Регион

Семејствата на убиените српски гардисти бараат детали за истрагата

На годишнината од смртта на двајцата гардисти, кои настрадаа во касарна во Белград, во која наводно се криел обвинетиот од Хашкиот трибунал, Ратко Младиќ, нивните семејства побараа информации од официјалните лица на Србија, за напредокот на истрагата.

Маја Живановиќ, Белград

Драган Јаковљевиќ и Дражен Миловановиќ

Јанко Јаковљевиќ и Петар Миловановиќ, родители на починатите гардисти, Драган Јаковљевиќ и Дражен Миловановиќ, во четвртокот, на одбележувањето на 13-годишнината од нивната смрт во Белград, изјавија дека сакаат да се сретнат со претседателот, Александар Вучиќ, и премиерката, Ана Брнабиќ, од кои бараат информации за напредокот на истрагата.

„Вучиќ ни вети дека ќе мрдне од мртвата точка. Сепак, помина една година, а ние сѐ уште не знаеме што се случува во обвинителството“, рече таткото на Драган Јаковљевиќ, Јанко Јаковљевиќ, за медиумите.

Петар Миловановиќ, истакна дека Вучиќ и Брнабиќ, на средбата треба да објаснат „дали нешто ќе се работи или не“.

Предраг Савиќ, еден од адвокатите на семејствата на гардистите, изјави дека Вучиќ, кој претходно беше премиер, на состанокот во декември минатата година, на семејствата им рекол дека парафинските ракавици, тестирани во истрагата, биле подметнати.

Савиќ додаде дека Вучиќ им рекол оти „тоа било направено во текот на воената истрага и дека еден офицер го кажал ова“.

„Му поверувавме на премиерот и очекувавме нешто брзо да се случи после тоа, дека обвинителството ќе поднесе кривична пријава против Н.Н. лица за убиство“, изјави Савиќ за Н1 телевизија.

Адвокатите на семејството во четвртокот рекоа дека специјалната комисија формирана во декември 2016 година, за да го разгледа случајот, не одржала ниту еден состанок.

Осврнувајќи се на годишнината од смртта на двајцата гардисти, претседателот Вучиќ изјави дека комисијата работела „под голем политички притисок“, но не даде објаснување за ова.

Сепак, додаде дека таа сега може „сосема слободно да работи и дека има целосна поддршка да дојде до заклучоци, кои се точни и прецизни“, јави новинската агенција Бета.

Јаковљевиќ и Миловановиќ беа убиени на 5 октомври 2004 година, додека беа на стража во касарната на Топчидер.

Српската армија и воениот суд покренаа истрага и според резултатите на оваа истрага едниот војник го убил другиот, а потоа и самиот се убил.

Но, друга истрага иницирана од семејствата, откри дека војниците биле убиени од трето лице.

Семејствата тврдат дека добиле неофицијална потврда дека нивните деца биле убиени, бидејќи бегалецот Младиќ, се криел во касарната.

Во октомври 2014 година, кога веќе беше во притвор, Младиќ беше прашан за неговата можна вмешаност во убиството на двајцата војници, но тој негираше дека во тоа време се криел во касарната.

Уставниот суд на Србија, во февруари 2013 годин, пресуди дека на семејствата на војниците им било ускратено правото на фер судење, бидејќи истрагата за овој случај траела осум години, а не било покренато ниту едно обвинение.

Поради ова, секое семејство доби по 5.000 евра отштета.

Годишнината од смртта ја одбележа и невладината организација „Жени во црно“, која во четвртокот на Топчедер организираше комеморативен собир со молчење.