Интервјуа

Русковска: И да сакаат, не можат да ме сменат

Интервју за БИРН со шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска

Реткост е шеф на обвинителство да води истраги и да застапува предмети пред суд. Вообичаено, неговата примарна работа е да ја менаџира институцијата. Но, тоа не е случај со шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Tаа е една од највозрасните и најактивни во ова Обвинителство, која во последниве години „спакува“ неколку високопрофилни случаи како „27 април“ и „Рекет“.

За разлика од нејзините претходници, не одбива интервјуа. Постојано дава изјави, иако зборовите ги мери на кантар. Но, не бега од јавноста.

Откако премиерот Заев изјави дека не ѝ верува во случајот Рашковски и по смената на нејзиниот најблизок соработник, Лазе Велковски, БИРН ја праша за односот со власта, за тоа што истражуваат во ТВ Алфа, зошто не отвораат истрага за македонскиот дел од случајот „Јовањица“, за застојот во „Скопје 2014“.

Нецели три години од стапувањето на функцијата, за успех го смета отворањето истраги за актуелни високи функционери, а информациите дека се подготвува смена на кормилото во Организиран, тврди дека се без основа.

Година и пол до истекот на мандатот

Уште малку ќе бидат „кираџии“ во зградата на скопска Апелација | Фото: Роберт Атанасовски

Русковска ја затекнавме во ден со полна агенда состаноци. На полицата под една од карикатурите со нејзиниот лик, многубројни папки со тековни предмети чекаа проверка и реферирање.

По нас, ја чекаше нов состанок. „Таков е денот“, рече. Во чекалницата веќе беа дојдени претставници на Државното правобранителство.

Заедно со екипата на БИРН во Обвинителството, поточно, кај една од обвинителките, влегоа двајца инспектори од Финансиската полиција со најава за состанок. Oваа врвулица е слика за тоа како изгледа еден ден во тоа Обвинителство.

Само уште малку време, последниот кат во зградата на скопска Апелација ќе биде работниот амбиент на Русковска и тимот на ова обвинителство. Штом се средат административните процедури, веднаш ќе се преселат во соседниот објект – стариот Државен архив.

Од нејзината канцеларија гледа точно кон соседната зграда каде што ќе биде сместено обвинителството.

Но, неизвесно е колку време ќе помине таму, бидејќи ги одбројува последните приближно 1,5 година како обвинител што гони организиран криминал и корупција. Во ноември в година ѝ истекува мандатот.

Впечатокот е дека нема силна амбиција повторно да биде обвинител за организиран криминал во обвинителство, кое ѝ е работен „хабитат“ речиси целата кариера и од каде што излегла првата наредба за посебни истражни мерки со нејзин потпис.

Немам број ниту од Мијалков, ниту од Камчев

„Мијалков најмногу ми верува“ | Фото: Роберт Атанасовски

Само Русковска не беше присутна на итниот и неформален кризен штаб во Владата за бегството на Сашо Мијалков, кога на едно место се собраа министри и челните луѓе од правосудството за да кажат дека успеале да го принудат да се јави на органите прогонот.

Вели: „Не ги знам причините поради кои не бев повикана“.

Но, од сите што биле на состанокот, Мијалков поради чие бегство на нозе се крена цела држава, ѝ се јавил токму нејзе за да ѝ се предаде.

„Излезе дека Мијалков само во мене има доверба и дојде кај мене да се пријави“, додава таа со нескриена доза на иронија.

Со силна резигнација ги отфрла муабетите дека имала лични контакти со него и со Камчев.

Тврди дека нема број од поранешниот шеф на тајната полиција. Лани двапати бил кај неа да си го бара пасошот, за што го известила државниот обвинител.

За годинава вели: „Првпат се слушнав кога се јави дента дека сака да се предаде“.

„Со Орце Камчев, освен „Рекет“, за ништо друго. Не сакам ни да му го меморирам бројот“, ни кажа.

Сè помалку знае МВР што работи Вилма

Со истражителите се се` понезависни од МВР | Фото: Роберт Атанасовски

На тема „релации со власта“, Русковска изгледа самоуверено. Не чувствува оти власта „не ја игра“ и уште повеќе дека ѝ подготвува „свилен гајтан“ за да ѝ најдат мана и да ја тргнат од позицијата шеф на најважното обвинителство во Македонија.

Кружат чаршиски муабети дека нејзиното место е таксано за обвинител од поранешното СЈО. Ги чула гласините, но не чувствуваше потреба да ги коментира.

Како што е воздржана во јавните настапи, таква беше и во процената дали е вистина оти високи функционери од власта ѝ забележуваат оти буквално и нив ги „изненадува“ со истраги, заобиколувајќи ја полицијата, урнек што своевремено го воведе СЈО.

„Може да има некаква вистина во тоа“, само ни рече.

Обвинителството со кое менаџира усвои некои методи на згаснатото СЈО, како што е на пример независноста од МВР во истрагите. Тоа за многумина беше клучот за успехот на истражителите на Јанева, бидејќи преку МВР, извршната власт постојано беше информирана за истрагите.

Сега, како што ни раскажа Русковска, и тие имаат нивни истражители и се понезависни во постапувањето.

„Таков беше случајот ‘Планина’. Многу малку луѓе знаеја во полицијата. Тие што знаеја беа поради посебните истражни мерки, потоа случајот со Рашковски, сега што отвораме некои други случаи…“

Нашиве политичари никако да научат

Смета дека власта се труди во борбата со корупцијата | Фото: Роберт Атанасовски

Не ја засегаат пишувањата дека смената на првиот човек на Одделот во МВР за дела од организираниот криминал, Лазе Велковски, е навестување за нејзина скорешна детронизација. Уверена е дека тоа се шпекулации.

„Според новиот закон за јавно обвинителство, не постои опција кој било шеф на обвинителство да се смени поради нестручност и некомпетентност. Сега не постои таква можност. Кривично дело немам направено, барем јас не знам дека сум направила, така што сметам дека и да сакаат да ме сменат, нема можност“.

За самиот Велковски вели дека размислува пак да го ангажира хонорарно. „Доколку дозволат средствата“, вели.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дека во неа нема доверба за предметот со Рашковски, Русковска практично го опомена.

„Политичарите за постапки што се водат во Обвинителство или во суд не треба да коментираат. Нашиве политичари никако да го разберат тоа“.

Брзо сфатија дека влијанија кај мене не проаѓаат

Имало обид за влијание врз неа од министер од актуелната влада, вели Русковска. „За еден предмет, многу одамна беше тоа, еден министер ми се јави, мислам дека тој човек не е виновен. Му реков ќе видиме, нека заврши истрагата. Сметавме дека има дело. Ја завршиме истрагата, поднесовме обвинение. Бргу сфатија дека мене не може да ми влијаат“.

Таквите изјави, вели таа, можат да создадат впечаток во јавноста дека се одлучува под притисок.

На премиерот, пак, не му е првпат да каже јавно дека не е задоволен од неа. Така, на пример, во 2019 година, од говорницата во Владата изјави дека едно време и нему „не му се допаѓала“.

Сепак, смета дека Заев не говорел оти е генерално незадоволен од неа, туку дека реакцијата била само за еден предмет.

„Без разлика на овие изјави, мислам дека сепак се трудат“, ни кажа Русковска како одговор на прашањето како, според неа, власта предводена од Заев се бори со корупцијата.

Истрага за македонскиот дел од Јовањица – евентуално

Ги упатува службите да си ја завршат работата со марихуаната, па Обвинителството | Фото: Роберт Атанасовски

Лаконски одговори на прашањето зошто Македонија е незаинтересирана да утврди што точно се случувало со марихуаната што влегувала во државата од најголемата афера за марихуана на Балканот.

„Сè што ни побараа по меѓународна правна помош, сè направивме и сè им доставивме“.

Инсистиравме да дознаеме дали има можност, сепак Обвинителството со кое раководи таа, да испита што се случувало со пипалата на „Јовањица“ дома.

„Навистина не сум ни размислила во тој контекст. Да побараме од колегите да видиме што стои во нивното обвинение, па во која насока евентуално би можеле да се движиме и евентуално да се отвори некој предмет“.

Потпрашавме зошто самото Обвинителство не отвори предмет, но Русковска прстот го впери кон службите во Министерството за здравство што ги издаваат лиценците и детално го контролираат процесот и полицијата.

„Првин треба надлежните служби да ја завршат својата работа, инспекциите од Министерството за здравство и полицијата. За тоа се предвидени контроли. И тие треба да ги направат тие контроли. Доколку се посомневаат дека нешто не е во ред, треба да достават известување до нас“.

Објасни дека како и да постапат, кругот на дејствување е ист.

„И да отвориме предмет по допрен глас, мораме повторно кај нив да се обратиме. Замислете за сите приказни сами да истражуваме, само ќе се затрупаме со работа, затоа се поделени обврските на различни органи“.

Предистрага за перење пари во ТВ Алфа

„Финансиската полиција не постапува по нашите насоки“ | Фото: Роберт Атанасовски

Не е тајна дека инспектори од Финансиската полиција веќе со недели се во критички настроената телевизија Алфа. Иако сигнал до Обвинителството стигнал уште во 2019 година, од неодамна предистрага води колешка на Русковска.

Новинарите од таа телевизија отворено говорат дека се подготвува слично сценарио како затворањето на А1, но таа вели, многу е рано за заклучоци.

„Финансиската полиција почна со работа и се сомневаат за перење пари. Потоа излегоа истражувачките стории на ваши колеги-новинари како доаѓаат средствата од Унгарија, преку Словенија и завршуваат во Македонија. Се истражува дали има перење пари и ништо повеќе“, вели Русковска. Побарале и меѓународна правна помош.

Не можеше прецизно да се сети дали оваа истрага е отворена по известување од Финансиската полиција од пред речиси две години.

Говорејќи за соработката со овој орган, не е премногу задоволна и ја оценува како недоволно ефикасна и ефективна.

Кога и да побараат оттаму прием и помош, секогаш се примени и им се даваат насоки во кој правец да ги водат истрагите, но „некако не постапуваат по нашите насоки, затоа и голем дел од пријавите им завршуваат во скопското обвинителство, а не во Организиран криминал“.

„Талкачките“ предистраги на СЈО

Најави конечно истрага за „Скопје 2014“ | Фото: Роберт Атанасовски

Од многуте предистраги на сега веќе покојното СЈО, уште нема абер за истрага. Причините се повеќе. Гледано отстрана изгледа како некои предмети да „фатиле прашина“.

Русковска вели оти една од клучните пречки за тоа била изборот на обвинители што ќе гонат организиран криминал, но таа не била единствената.

Предметот за „Скопје 2014“, на пример, десет години од почетокот на проектот е расцепкан на неколку делови и уште нема абер ниту за истрага, а камоли за обвинение.

„Има повеќе предмети за Скопје 2014. Мислам дека колегата Трајче Пеливанов, кој е тука и постапува. Имаше еден или два предмета што ги водеа обвинителите Елизабета Јосифовска и Љубомир Лапе. Е сега, бидејќи двајцата не се избрани со републичкиот обвинител, се договараме да се видиме како ќе се прераспределат предметите“.

„Би требало во скоро време да има наредба за истрага“, ни кажа.

Предметот „Актор“, во кој, исто така, осомничените се товарат за штета во милиони евра, има идентична судбина – и натаму е во сообраќај „Организиран криминал – СЈО“. „Моментално е таму“, ни рече обвинителката, откако пред нас телефонски ја побара нејзината колешка за да праша што се случува со предметот.

Раскажувајќи за актуелните предмети од висок профил, појасни дека вештаците за еден од најсложените финансиски предмети „Империја“, на двапати барале продолжување на рокот за вештачење и го добиле, бидејќи предметот е и обемен и сложен.

„Очекувам дека бргу ќе биде. Оваа година. Работат интензивно на вештачењето“. Пред вештачење е и предметот со екс ген-секот на Владата, Драги Рашковски.

Помилувањата на Иванов ме извадија на улица

Убедена е дека Обвинителството гони неселективно | Фото: Роберт Атанасовски

Русковска, по временска дистанца од пет години, не одговори децидно дали денеска чувствува порив да излезе на протест за да бара правда, но смета дека на обвинителите и на судиите не им е работа да протестираат, како што тоа таа го направи во 2016 година, за време на протестите на Шарената револуција.

Не знам дали МВР преправало записници

Ние веднаш постапивме штом добивме известување од МВР, рече Русковска за случајот што го обелодени опозицијата, а со кој тврдеа дека се преправени записници, кои се однесуваат на сомнежи за рекет од одговорни лица на РЕК Битола во делот каде што се споменува името „Вице Н“. „По таа наредба, сè уште не е одговорено. Дали во МВР некој нешто преправал во записниците, навистина не знам“.

„И тогаш немаше да излезам да не беше амнестијата на тогашниот претседател Иванов. Тоа ја прели чашата“.

Се присети дека денот пред да се објави амнестијата, склучила спогодба, обвинет да лежи девет месеци во затвор затоа што чувал четворица мигранти на таванот.

„…И се враќам дома, и слушам за амнестијата на Иванов. И велам чекај, јас кого праќам во затвор?“

Смета дека обвинителите и судиите ги имаат сите институционални механизми преку нивната работа да се борат со криминалот и корупцијата.

Ја прашавме и за впечаток. Какво е обвинителството пред и по Вилма. Рече дека е шефица само неколку години, но оти тоа ќе треба јавноста да го процени.

„Се подигна нивото на борба со корупцијата и тука сум задоволна. Не се гонат само лица од претходна власт, туку и од актуелната власт. Имаме обвинение против поранешен потпретседател на Собрание, поранешен генерален секретар на Влада“…

Си го припишува како успех тоа што успеала да извојува само вработените во нејзиното обвинителство да добиваат највисок додаток од 35 проценти на платата и така да ги мотивира да работат повеќе.

Кога ни рече дека ги чека „уште многу работа“, потпрашавме дали оваа најава значи оти во државава сѐ уште има многу корупција.

„Поврзани се“, ни одговори Русковска.