Вести

Се заговара масовно снимање на гласачите на референдумот

Некои ќе излезат со пенкала, други со вклучени камери | Фото: БИРН

„Ќе му дадеме на некој камерман 500 или 1.000 денари и цел ден нека стои тука и нека снима, да се види кој влегува“.  Овој разговор меѓу двајца приврзаници на бојкотот на референдумот на 30 септември во близина на едно скопско основно училиште (кое служи и како гласачко место за жителите на населбата) се надоврзува на повиците на социјалните мрежи за масовно снимање на гласачите што ќе го искористат своето избирачко право и нема да бојкотираат.

Повиците за снимање траат две недели и ги шират поединци и групи што заговараат бојкот на референдумот за изјаснување во врска со договорот меѓу Македонија и Грција за надминување на спорот за името. Притоа тие велат дека ќе се осигураат целата акција да се изведе легално. Но, институциите предупредуваат дека тоа може да значи прекршување на повеќе закони, што повлекува и парични и затворски казни.

Колку се и кои се

Светскиот македонски конгрес од Австралија, на 21 август, на својата фејсбук-страница најави дека активисти на организацијата ќе бидат присутни во околината на македонската амбасада во Канбера за да ги снимаат и да ги фотографираат тие што ќе влегуваат, а материјалите потоа ќе ги испратат во Македонија.

Дијаспората ќе следи колку и кои луѓе ќе влезат | Фото: фејсбук-страницата на СМК-А

„Многу луѓе велат дека ќе бојкотираат. Се надеваме дека ќе го сторат тоа“, стои во објавата од СМК-Австралија.

Тие наведуваат дека во оваа иницијатива се вклучени и повеќе други организации од Македонија и од дијаспората, вклучувајќи ги ММДЧП, координативната мрежа „СУМ – Сите за унитарна Македонија“, студентската организација „Млади за Македонија“ и други.

Мотивите што ги соопштуваат тие што најавуваат учество во оваа операција се различни.  Дел од нив велат дека целта им е единствено да ја спречат власта да манипулира со бројот на гласачи, така што тие би снимиле колку луѓе влегле во избирачкото место. Потоа, ако подоцна се соопшти дека на тоа место има повеќе гласови „за“ од бројката што ја регистрирале активистите за бојкот, тие би имале доказ за изборна манипулација.

Но, од дел профили на социјалните мрежи отворено се порачува дека целта е да се види, не само колку луѓе ќе гласаат, туку и кои.

Од 300 евра до затвор година дена

БИРН се обрати до повеќе институции со прашање дали е можно една ваква операција за снимање гласачи да се изведе без да се прекрши ниту еден закон. Од Дирекцијата за заштита на личните податоци категорично одговорија дека тоа е невозможно и дека тие што би учествувале, би се соочиле со одговорност барем по три основи.

Дел поддржувачи на бојкотот еуфорично ја поздравуваат иницијативата за снимање | Фото: Фејсбук

„Со тоа би се прекршил и Законот за заштита на личните податоци, и членови на Кривичниот законик, а исто така и тие што се снимени би можеле да поднесат приватни тужби против сторителите“, објаснуваат од ДЗЛП.

Оттаму додадоа дека снимањето во Законот за заштита на личните податоци е регулирано со членовите 9-а и 9-б, бидејќи снимањето на една локација во подолг временски период би претставувало неовластен видеонадзор. Во овие членови од законот е наведено дека секој што врши видеонадзор, мора јавно да истакне дека просторот се снима, како и да објави кој го врши надзорот, детали за контакт и колку време се чуваат снимките. Исто така, се наведуваат и причините поради кои е дозволено да се врши видеонадзор, како заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на сопственоста и други. За прекршување на овие членови од законот се предвидени прекршочни пријави и парични казни од 1.000 евра.

Во членот 152 од Кривичниот законик, пак, се вели дека тој што неовластено ќе направи фотографии или видеоснимки од друго лице без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност, ќе се казни со парична казна или со затвор од три месеци до една година.

ДИК: Тајноста е уставно право

Декларативно, целта на снимањето е да се обезбедат информации за излезноста | Фото: Фејсбук

Државната изборна комисија побара на минатите парламентарни избори да бидат исклучени системите за видеонадзор во објектите каде што ќе се гласа, како училиштата, јавните установи и други, од шест часот наутро до полноќ. Се бараше институциите да достават писмено известување дека видеонадзорот ќе биде исклучен. Исто така, ДИК, преку општинските изборни комисии, побара камерите за видеонадзор на изборниот ден да бидат насочени кон ѕидовите на кои се закачени. Во изборната легислатива нема ништо што го регулира снимањето на избирачките места, но портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска вели дека се воделе од начелото на тајноста на гласањето, предвидено со членот 22 од Уставот.

„Тајноста на гласот е уставна категорија и затоа комисијата одлучи така“, рече Гугучевска.

Таа додаде дека сѐ уште е рано да се каже дали ДИК ќе упати слично барање и за референдумот на 30 септември. Но, иако ДИК може да донесе таква одлука за избирачките места, нема никаква надлежност надвор од нив, ниту за непосредната околина. На тој простор, велат оттаму, треба да реагира Министерството за внатрешни работи.

МВР во минатото го санкционирало снимањето на избирачките места. На прес-конференцијата по локалните избори, на 15 октомври 2017 година, министерот Оливер Спасовски, меѓу другото, соопшти дека било приведено едно лице за неовластено снимање. Исто така, пет дена подоцна, општинската изборна комисија од Центар Жупа, во дебарската полиција го пријавила лицето Р.И. за неовластено снимање, откако на неговиот фејсбук-профил биле објавени фотографии од денот на примањето на изборниот материјал со, како што рекле членовите на комисијата, невистинити содржини.

Сепак, од МВР не добивме одговор како ќе постапат ако снимањето се врши на јавен простор во непосредна близина на избирачките места, но надвор од нив.