Регион

Се испитуваат наводите дека косовски министер, Србин, малтретирал Албанци

Специјалното обвинителство на Косово, побара од полицијата да изврши разговори со граѓаните на Приштина, кои тврдат дека новиот министер за земјоделство, Ненад Рикало, косовски Србин, малтретирал Албанци за време на војната во Косово. Рикало ги негираше овие наводи.

Дие Морина, Приштина

Ненад Рикало, министер за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово

Главниот обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, Решат Милаку, во средата за БИРН изјави дека полицијата извршила разговори со неколку лица, кои тврдат дека новиот министер за земјоделство, Ненад Рикало, за време на војната во 90-тите години, учествувал во малтреирање на Албанци.

„Ја овластивме (косовската полиција) да изврши разговори со граѓаните. Разговорите беа спроведени по барање на Специјалното обвинителство“, рече Миљаку, кој не даде повеќе детали.

Рикало ги негираше овие тврдења, а истото го стори и косовскиот премиер, Рамуш Харадинај.

Имено, неколку граѓани од Приштина, кои тврдат дека во деведесеттите години живееле во истата зграда со Рикало, минатата среда, за телевизија КТВ, изјавија дека во војната биле очевидци кога Рикало, кој секогаш го гледале во униформа, мачел Албанци.

Фестим Беќири, еден од жителите во зградата, изјави дека бил присутен кога Рикало, во два наврати, мачел едно лице, како и дека во неговиот починат татко, вперил оружје.

Поради овие тврдења, некои официјални претставници на косовските Албанци, побараа од обвинителството да покрене истрага, а од премиерот Харадинај негово разрешување, сѐ додека ситуацијата не се реши.

Арменд Земај, член на Демократската лига на Косово (ЛДК), изјави оти некои граѓани, му кажале дека „министерот малтретирал ученици од Дечани”.

Тој објави и фотографија на која, според него, е братот на Рикало, во униформа на српската војска.

Рикало одговори дека овој потег на Земај е дел од кампањата насочена против него и неговото семејство.

„Господин Земај … ја излажа јавноста, кога ја покажа наводната фотографија на мојот брат, на која не е тој, а тоа е дел од намерното манипулирање со јавноста”, се вели во соопштението на министерот Рикало, објавено минатиот четврток.

И Харадинај застана во одбрана на својот министер и истакна дека од полицијата, од разузнавачката служба и од државното обвинителство, побарал информации за овие тврдења на граѓаните.

„Од одговорите што ги добив, преку официјални канали, од три државни институции – нема докази дека учествувал во вакви активности”, се вели во соопштението на Харадинај.

Рикало беше назначен за министер во саботата.

Тој е еден од тројцата српски министри во новата Влада на Косово, на која ѝ се придружија откако Српска листа, главната српска партија во Косово, која ја има поддршката од Белград, одлучи да влезе во администрацијата на Харадинај.