Ана Владисављевиќ, Загреб
Серж Брамерц, обвинител на Механизмот за Меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, предупреди дека соработката меѓу поранешните југословенски земји, во врска со гонењето на осомничените за воени злосторства, извршени за време на последните војни на Балканот, „уназадува”.
Брамерц, на прес-конференцијата што се одржа во Загреб, изјави дека земјите од поранешна Југославија, слабо соработуваат во процесирањето на воените злосторства, и дека функционерите не се заинтересирани да ги осудат злосторствата извршени во 90-тите години.
„Несреќен факт е дека ситуацијата е лоша и оти неколку години назадува во однос на државниот прогон на воените злосторници и регионалната соработка”, рече Брамерц, на меѓународната конференција, “Правдата после Хаг”, во организација на невладината организација од Загреб, Документа – Центар за справување со минатото.
„Секој пат кога ќе дојдам во регионот, шокиран сум од разликата помеѓу пристапот на официјалните лица, кои немаат волја да покажат интерес за осуда на воените злосторства, и очајната состојба на жртвите”, додаде тој.
За време на неговата посета на Загреб, Брамерц се сретна и со хрватскиот министер за правда, Дражен Бошњаковиќ, и со главниот државен обвинител, Дражен Јелениќ, со кои разговараше за гонењето на воените злосторства во Хрватска и за регионалната судска соработка во случаите на воените злосторства.
Како што дознава БИРН од свои извори, Брамерц со Бошњаковиќ зборувал и за зголемениот бројот на судења во отсуство.
Според годишниот извештај на Документа, повеќето случаи на воени злосторства во 2017 година биле спроведени во отсуство на обвинетиот.
„Со ова, основниот постулат на секоја современа кривична постапка, која мора да обезбеди делотворно учество на обвинетиот, контрадикторна структура на постапката и еднаквост на оружјето на странките, е значително нарушена”, се вели во извештајот на Документа.
Според нашиот извор, Брамерц со Бошњаковиќ зборувал и за ангажманот на Академијата за правни науки на Хрватска од страна на хрвтското Министерство за правда, со цел да се направи студиска анализа на првостепената и на второстепената пресуда на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во случајот што се водеше против поранешните политички и воени претставници на босанските Хрвати – Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Миливој Петковиќ, Валентин Чориќ, Берислав Пусиќ и Слободан Праљак.
Целта на анализата е да се разгледа можноста за оспорување на конечната пресуда, велат од Министерството за правда.
Брамерц и Бошњаковиќ, исто така, разговарале и случајот на Бранимир Главаш, хрватски генерал од 90-тите, лидер на десничарска политичка партија и пратеник во хрватскиот Парламент, на кого му се суди во обновен судски процес, по обвинение за воени злосторства, вели нашиот извор.
Документа смета оти судот го чисти патот за ослободување на Главаш, со одвојување на неговиот, од предметите на петмината негови подредени.
Според Министерството за правда, на состанокот биле разгледани и други прашања, како што е прашањето за исчезнатите лица.