Регион

САД негираат оти Холбрук ветил дека нема да го признаат Косово

Американскиот Стејт департмент ги отфрли наводите на Србија, дека починатиот американски дипломат, Ричард Холбрук, му пишал писмо на Милошевиќ, во кое му ветил дека Вашингтон нема да ја признае независноста на Косово.

Маја Живановиќ, Белград

Американскиот Стејт департмент. Фото: Викимедиа/AПК

Aмериканскиот Стејт департмент ги негираше наводите на Србија, оти во 1998-1999 година, Холбрук му пишал писмо на Милошевиќ, во кое му ветил дека САД „никогаш нема да го признае Косово”.

„Ова едноставно не е точно. Не постои такво писмо“, се вели во одговорот на Стејт департментот кој БИРН го доби на e-меил.

Имено, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на 15 август за „Српски телеграф” изјави дека Холбрук испратил писмо, во кое ветува дека САД „никогаш нема да ја признаат независноста на Косово” и дека писмото подоцна исчезнало и било украдено.

„Српски телеграф” ги цитира зборовите на Дачиќ дека секретарката на Милошевиќ “се колнела оти Милошевиќ ја побарал и ѝ го дал документот на кој Холбрук, тогашен главен преговарач меѓу Западот и Србија и американски пратеник, му потпишал на Милошевиќ дека Америка никогаш нема да ја признае независноста на Косово”. Тој ги обвини опозициските партии во Србија дека го украле тој документ.

За БИРН, во својот одговор, од Стејт департментот велат оти за САД, статусот на Косово како независна држава е јасен. „Соединетите Американски Држави и повеќе од 100 други земји го признаа Косово”, се вели во одговорот.

„Косово и Србија мора да се фокусираат на иднината. Треба двојно да ги зголемат своите напори, за низ преговорите кои се водат со посредство на ЕУ, да работат на целосна нормализација на односите, што ќе биде од корист за стабилноста и безбедноста во регионот и ќе помогне во процесот на пристапување на овие две земји во ЕУ“, велат од Стејт департментот.

Дачиќ додаде дека ниту една државна институција ја нема оригиналната копија од Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој беше ставен крај на војната во Босна и Херцеговина.

Меѓутоа, Стејт департментот го оспорува и ова, истакнувајќи дека целата работа со Дејтонскиот договор е јавна и евидентирана.

На 17 август, „Српски телеграф” објави дека српската полиција започнала истрага за исчезнатите документи, но БИРН не можеше да добие потврда за ова.

Холбрук почина во 2010 година. Заедно со шведскиот дипломат, Карл Билт, посредуваше во постигнувањето на договорот со кој се стави крај на војната во БиХ, која траеше од 1992 до 1995 година. По завршувањето на војната, тогашниот американски претседател, Бил Клинтон, го назначи Холбрук за свој специјален пратеник за Балканот, кој преговараше за решавање на ситуацијата во Косово за време на војната. Во 1999 година тој отпатува за Белград, каде на Милошевиќ му го предаде крајниот ултиматум на Запад, пред почетокот на нападите на НАТО, по кои Србија ја изгуби својата власт на Косово.

Објавено и на Балканска транзициска правда