Вести

Се множат патриотските невладини организации

Амблемот на новото патриотско здружение

Речиси секојдневно се множат „патриотски“ невладини организации за зачувување на македонскиот интегритет и унитарноста на Македонија. Во рок од неколку дена, во Централниот регистар беа впишани три нови здруженија на граѓани – МПО „Лавови“ од Битола, Македонско-патриотско здружение Методија Патче од Охрид и Непокор од Струга.

Македонското патриотско здружение „Методија Патче“, освен што се залага за заштита и афирмација на ликот и делото на Методија Патче, бара и да се даде целосен континуитет на македонската историја од Филип 2, Александар Македонски, Цар Самоил…

Здружението се залага и за афирмација и чествување на лица судени за идеите на ВМРО од комунистичкиот режим и чествување на сите револуционери од идејните теченија на ВМРО како организација.  

На амблемот на ова здружение кое што веќе се промовира на социјалните мрежи е испишано „ВМРО“ и „Слобода или смрт“, а се состои од костурска глава, пушка, копје и бомба.

На фотографијата на Фејсбук од амблемот на здружението, можат да се видат коментари од типот „Смрт или слобода за клетите душмани и изроди на македонскиот народ“.

Струшкото патриотско здружение „Непокор“ е формирано од Ивица Томовски, Раде Шајноски, Антонио Мечкароски, Никола Пентидис и Бојан Блажески. Поголем дел од нив, според она што може да се најде на социјалните мрежи, се членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Струга. 

На фотографијата се дел од основачите на „Непокор“ – Бојан Блажески, Раде Шајноски, Никола Пентидис и Антонио Мечкароски

Уште пред да им биде впишана новата невладина организација во Централниот регистар, сите петмина основачи на својот Фејсбук профил го имаат поставено амблемот на здружението, со прекрстени кама и пиштол. 

Амблемот на новото патриотско здружение од Струга

Ова здружение, слично како и охридското, ќе се залага за афирмација на личности занемарени од комунистичкиот режим, како и лица судени за идеите на ВМРО од комунистичкиот режим.  

Статутот, пак, на третото здружение, МПО „Лавови“ од Битола кое вчера беше впишано во Централниот регистар, се залага за „зачувување на територијалниот интегритет, целовитост и унитарност на Македонија, зачувување на македонскиот национален интегритет, на македонските гени од древнина до денес, на националните јазичнолингвистичките, културните, верските и традиционалните македонски обележја и карактеристики“.

Ова здружение се залага и за правата на бранителите, зачувување на традиционалните придобивки од НОБ и создавање цврсто македонско лоби со цел штитење на македонските интереси.

Еден од основачите на здружението и претседател на истото е Петар Христовски, кој бил вработен во СВР Битола а сега работи во друштво за обезбедување.

„Станува збор за чисто граѓанско здружение, патриотско здружение. Немаме никаква врска со партија, јас бев одамна член на партија, но тргнат сум од политиката“, изјави Христовски за БИРН. 

Вчера, на социјалните мрежи се споделуваше и реакција на група која се нарекува Синдикат на Единицата за брзи интервенции „Лавови“ кои побараа од претседателот Ѓорге Иванов да го повика амбасадорот на Албанија да се извини за мешањето во внатрешните работи и да ја отфрли Тиранската платформа. Тие бараат и албанските партии да се откажат од утопистичката идеја за голема Албанија.

„Им порачуваме на политичарите дека ќе спречиме братоубиствена војна и поделба на државата заради политички цели и интереси“, се вели во реакцијата на тнр. Синдикат на единицата Лавови, единица која што беше расформирана по кризата во 2001.

Доста беше од здруженија на Сорос

Веб-порталот Нова ТВ веќе објави дека на почетокот на месецот се формираа две други здруженија, „Национален фронт“- Прилеп и фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров“. Овластено лице на прилепското здружение е Јане Ченто, а на фондацијата е Дијана Транталовска. Освен Транталовска, која е член на ВМРО-ДПМНЕ, еден од основачите е и професорката Виолета Ачкоска, како и Бошко Нелкоски, кој беше под истрага за делењето на европските фондови за млади во Македонија, како тогашен директор на Националната агенција.

Името на Бошко Нелкоски прв пат предизвика реакции во јавноста откако весникот „Нова Македонија“ во 2010 година објави дека тој како директор на Агенцијата, доделил европски пари за проект на невладина организација од Струга, со која претходно и самиот раководел. Весникот тогаш пишуваше дека високи функционери од агенцијата што менаџираат со европските пари, заедно со нивни роднини и соработници, се вплеткани во сомнителна распределба на средствата.

По медиумските написи, Европската комисија почна истрага за тоа дали Нелкоски незаконски им делел европски пари на „роднински“ и „пријателски“ организации, и направи сузпензија на децентрализираните средства кои ги доделува Националната агенција во рок од две години.

Нелкоски си поднесе оставка, а сега „кариерата“ ја продолжува во здружението „Тодор Александров“.

„Доста беше само од здруженија финансирани од СОРОС, кои ни ја растураат државата. Потребни се македонски здруженија кои ќе работат на афирмација и заштита на името, традицијата и историјата на Македонија. ГДОМ е неформално здружение, новата црврно-жолта иницијатива исто така. Затоа решивме да формираме едно официјално здружение кое ќе делува и работи на македонската линија“, изјавила за Нова ТВ професорката и еден од основачите на неформалната иницијатива ГДОМ, Виолета Ачкоска.

Во истото здружение како основач се јавува и Лазар Поповски, поранешен вработен во Агенцијата за млади и спорт, а до почетокот на годинава вработен во Македонски Телеком.

Ваквиот наплив на здруженија на граѓани, меѓу редови го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кога се појави пред Државната изборна комисија (ДИК) во декември минатата година и изјави дека нема да ги признае резултатите од прегласувањето на парламентарните избори.

„Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“, рече тој пред насобраните граѓани.

И токму како што „предвиде“ Груевски, патриотските здруженија оттогаш почнаа да се множат, исто како и барањето правда по улиците откако тој во неколку наврати порачуваше дека „оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда“.

„Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани“, напиша Груевски на социјалните мрежи на 26 ти февруари годинава.

Утредента, започнаа протестите „За заедничка Македонија“.