан Шкартов-Деко, сопственикот и обработувач на каменот, има веб-страница, која го носи домеинот мкрубин.

Ја посетивме работилницата, која се наоѓа во строгиот центар на градот. Шкартов рече дека почнал да се интересира за овој македонски минерал по неговиот престој во Италија.

Тоа што е за Кина кинескиот скапоцен камен жад, за Австралија опалот, за Иран и САД – тиркизот, за Македонија е рубинот, пишува на еден од материјалите што стоеја во дуќанчето на Шкартов.

Од неговата фирма, со години државни институции нарачуваат македонски рубин. Владите, кабинетите на претседателот на државата и други државни институции купуваат негови изработки. Меѓу купувачите се претседателот на државата, владата, Министерството за култура, Секретаријатот за европски прашања и други.

Makedonski rubin

Дуќанот на Шкартов | Фото: БИРН

На полиците во дуќанот стојат парчиња необработен македонски рубин и сувенири од рубин изработени во филигран.

Шкартов објаснува дека успеале изработките од рубин да ги заштитат како трговски бренд пред четиринаесет години.

За да се надмине состојбата на долгогодишна законска неуреденост, препорачува да се донесе посебен закон за македонскиот рубин.

„Имаме нешто што го нема ниедна друга земја. Го нема во Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција. Го има на Алпите, во Шкотска, во Норвешка, ама мало камче за да стои во музеј. Само ние во Македонија, веќе 15-16 години имаме секојдневна занаетчиска продукција со македонски рубини“, вели Шкартов.

Македонскиот рубин е добар и за една Германка, Италијанка, која има рубин од Бурма, од Индија, од Конго или од Танзанија, ама нема европски рубин, додава тој, појаснувајќи дека тоа е првиот рубин од Европа што може да го добијат клиенти за накит.

Шкартов нагласува дека особено успешно функционира продажбата на македонски рубин со филигран во Охрид.

Пет години се чека за потпис

Државата не добива ни денар од продажбата на македонски рубин | Фото: БИРН

Сивата зона околу розовиот рубин постои само затоа што државата не си ја завршила работата за неговото регистрирање, иако на тоа се работи околу шест години.

Уште во 2018 година, владата го задолжила Геолошкиот завод да изготви елаборат за македонскиот рубин. Целта на елаборатот била да се покаже дека тоа е минерал што има своја „посебност, уникатност, географско и геолошко обележје и можност за негова обработка и употреба како украсен и скапоцен камен“.

Станува збор за камен, кој по својот хемиски состав е алуминиумски оксид.

Првите записи за него се од 1925 година, кога при експлоатација на мермер се појавило несвојственото горење, односно уништување на пилите. Било констатирано дека тоа е предизвикано од кристали на корунд (рубин).

Македонскиот рубин, според елаборатот е „бледо розов со виолетов вариетет на корундот“. Најчесто се наоѓа во пелагонискиот масив.

Филигранска изработка со македонски рубин | Фото: БИРН

Во елаборатот што БИРН го доби од Геолошкиот завод пишува дека поради неконтролираното собирање и продажба на македонскиот рубин од поединци, „Македонија на светската мапа е сè уште нелегитимен и недоволно афирмиран производител на рубин“.

Елаборатот, пред околу пет години бил доставен на мислење до Министерството за економија, бидејќи во него има конкретни активности за проектот насловен „македонски рубин“, како на пример, лабораториски испитувања, изработка на наменска веб-страница, организација на саем на македонски минерали.

Кога се изработувал новиот ревизорски извештај, објавен во јуни, од Геолошкиот завод ги известиле дека процесот е заглавен, бидејќи Министерството сè уште не го доставило мислењето.

БИРН се обрати за одговор до Министерството за економија пред примопредавањето на власта, зошто се чека за мислењето, но не добивме одговор. Постапката ќе треба да ја продолжи новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое се екипира.

Ревизорите заклучуваат дека, безмалку, процесот на собирање македонски рубин е стихиен и неорганизиран, а државата не е заинтересирана да стави ред.

Пишуваат дека во Законот за минерални суровини, рубинот воопшто не е утврден како вид минерална суровина, а во тарифникот за експлоатација на скапоцени и полускапоцени камења утврден е предвиден надоместок од 5 отсто од вредноста на продадената минерална суровина.

Но, во законот ги нема видовите скапоцени и полускапоцени камења што се јавуваат во државата. Поради неусогласеноста на законот со тарифникот, во државниот буџет не влегува ни денар од продажбата на рубинот.