Пријателите и сограѓаните на Горан Ченгиќ, ракометар од Сараево, кој беше убиен во војната 1992-1995, додека се обидуваше да го спаси својот сосед, со задоволство ја дочекуваат 29-годишнината од неговата смрт.
Конечно, по долгогодишна кампања, на Ченгиќ ќе му биде оддадено признание, со именување на спортска сала по него, иако се поставува прашањето, зошто целиот овој процес мораше да трае толку долго.
Поранешниот ракометен репрезентативец на Југославија, Шефко Халиловиќ, вели дека е пресреќен што конечно спортската сала во Грбавица, ќе го носи името на неговиот пријател и сосед, кој беше убиен во оваа населба додека спасуваше сограѓанин.
„За мене тој (Ченгиќ) е еден од најголемите херои“, вели Халиловиќ и додава дека долго се чудел зошто со години не му се оддава почит на врвен спортист и човек, кој го загубил животот спасувајќи сосед во зградата во која живеел.
„Им се спротивстави на тие мажи, а не постојат зборови со кои би можел да ги опишам…беа многу, а тој беше сам со своето семејство, помагајќи му на изнемоштен стар човек. … За мене тој не е каков било херој, туку голем херој“, вели Халиловиќ.
Горан Ченгиќ беше убиен во средината на јуни 1992 година, додека се обидуваше да му помогне на својот сосед, Хуснија Черимагиќ. Судот на Босна и Херцеговина не можеше, во пресудата што му ја изрече на неговиот убиец, да го одреди датумот на неговата смрт, но пријателите и семејството ја одбележуваат годишнината на 14 јуни.
Херојски чин
Според пресудата на Судот на БиХ, што му беше изречена на Веселин Влаховиќ Батко, Ченгиќ се спротивставил, неговиот сосед, Хуснија Черимагиќ, да биде изнесен од станот во улицата „Раве Јанковиќ“ во Грбавица, која се наоѓа на само десетици метри од салата што наскоро ќе го носи неговото име.
Судот на БиХ го осуди Влаховиќ на 42 години затвор, за вршење на прогон со тортура, силувања, присилни исчезнувања, затворање, водење во ропство, грабежи на имот и други нехумани дела во населбата Грбавица.
Посмртните останки на Ченгиќ и Черимагиќ, беа пронајдени по војната.
Како некој што пораснал со Ченгиќ, играл ракомет со него и го познавал неговото семејство, Халиловиќ на Ченгиќ, синот на Ферид Ченгиќ, градоначалникот на Сараево по Втората светска војна, се сеќава како на личност со големо срце, весел дух и врвен спортист.
„Нешто што најмногу го сакав кај него беше неговата пресретливост. Многу бргу склопуваше пријателства. Им помагаше на постарите и на помладите. За него не беше ништо, онака убаво облечен, да влезе во Фис и да се извалка, за да им покаже на помладите како се шутира, како се додава топката. Тој беше исклучителен“, нагласува Халиловиќ.
Долгогодишно игнорирање на повикот за оддавање почит
Иницијативата за именување на спортската сала по Горан Ченгиќ, беше покрената пред повеќе од десет години, но беше игнорирана или одбивана, сѐ до оваа година. Затоа салата, кога беше отворена на денот на повторната интеграција на Грбавица по војната, беше без назив.
За време на седницата одржана кон крајот на мај, советот на општина Ново Сараево, донесе одлука, спортската сала во Грбавица, да го носи името на Ченгиќ, речиси 29 години по неговата смрт.
Со години, граѓаните на Сараево изразуваа незадоволство бидејќи спортската сала не го носи името на Ченгиќ, па така, во една прилика, на салата се појавија испишан графит: „Спортска сала Горан Ченгиќ“.
Вилдана Бешлија, советник на партијата Наша странка во Собранието на Кантон Сараево, вели дека е задоволна што „по долгогодишно залагање, конечно имаме спортска сала ‘Горан Ченгиќ’“, со што се афирмира благородноста и храброста, добрината и пожртвуваноста.
„Жал ми е што ова не се случи претходно, уште во 2008 година, кога граѓаните првпат го побараа тоа, па ниту во 2013 година, кога тоа го побара нашата советничка, Сања Лазар, или во 2017 кога неколку политички партии, кои тогаш беа во опозиција, вклучително и Наша странка го бараа тоа“, вели Бешлија.
„Сепак, драго ми е што по овој четврт обид, Ново Сараево го положи испитот по хуманост“, додава таа, потенцирајќи дека ѝ е жал што мајката на Горан, Наташа, која се надевала дека салата ќе го носи името на Горан, не го доживеала тоа.
Денес, на надгробната плоча на Горан Ченгиќ, на сараевските гробишта „Баре“, покрај неговото име и имињата на другите членови на неговото семејство, стои и името на неговата мајка, Наташа Зимоњиќ-Ченгиќ, која почина во 2020 година.