Регион

Сараево: Предлог за донесување на закон за казнување на говорот на омраза

Дамир Марјановиќ. Фото: Н1 ТВ

Пратеникот во Собранието на кантон Сараево, Дамир Марјановиќ, од партијата Наша странка, за БИРН изјави дека доставил предлог за нов закон, затоа што има потреба од јасен и прецизен закон, што ќе овозможи луѓето да бидат санкционирани заради говор на омраза во јавниот простор.

„Овој закон има за цел да го дефинира и забрани говорот на омраза насочен кон група луѓе или член на група, заради нивното расно, верско, национално или етничко потекло, припадност, боја на кожата, пол, полово определување, сексуално определување, родов индентитет или други карактеристики – вклучувајќи ги, но не и ограничувајќи се на лицата со инвалидитет и на децата со посебни потреби“, вели Марјановиќ.

Постојните закони на државно ниво забрануваат национална, расна и верска дискриминација, поттикнување дискриминација и дискриминација врз основа на род и сексуално определување. Но, Марјановиќ вели дека тие не го санкционираат и говорот на омраза.

„Со оглед на климата во нашето општество и често неодговорното, неетичко и несоодветно однесување во јавниот простор, при што без казна се навредуваат голем број на наши сограѓани, сметаме дека е време да го спречиме тоа, но и да го казниме ако е потребно, со донесување на ваков закон“, додаде тој.

Предлог-законот препорачува, лицата кои со злоупотреба на својата положба шират говор на омраза и на тој начин предизвикуваат неред и насилство, да бидат казнети со казна и до осум години затвор.

Марјановиќ вели дека законот за казнување на говорот на омраза наскоро ќе биде предложен и на федерално ниво.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ, регистрираше вкупно 113 инциденти мотивирани од омраза во текот на 2018 и 173 во текот на 2017 година. Најчести видови на инциденти се навредливи графити, вербален напад, оштетување на верски места и сквернавење на гробишта.

ОБСЕ забележува вкупно 33 вакви случаи во првите три месеци од оваа година.

Важноста од реагирање на кривичните дела извршени од омраза, е препознаена и во стратегијата на БиХ за спречување и борба против тероризмот 2015-2020 година, бидејќи се верува дека овие акти често може да придонесат за радикализација и насилство, со што се загрозува безбедносната состојба во земјата.

Александра Летиќ од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, вели дека говорот на омраза во БиХ е, за жал, прифатен феномен и предупредува дека секој закон мора да биде правилно спроведен за да има ефект.

„Може да донесете секаков закон, можете да донесете закон кој е препишан од најдобрата земја во светот, можете да измислите и да направите закон што е одличен, но ако професијата и судството во практика не работат според тој закон и не го санкционираат говорот на омраза, тогаш вие тој закон го имате само на хартија и не сте сториле ништо“, објаснува Летиќ.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ, запрашана за потребата од закон за казнување на говорот на омраза, свртува внимание на важечките одредби на кривичните закони во Федерацијата БиХ и во Босна и Херцеговина, кои на сличен начин припишуваат дека говорот на омраза е кривично дело, кои што се применливи и во случаите на говор на омраза во кантонот Сараево.

„Воведувањето на исти или слични одредби на кантонално ниво може да доведе до … судир на надлежностите, што може да доведе до неказнивост“, нагласи Александер Чуплигин, заменик шеф на мисијата на ОБСЕ во БиХ.