„Буквално имаше тела на улиците. Некои само што беа застрелани, некои беа во своите автомобили и се обидуваа да избегат. Некои изгледаа како да им се врзани рацете и потоа да се застрелани“.
Вака новинарот на Економист, Тим Џуда, го опиша тоа што го видел на улиците во Буча, Украина, откако руските сили го напуштија градот.
Џуда, кој ја покриваше и војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година за британски Тајмс, ги помина првите недели од инвазијата во Украина, каде што ги посведочил последиците од злосторствата извршени врз цивили кога, заедно со други репортери, влегол во Буча, Хостомел и во други градови од кои што руските војници се повлекоа.
Снимките од убиени цивили во Буча предизцикаа шок и гнев низ цела Европа. Но и покрај големиот број снимени материјали и сведоштва од новинари како Џуда што ги посетиле местата, Русија категорично тврди дека масакрот во Буча бил наместен од Украинците.
„Светот виде уште едно злосторство од украинските власти во Буча, каде што тие лажираа наводни убиства на цивили од руската војска“, рече Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи.
НА 20 април руската амбасада во Сараево го пренесе овој став до босанските граѓани. Во објава на комуникациската мрежа Телеграм, таа ги нарече злосторствата „добро испланирана провокација подготвена со помош на американски и европски разузнавачки агенции“.
„Главната цел е да се оттргне вниманието на светот од масакрите на населението што говори руски од (украинските) националистички баталјони“.
„Од сите предградија на Киев, Буча не беше избрана случајно, бидејќи за публиката од англиското говорно подрачје, терминот „масакр во Буча“ (Butchery in Bucha) претставува игра на зборови“, објави амбасадата.
Ист наратив, различни земји
Ник Вотерс, новинар од истражувачката медиумска организација Белингкет, потсетува како новинарите на Њујорк Тајмс преку сателитски снимки докажаа дека телата се наоѓаа на улиците во Буча уште пред руските сили да се повлечат.
Белингкет ги открива руските лажни вести за Украина со години. Од почетокот на инвазијата во февруари, тие собираат податоци што граѓаните и властите ги поставуваат на интернет во својата датабаза, со надеж дека тие ќе послужат за понатамошни истражувања на оние што се виновни за воени злосторства.
Во Белингкет не се изненадени од наративот на Русија дека злосторствата во Буча се наместени.
„Ова е наративот што постојано го гледаме. Сум видел големи количества (такви наративи) во Сирија. Сега почнуваме да ги гледаме во Украина, а тие обвинувања доаѓаат од руската влада“, рече Вотерс.
Од почетокот на руската инвазија, руската амбасада во Босна речиси секојдневно објавува соопштенија и преведени медиумски содржини за украинската војна, првично објавени на руски на своите канали на социјалните мрежи.
Во нив се отфрлаат обвинувањата за злосторства извршени од руски војници, се објаснува зошто Русија испратила војска во Украина и се споредуваат настаните во источна Украина со озлогласениот масакр на босански муслимани во Сребреница, во источниот дел на Босна и Херцеговина.
Овие пораки предизвикуваат загриженост кај експертите со кои што разговараше БИРН, особено по предупредувањето од Русија дека ќе реагира ако Босна му пристапи на НАТО со барање за зачленување.
Од стартот на инвазијата, Русија почна поагресивна пропаганда во Босна, вели за БИРН деканот на на Факултетот за политички науки во Сараево, Сеад Турчало.
„Тие се многу поискрени во врска со пораките што ги испраќаат, во смисла дека многу јасно кажуваат на што се противат во Босна. Противењето што порано го искажуваа кон интеграцијата во НАТО сега го проширија и врз европската интеграција“, вели Турчало.
Руските институции почнаа почесто да ги споделуваат своите канали на Телеграм, каде што проверката на содржините не е силна како на Фејсбук. Откако го отворија својот канал на оваа апликација на 14 март, за помалку од два месеца тие споделија речиси 70 објави на англиски, руски и на јазиците што се користат во Босна.
Амбасадата објави речиси ист број содржини и на својата фејсбук-страница откако почна инвазијата кон крајот на февруари. Двојно го зголеми бројот на содржини во споредба со истиот период во 2021.
Независните истражувачки медиуми и организациите за проверка на фактите ги обележаа како невистинити повеќето објави со кои руските власти тврдат дека ја откриваат вистината.
Пред почетокот на инвазијата во Украина на 24 февруари, како причина за нејзините војски да навлезат во друга територија, Русија споменуваше „геноцид“ врз руското население во источниот украински регион Донбас. Руските власти, сепак, не обезбедија јасни докази за такви злосторства, кои би биле прифатени од независни меѓународни правници.
Сребреница како пропагандна алатка
Руските власти претходно неколку пати ја споредуваа ситуацијата во Донбас со таа во Сребреница.
Рускиот претседател Владимир Путин во 2017 година предвиде дека „масакрот извршен од (украинските) националистички баталјони (во источна Украина) се полоши од тие во Сребреница“.
Сепак, во официјалните изјави, руските власти никогаш не го употребуваат зборот „геноцид“ за Сребреница, иако тоа е официјалната класификација за масакрот од Обединетите нации и од судот во Хаг. Како што БИРН претходно извести, Русија исто така го финансира промовирањето извештаи со кои се негира геноцидот во Сребреница.
Во април годинава портпаролката на руското министерство за надворешни работи рече дека масакрот во Сребреница бил наместен. Здружението „Мајки од енклавите Сребреница и Жепа“ ја осудија изјавата, обвинувајќи ги руските власти за негирање на геноцидот.
Истражувачот на геноцидот Хикмет Карчиќ вели дека од почетокот на војната во Украина во 2014 година Русија води активна дезинформациска кампања.
„Руската држава никогаш не го призна геноцидот во Сребреница. Тие ја користат Сребреница како алатка за манипулации, за да го оправда тоа што веќе го направи во Донбас во 2014“, вели Карчиќ, посочувајќи ја улогата на Русија во создавањето сепаратистички енклави во источна Украина.
Сепак, Војислав Савиќ, политиколог од Бања Лука, град со мнозинско српско население во Босна, кого руските медиуми често го цитираат, вели дека е оправдано што Русија ја прави оваа споредба.
„Тоа е обид од руската страна да комуницира со западната публика, со западната јавност, бидејќи знаеме дека Сребреница е споменувана во западните медиуми во одреден контекст во последниве 15-20 или повеќе години, па тие сакаат само да се обидат да ги објаснат своите позиции преку тоа што Сребреница го претставува за западот“, вели Савиќ.
За истражувачите на геноцидот, руското отфрлање на фактите за Сребреница како што се утврдени од судот на ОН во Хаг, отвара сомнежи и за други можни воени злосторства извршени во Украина.
Карчиќ рече дека првите теории за измислени воени злосторства во Украина се појавиле откако излегоа првите слики од гробови во Буча.
„Истото се случи и во случаите со Капија и Маркале и Сребреница“, рече тој, укажувајќи на тврдењата дека масакрите во босанската војна биле наместени од самите Бошњаци.
Турчало смета дека за Русија Сребреница е практичен инструмент, со оглед дека е познат поим за целата меѓународна заедница, и за тие што ги признаваат судските одлуки со кои масакрот е окарактеризиран како геноцид, и за тие што ги отфрлаат.
„Русија го користи тоа многу практично, поврзувајќи ја „денацификацијата“ во Украина со превенција на злосторства како Сребреница. Покажува што би можела да направи „нацифицираната“ Украина“, вели Турчало.
Тања Доми, професорка на Универзитетот Колумбија во Њујорк, за БИРН вели дека изјавите како таа дека Буча е наместен настан, како што кажа руската портпаролка Марија Захарова, се чиста манипулација. „Сакаат да ги збунат луѓето и да ја замаглат вистината“, вели Доми.
Покрај масовните убиства во Буча, уште еден масакр наидува на остро негирање од Русија – бомбардирањето на железничката станица во Краматорск, каде што најмалку 50 цивили беа убиени и над 300 повредени, според информациите од украинските власти. И во овој случај руските власти отфрлаат каква било одговорност.
„Може да покажете снимки од бомбардирањето, или од целосното уништување на градовите, но тие ќе речат дека снимките не се вистински и дека измислувате. Кога беше бомбардирана железничката станица во Мариупол, рекоа дека тоа било како во Маркале – дека Украинците го наместиле настанот исто како и Бошњаците“, рече Карчиќ.
Босна е подложна на манипулации
Босна е ранливо место, вели Тања Доми, и затоа Русија ја турка својата верзија на реалноста таму, за да шири страв.
„Причината зошто ги објавуваат овие содржини од своите официјални интернет-страници е вознемирувачка – сакаат да ја преплават интернет-зоната со дезинформации за воените злосторства“, вели Доми, додавајќи дека според неа руските сојузници во Босна исто така направиле голема штета, наведувајќи примери од, како што вели, опструкции на демократијата од лидерите на босанските Хрвати и Срби, Драган Човиќ и Милорад Додик.
„Ова предизвикува голема штета во ранлива земја што се уште се опоравува од војна и очајно се обидува да стане демократска“, вели Доми.
Според Турчало, таму каде што руската пропаганда е силно насочена може да предизвика дестабилизација. „Сакаат да создаваат тензии. Да го оттргнуваат вниманието на меѓународната заедница, која се плаши од развојот на конфликти со низок интензитет во овие специфични подрачја“, вели Турчало.
Украинскиот в.д. амбасадор во Босна, Серхии Миниаило, верува дека руската страна е загрижена поради поддршката што Украина ја добива, додавајќи дека Балканот е област од голема важност за безбедноста во Европа.
„Затоа сакаат да го искажат своето мислење, за да не дозволат цела Босна да се придружи на групата земји што ја поддржуваат Украина“, вели Миниаило.
Руската амбасада во Босна не одговори на нашето барање за интервју до денот на објавување.
Џуда вели дека опфатот на руското штетно влијание на Балканот ќе зависи од исходот од војната во Украина.
„Русија можеби беше економски слаба, но се уште беше голема воена сила. Тоа сега изгледа поинаку, светот се смени“, вели тој, потенцирајќи дека последиците од војната во Украина ќе се почувствуваат во целиот свет, особено во Европа, не само во Босна.
Турчало очекува дека следната изборна кампања во Босна ќе биде најлошата откако заврши војната во 1995 година. Босанската држава се наоѓа во политичка, но и во безбедносна криза поради геополитичките настани, вели Турчало.
„Русија ќе ја фрли својата карта и ако ситуацијата во Украина почне да се развива како што Русија сака, во тој момент Република Српска (главно населена со Срби) ќе продолжи со процесот за отцепување“, предупреди тој.