Кога концептот на една дебатна емисија со претенциозно име „Само вистина“ е всушност да се викнат двајца гости со спротивставени ставови, особено да се изберат ликови што се што поконфликтни во изразувањето и да се очекува дебатата да стане што пожестока за да се задоволат сеирџиските апетити на публиката, од таквата емисија можеме да добиеме сѐ освен вистината. Вулгарност, навреди, насилен говор, упаѓање на директорот со негова интервенција во емисија во живо, на еден ден скандализирана јавност.
А кога оваа пракса не е исклучок што се среќава само на еден медиум, туку се претвора во стандард за телевизиските дебати, тогаш потрагата по вистината не е ниту можна, ниту очекувана.
Алтернативите на овој концепт, пак, што ги среќаваме во македонскиот медиумски простор, особено на главните телевизии со најголеми ресурси, воопшто не се подобри.
Па, така концептот „За и против“ е, всушност, да се викнат двајца или тројца гости со исти ставови (разликата е во интензитетот и агресивноста во изразувањето) и да им се остават триесетина минути до еден час за слободно да шират лаги, невистини и манипулации за некоја чувствителна тема, со водител чие учество се сведува на најава и на одјава на емисијата. Во таквите услови, многу „алтернативни вистини“ се претвораат во „цврсти факти“ и на публиката ѝ се пренесуваат во таа форма.
И на крајот доаѓаат јавувањата на гледачите (формат со кој се инфицирани речиси сите) што треба да го дадат своето мислење за сето тоа што го виделе и слушнале. Очекувано, со оглед на начинот и содржината со која таа публика се храни, ставовите што ќе ги пласираат преку телефонот, директно во етерот, без филтер ќе бидат еднакво полни со лаички толкувања, невистини, а неретко и со говор на омраза.
Ако не се случил некој скандал вреден за коментирање, а такви нема секој ден, дури ни кај нас, авторите на емисијата може малку да си поиграат со фактите, да претстават некоја гласина или неофицијална изјава како официјален став и политика, и да бараат од гледачите да го прокоментираат тоа. На пример, опскурниот повик на Бугаринот Виктор Стојанов, кој во сопствената држава е маргинализирана појава, кај нас станува глас на официјалната политика на Софија што ја преминала „црвената линија“.
Целта е да се испровоцираат што повеќе јавувања, секако, бидејќи е најважно да се слушне „гласот на народот“ на теми што медиумот претходно се потрудил да го сензибилизира, а по малку и хистеризира, но не и целосно да го информира.
Ова се само некои елементи од стандардниот македонски „модус операнди“, особено изразен кај најголемите медиуми, преку кои се отсликува хроничниот недостиг од одговорност.
А едно од основните начела во медиумската работа е одговорноста кон публиката, јавноста и кон општеството, што подразбира да се кажува вистината, да не се манипулира со фактите, да не се создава лажен баланс меѓу различните мислења. Овој принцип важи и за најдобрите и „најздодевни“ општества, барем од медиумски аспект, а камоли за средина како нашата.
Во атмосфера, пак, во која населението се соочува со голем број поделби на крајно чувствителни теми – социјални, национални, етнички, верски и многу други, каде што секој јавно искажан збор треба претходно трипати да се мери за тоа какви последици би предизвикал, таа одговорност е неспоредливо многу поголема. И неспоредливо многу поотсутна, во споредба со „здодевните“ краишта на светот. Сето тоа во име на искривените дефиниции за „слобода на говорот“, во која „нема табу-теми“.
И кога тоа го прават водечките медиуми, телевизиите со национални концесии, чија работа се регулира со закони и со прописи, што да очекуваме од другиот медиумски простор, особено од крајно хаотичната онлајн информативна сцена со стотици портали на знајни и незнајни сопственици, уредници или автори?
Како најмлад и истовремено најдостапен медиум за пласирање содржини, интернетот уште одамна има репутација дека информациите на него треба да се земаат со резерва. Тоа стана особено важно со развојот на социјалните мрежи, кои ги овозможија техничките услови секој корисник да стане свој медиум и да ја има целата светска публика на располагање, ако сака. И ако алгоритмот препознае дека создал содржина што привлекува внимание, секако.
Затоа онлајн-сцената стана простор за повампирување на заборавени теории на заговор и за ширење нови. Тоа што е поразително е што кај нас, традиционалните медиуми, наместо да ги задржат своите стандарди, се обидуваат да го имитираат интернетот во привлекување внимание по секој цена. Но, и за тоа да бараат пари.
Во Македонија имаме парадоксална ситуација, во која во превезот на медиумскиот плурализам и поквалитетното информирање на јавноста се инсистира на државна финансиска помош за да може да опстанат несразмерно голем број телевизии на пазарот. Законските измени, со кои околу пет милиони евра годишно, ќе се трошат за пласирање јавни кампањи во приватните медиуми, си тераат напред низ собраниските процедури.
Со нив, најголемиот дел од парите ќе одат и во телевизии, на кои стандардите им се „во потрага по дното“, па се наметнува прашањето за што тоа ќе плаќаат граѓаните? За кавги и простотилак? За промоција на вулгарен и насилен говор? За лаги и манипулации? За лаичко коментирање на стручни теми?
Како што сега стојат работите, тешко дека овој тренд ќе запре или ќе се смени. Големи се шансите да се прелее и онаму каде сè уште го нема. Или барем не во толкав интензитет. Тоа значи дека народните пари ќе се трошат за медиуми, кои, наместо како најголеми и највлијателни да бидат носители на професионалните стандарди, се спуштаат на ниво на опскурни јутјуб-канали.
Насловна фотографија: Pexels, KoolShooters