Регион

Секојдневниот очај на борците кои претестираат пред Владата на ФБиХ

Демобилизираните борци на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ), цело лето протестираат пред зградата на Владата, барајќи поголеми права, но официјалните лица велат дека во буџетот нема доволно пари за бенефициите кои тие ги бараат.

Игор Спаиќ, Сараево

Тревникот пред зградата на Владата на ФБиХ повеќе од два месеци е дом на Наил Салиховиќ. Толку долго, што се чини дека се навикнал да оди по папучи низ центарот на градот.

Салиховиќ, заедно со десетици други демобилизирани борци, веќе 78 дена, во текот на ова, особено врело лето, живеат во населба од шатори пред зградата на Владата на ФБиХ, обидувајќи се да го свртат вниманието на нивната тешка состојба.

Минатата недела тие покажаа колку се решителни во своите барања, кога шеснаесетмина од нив стапија во тродневен штрајк со глад. Велат дека се подготвени, ако мораат, и да ја поминат зимата во шаторите, иако сараевските зими се многу остри.

„Ќе останам тука сѐ додека не се исполнат нашите барања. Ако морам да умрам овде, нека биде така“ изјави за БИРН, 60- годишниот Салиховиќ.

Демобилизираните борци имаат три основни барања: првото е формирање на единствен регистер на борци во Федерацијата, кои биле припадници на Армијата на БиХ (АБиХ) и на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО).

Второто е укинување на финансирањето на здруженијата на борците, а третото барање е боречки додаток за сите поранешни борци.

Тие сметаат дека единствениот регистар би дал реална слика за бројот на борците, кои навистина учествувале во војната 1992-1995 година.

Се сомневаат дека сегашниот број на борци е преувеличен и дека дел од се регистрирани, во замена за политичка поддршка.

Федералниот министер за боречки прашања, Салко Букваревиќ, во февруари оваа година објави податоци од своето министерство според кои, за време на војната, во АБиХ, во ХВО, во полициските структури, во воените болници и во воената индустрија, биле ангажирани повеќе од 570.000 лица.

Овие податоци дојдоа од, сега непостоечкото, Министерство за одбрана на ФБиХ, врз основа на евиденцијата за бројот на издадени боречки сертификати.

Демобилизираните борци кои протестираат, тврдат дека многумина кои имаат добиено сертификати, всушност, и не биле борци, па заради тоа сакаат да се направи ревизија на податоците.

„По завршување на војната, во Федерацијата имаше најмногу 280.000 демобилизирани борци. Според Владата (ФБиХ), сега имаме повеќе од 570.000 борци“, вели 50-годишниот Назил Велиќ, невработен борец од Бугојно.

„Кои се овие луѓе? Според проценките (на владата), излегува дека никој не починал. Всушност, според нив, се родиле уште повеќе борци. Војната сигурно не би траела четири години ако имавме толку луѓе во нашите редови“, додава тој иронично.

Второто барање на демобилизираните борци кои протестираат, е укинување на финансирањето на сите здруженија на борци, од страна на Владата на Федерацијата и на сите десет кантонални влади.

Во Федерацијата моментално има 1.600 здруженија на борци, но демонстрантите тврдат дека тие постојат само за да можат политичарите, преку усмерување на големи суми пари кон нив, да „купат“ социјален мир.

„Ако престанеме со финансирање на тие организации, ќе заштедиме значителна количина на пари“, објаснува Велиќ.

„Кога би се задоволило нашето прво и најголемо барање, формирање на единствен регистар на борци, од него би можеле да се избришат околу 300.000 лажни борци и би имале доволно пари за финансирање на нашето трето барање, исплата на боречки додатоци“, додава тој.

Нивен услов е месечните примања, да бидат во висина од 326 босански конвертибилни марки, КМ, (околу 167 евра) за невработените борци и секој демобилизиран борец, да добие две или три КМ (едно до едно и пол евро) за секој месец поминат во војната.

„Ова веќе го имаат во Република Српска, така што ние не бараме нешто невозможно“, потенцира Велиќ.

Шаторите во кои што се борците, поставени пред Владата на ФБиХ. Фото: БИРН

 

„Премногу здруженија на борци“

Од Федералното министерство за прашањата на борците и инвалидите од одбрамбено-ослободителната војна, за БИРН потврдија дека во Федерацијата се регистрирани околу 1.600 здруженија на борци.

Меѓутоа, од министерството потенцираа дека „ниту една од овие организации не се финансира од буџетот на Федерацијата, туку се финансираат некои нивни проекти, преку јавни тендери“.

Исто така, потврдија дека се регистрирани 577.261 лица кои биле ангажирани во војната, вез разлика „дали биле ангажирани само едне ден или за време на целиот воен период“.

Министерот за боречки прашања, Салко Букваревиќ, изјави дека ресорното министерство и Владата на ФБиХ, ги поддржале сите барања на борците, и дека само мала група на луѓе се незадоволни.

Букваревиќ за БИРН изјави дека во април оваа година, уште пред борците прв пат да се соберат на протести пред зградата на Владата, Владата на Федерацијата и ресорното министерство подготвиле предлог измени и дополнувања на законот за правата на демобилизираните борци, кој вклучува и воспоставување на единствен регистар.

„Законот е веќе усвоен од страна на Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ и ние очекуваме дека Домот на народите на ФБиХ, ќе го усвои на почетокот на септември“, изјави Букваревиќ.

Додаде дека годишно од буџетот на Федерацијата се издвојуваат 570 милиони КМ (291,3 милиони евра) за борците.

Тој изјави дека е прифатено и барањето, од 1 август да сопре финансирањето на организациите и здруженијата на борци, сѐ до донесување на Закон за здруженија на борци од посебно значење за општеството.

Законот има цел да утврди кое од сегашните здруженија, навистина ги претставува интересите на најголемиот број борци.

Букваревиќ и самиот смета дека овие 1.600 здруженија, треба да се спојат во едно.

Постојат толку многу здруженија, затоа што законот дозволува „најмалку три лица да формираат здружение на борци“, изјави министерот.

Во интервју за порталот fokus.ba, Букваревиќ изјави дека, во моментов, за здруженијата на борците во Федерацијата, годишно се издвојуваат повеќе од 12 милиони КМ (6,5 милиони евра), но дека од федералниот буџет се издвојуваат само 360.000 КМ (184.010 евра) годишно, додека кантоните издвојуваат поголем износ од ова.

Додаде дека иако Федерацијата ќе престане да ги финансира здруженијата од 1 август, тој официјално не може да ги спречи кантоните и општините и понатаму да го прават тоа.

Импровизиран тоалет во кампот на борците. Фото: БИРН

 

Исплатата на додатоците „финансиски невозможна“

Министерството проценува дека, во моментов, во заводот за вработување се регистрирани околу 55.000 борци и дека има уште 15.000 кои се невработени, но не се регистрирани како невработени.

Ова значи дека нивното барање за исплата на додатоците ѝ создава уште поголеми проблеми на Федералната влада.

„Третото барање, за исплата на боречките додатоци во висина од 326 босански марки на секој борец кој е регистриран во заводот за вработување и е без приходи, ги надминува нашите можности, затоа што се потребни дополнителни 280 милиони КМ (143 милиони евра) годишно, за да се постигне тоа“, изјави министерот Букваревиќ.

Иако е невозможно да се зголеми износот на средствата кои се наменети за борците, министерот истакнува дека во јуни потпишал договор со најголемите здруженија на борци, оти сегашниот износ за борците, во наредните пет години, нема да се смалува.

„Верувам дека ова е единственото реално решение и ги повикувам претставниците на боречката популација на дијалог“, изјави тој.

Во претходно интервју, за регионалната Н1 телевизија, тој напомена дека на сите демобилизирани борци, кои од 2006 до 2010 година биле на биро за вработување, за секој месец поминат во армијата, им се исплатени по 150 КМ (77 евра) и дека десетици илјади поранешни војници кои биле вработени, го напуштиле својот работен договор, за да можат да добијат бенефиции.

Тоа на многумина им овозможи и понатаму да бидат вработени како сезонски работници, но да го задржат својот официјален статус на невработено лице, за да добиваат бенефиции.

За Букваревиќ, клучниот проблем зошто не се почитува Законот за правата на борците, според кој борците и членовите на нивните семејства треба да имаат предност при вработување, е поради тоа што во тој закон нема казнени одредби.

„Верувам дека прва задача на власта на сите нивоа, треба да е вработувањето на борците и на членовите на нивните семејства“, изјави тој.

Борец одмора во својот шатор. Фото: БИРН

 

Поддршка за загрозените

Големиот број на здруженија на борци е последица на сложениот политички систем во земјата, објаснува Елвис Судар, потпретседател на Здружението на војни инвалиди- параплегичари во Федерацијата и претседател на истото здружение во Кантон Сараево.

„Имате здружение на ниво на Федерација, уште десет на ниво на десетте кантони (во Федерацијата) и општинските организации“, изјави тој за БИРН.

Нагласи дека, доколку неговото здружение не е дел од здруженијата на кантонално ниво, не би можело на соодветен начин да лобира за правата на своите членови, поради сложениот систем на управата во земјата.

Исто така, смета дека сопирањето на финансирањето на здруженијата ќе има тешки последици.

„Тие забораваат дека многу демобилизирани борци и деца на борци ќе ја загубат работата. Ние сме сервис на категоријата (на луѓе) на која помошта ѝ е најпотребна, достапни сме им на нашите членови 24 часа на ден“, потенцира тој.

Освен информациите кои им ги овозможува на војните инвалиди – параплегичари, здружението на Судар, со своето делување, на своите членови им дава поддршка, редовно ги посетува и редовно се информира за нивното здравје.

Доколку некој член на здружението е болен, а нема начин како да дојде до болницата, здружението испраќа некој да го однесе. Исто така, во одредени случаи, обезбедува и финансиска помош, за плаќање на лекови за членовите или погреби.

„Еден од нашите членови е 22 години во кома. Има само мајка и сестра. Кој ќе биде покрај него кога тие ќе си одат?“, прашува тој.

Судар смета дека, по завршувањето на војната, вработувањето на ветераните требало да биде приоритет на владата. Денес, тоа е пропуштена можност.

„Војната заврши пред 22 години. Зошто министерството не отвори фабрики и работни места на кои тогаш можеа да се вработат сите тие луѓе?“, праша тој.

„Денес тие се многу постари и никој не сака да ги вработи. Пред дваесет и две години, тие беа во своите најдобри години за работа, а парите кои би се вложиле, би се вратиле преку придонесите“, додава тој.

Транспарент со натписот „Камп на излажаните бранители на БиХ”. Фото: БИРН

 

Изгубена доверба

Сараевчани веќе се навикнаа на шаторите на демонстрантите, на транспарентите и на знамињата во тревникот пред зградата на Владата на Федерацијата. Кога би си отишле борците, просторот би делувал празно.

На еден од поставените транспаренти пишува: „Камп на излажаните бранители на БиХ“. Кампот е добро организиран, поставени се мобилни тоалети, имаат кујна, па дури и мијалник со вода каде што наутро можат да се избричат и да измијат заби.

„Имам 3 браќа дома, а сега тука имам уште 50“, ни вели Салиховиќ.

Луѓето доаѓаат и си заминуваат. Понекогаш им оставаат и пари на ветераните, чија ситуација е уште повеќе отежната, поради сложениот и збунувачки административен систем на повоената БиХ, која има повеќе нивоа на власт.

Не им веруваат на политичарите, дури ни на оние како министерот Салко Букваревиќ, кој, како што вели, прави сѐ што може со средствата со кои располага, за да ги задоволи нивните барања.

Демобилизираните борци секое утро гледаат во сјајните и скапи автомобили, кои еден по друг доаѓаат пред зградата на Владата.

Двајца ветерани седат на скалите на зградата во близина на кампот, читајќи весници.

„Гледај“, му вели едниот на другиот, покажувајќи му нешто во текстот во весникот покрај кој има фотографија од сараевската елита, меѓу кои и жени на политичари, на црвениот тепих на Сараевскиот филмски фестивал.

„Нејзината чанта веројатно вреди колку пензија за половина година“.

Објавено и на Балканска транзициска правда