Сѐ почна во април 2016 со одлуката на Ѓорге Иванов да помилува 56 осомничени и обвинети во истрагите на СЈО. Атмосферата на улиците беше „под висок напон“, со пароли, скандирања и жар во очите. Кордони полиција имаше во центарот на Скопје. Таа вечер гореа сликите на Иванов, а беше оштетена канцеларијата на Рекорд, како симболичен протест против неговата одлука.
Следниот месец, Шарената револуција за првпат се најде на суд.
Протест за поддршка и многубројни телевизиски камери ги пречекаа Здравко Савески и Владимир Куновски пред старата зграда на Кривичниот суд. Тогаш се појавија на суд како обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело додека беше усвитена Шарената револуција.
Беа своевидни херои во очите на поддржувачите на движењето.
Обвинителството им најде „грев“ во тоа што ја оштетиле канцеларијата на Иванов за околу осум и пол илјади евра.
Но, постапката што требаше да се суди скратено и да заврши за само неколку рочишта, за нив траеше цела мала вечност. Тие двапати добиваа ослободителни пресуди. И кога се чинеше дека по речиси шест години ќе бидат ослободени, стигна пресуда од Апелациониот суд во која пишува „Виновни се“.
Сега, за разлика од 2016, без масовна поддршка, само со еден новинар и коментари на социјалните мрежи. Извесно е дека делото за нив ќе застари, а тие нема да бидат ниту конечно осудени, ниту, пак, невини.
Како течеше судењето и како лично ја доживеа оваа пресуда, БИРН разговараше со професорот Здравко Савески.
Шарената беше само за промена на власта
На стотина метри од канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, на прашањето што чувствува кога денес поминува покрај тој објект, вели – жал и тага, но не и каење.
„Жал и тага поради тоа што многу лесно и наивно, големо мнозинство од учесниците на Шарената паднаа на лагите на СДСМ дека ќе донеле живот. Денес сите знаат дека тоа е лага“, вели тој.
Не беше целта „само Грујо да падне“. „Голем проблем беше погрешната цел кон која Шарената се стремеше. Нејзината цел беше само да дојде до промена на власта“.
Со глас во кој се чувствува умор, но и волја за борба, не се сомнева во тоа дека ако и утре има протести, повторно би учествувал.
Свесен е дека по настаните, кои, како што рече самиот, ги нарекува само „шарена“, но не и револуција, луѓето западнале во апатија и дека сѐ потешко може да излезат на улица да протестираат за граѓанска држава. Особено, вели, по пораката што ја испраќа една ваква пресуда.
Чекавме и затворски казни
Само во прв степен за овие шест години судски „сцили и харибди“ му се смениле тројца судии. Од почетокот до крајот на процесот видел вкупно 14 судии и обвинители.
„Ни на сон не ми доаѓаше во скратена постапка да тераат шест години“, вели тој. „Како е можно една постапка да е скратена, а да тера до максималната можна должина од шест години“?
Се сложува со тезата дека со осудителната пресуда за нив судот само се „пере“ поради домашниот притвор што им беше определен на почетокот на постапката.
Случајот на Савески и Куновски, во јавноста често се компарира со случајот на Павле Богоевски, исто така обвинет учесник во „Шарената“ а потоа парламентарец, за кого Обвинителството се откажа од гонење. За Савески повлекувањето не е спорно.
„Спорно е што истото не го направија, особено во случајот на Мариглен Демири, кого го влечкаат, исто така, шест години пред судовите, а немаат никаква основа за кривично гонење“.
Она што е очигледно е селективната правда, вели. „За истиот настан, некои воопшто не беа обвинети, некои завршија со прекршочни, а некои добија кривична пријава“.
За Савески, судијките Татјана Дуковска и Лирие Елези што ја донесоа осудителната пресуда биле инструирани. Тоа, како што вели самиот, можело да се насети речиси од самиот почеток на постапката.
„За жал, воопшто не ми беше за изненадување пресудата. Бев психолошки спремен дека планираат да ја извршат наредбата што им беше дадена. Со оној жар како ги газеа процедурите дека се подготвени да одат и до таа нелогичност да ни определат и затворски казни“.
Со сигурност знаел само едно – дека нема да добијат ослободителна пресуда.
Најмногу го боли тоа што одлуката е изгласана со гласовите на поротниците, кои се граѓанскиот елемент при одлучувањето и своевидна контрола при гласањето за вина.
Излезе, како што рече, дека „е осуден од самите граѓани“, иако се борел за граѓански права и за граѓански концепт на државата.
Ни го ускратија правото да се браниме
Говорејќи со чувство на горчина и гнев, тој евоцира епизоди од судењето, но најмногу како што ни кажа, го здоболело тоа што им била оневозможена одбраната во судот.
Не им биле прифатени доказите, не дале исказ како обвинети пред Апелација, а на самиот крај не можеле да дадат ниту завршни зборови, бидејќи тој имал корона со решение од Институтот за јавно здравје и ако отишол на судењето, ќе сторел кривично дело.
„Не проговоривме година и пол пред суд. Со полно право може да кажеме дека бевме лишени од правото да се браниме“.
Со леснотија, како што говореше им биле одбивани доказите.
„Апелација ја поништи првостепената одлука бидејќи не биле наводно сослушани сведоците на Обвинителството. Но, кога дојдоа сведоците на одбраната, ниеден сведок не прифатија со тврдење дека биле нерелевантни“.
Целиот процес го нарече „кафкијански“.
„Она што му дава кафкијански „шмек“ на сево ова, беше очигледната намера на Обвинителството – кога веќе не можат да најдат основа да нѐ осудат, барем да нѐ малтретираат преку продолжување на постапката. Бидејќи на таков начин се врши казнување без да биде донесена пресудата“.
Секое одење на суд, како што вели самиот, не го троши само денот, туку е и емотивно трошење, лично и на членовите на семејството.
„Тактиката е тивка вода брег рони. Ако не го скршите некого за една година, планот е дека за шест години тоа ќе ви успее“.
Не доаѓал никој да сведочи од канцеларијата на Иванов
Нелогичниот и развлечен судски процес, всушност, се покажал уште на самиот почеток, кога обвинителката не доставила вештачење со поднесување на обвинението. И не само тоа.
„Не можеа да најдат сведок од канцеларијата на претседателот. Имаше три-четири одлагања бидејќи не доаѓаше таков сведок. Судијата во очај реши да побара допис од канцеларијата на претседателот за тоа да го имаат како доказ. Мојот адвокат реагираше дека тоа не е сведочење“.
Савески тврди дека единствената „вина“ е тоа што влегол во канцеларијата на Иванов и излегол со слика што ја запалил.
Тоа јасно го пишува во втората ослободителна пресуда.
Таму дејството на Савески го има само на едно место, на кое пишува „Се забележува обвинетиот З.С. облечен во сина маица со фармерки и блузон префрлен преку панталоните, кој во раката држи фотографија со невидлива слика на фотографијата, која ја потпалува“.
Планираат да се жалат пред Врховниот суд како второстепен суд во постапката.
„Оштетното побарување што јас би го барал, не би бил товар за буџетот на државата. Не е тоа главната причина. Причината е изживувањето од страна на власта, јасно видливата желба да се изживуваш со некој што нема моќ“.
Мачна шестгодишна судска сага
Во декември 2018 ја добиле првата ослободителна пресуда. За пола година, Апелација го враќа предметот од почеток. Па, за следните шест месеци следува уште една ослободителна пресуда. По година и три месеци, доаѓа првата осудителна пресуда на Апелациониот суд.
Убеден е дека имало интервенционизам. Тоа, како што кажа, многу лесно се гледа бидејќи се менувале судии и обвинители, но ништо друго не се менувало.
„Дури на крајот се забележуваше кај судиите дека чувствуваат одреден притисок дека мора да нè осудат. Тој притисок не може да се објасни на ниеден начин, освен дека некој им виси над глава“.
Савески кажа и дека ретко Апелација одлучува мериторно. Дури и кога тоа се случува, расправата трае по неколку рочишта, а кај нив, како што вели самиот, имало 10 до 15 рочишта.
„Имате долга постапка пред Апелација, како да станува збор за мошне замрсен случај“.
Пресудата ја објаснува со потребата „да не можеме да кажеме дека неправедно бевме осудени“, но, и покрај сѐ, вели дека „не можат така да го скршат“.
Впрочем тој се согласува, како што ни рече со познатата синдикална изрека: „Кога се бориш, може да изгубиш. Кога не се бориш, веќе си изгубил“.