Регион

Сѐ уште нема одлука, во која држава, Караџиќ ќе ја служи својата казна

ММКТ сè уште не донел одлука, каде поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, ќе ја отслужува казната доживотен затвор, дознава БИРН.

Тој ќе биде префрлен во затвор во една од државите што со Обединетите нации (ООН) склучиле договор за примена на казните изречени од страна на Трибуналот, а не во некоја од поранешните југословенски држави.

Другите хашки затвореници, казните затвор ги издржуваат во Австрија, Велика Британија, Естонија, Финска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Полска и Шведска.

Од Механизмот за БИРН појаснуваат дека според правилата на ММКТ, осудените лица треба да бидат префрлени во затвор што е можно поскоро, но оти за ова не е одреден рок.

„Во согласност со релевантно практичните упатства, претседателот, при одлучувањето, ќе земе предвид низа информации, вклучувајќи ги и сите релевантни ставови што ги изразило осуденото лице“, се вели во писмениот одговор што ни го испратија од ММКТ.

Адвокатот на Караџиќ, Питер Робинсон, вели дека тие немаат информации каде Караџиќ ќе ја издржува казната.

„Немаме индикации за каква било одлука за тоа каде претседателот Караџиќ ќе ја издржува казната. Побаравме да бидеме информирани на кои земји тие ќе им се обратат и да имаме одреден придонес во процесот, но регистарот (на ММКТ) го одби ова“, истакна Робинсон за БИРН.

„Ни рекоа дека ќе нѐ известат откако ќе изберат земја и ќе постигнат договор, и оти тогаш ќе побараат и наш коментар“, нагласи Робинсон.

Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска, во март оваа година,  беше осуден на казна доживотен затвор, за геноцид над Бошњаците од Сребреница, за прогонства низ целата земја за време на војната во БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево за време на опсадата на градот и за земање на мировници на УНПРОФОР како заложници.