Регион

Србија ослободи стоматолог од Косово, кој помина два месеци во притвор

Дие Морина, Приштина

Ибрахим Матоши. Фотографија на семејството Матоши

Министерот за надворешни работи на Косово, потврди дека српските власти го ослободиле стоматологот, Ибрахим Матоши, кој беше уапсен во август, врз основа на обвиненија, наводно, поврзани со војната во Косово, 1998-1999 година.

Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, во понеделникот изјави дека српските власти го пуштиле на слобода Ибрахим Матоши, стоматолог кој беше уапсен пред два месеци на граничниот премин Бела земја (Деу и Бард), додека се враќал во Германија, по одморот поминат во Косово.

„Само што добив извештај од косовската канцеларија за врски дека адвокатот на Ибрахим Матоши објавил оти тој ќе биде ослободен. Ќе ја почекаме последната официјална потврда за неговото враќање на територијата на Косово, така што неговите роднини и сите оние кои активно беа вклучени во овој случај, да можат да почувствуваат емоционално и духовно ослободување“, напиша Пацоли, на својот профил на Фејсбук.

Тој додаде дека Србија мора да ги почитува начелата на слободата на движење.

Министерството, во време кога Матоши беше уапсен, соопшти оти верува дека тој е задржан врз основа на обвиненија поврзани со „обвинение, како и во другите случаи против граѓаните на Косово, од воениот период“.

Матоши е роден во Гњилане, но живее во Германија. Во Косово бил за време на летниот одмор, како и многу други косовски Албанци кои живеат во странство.

Кога беше уапсен, Министерството за надворешни работи на Косово го обвини Белград дека ги крши човековите права на граѓаните на Косово, кои ја користат територијата на Србија како транзитна земја, за време на нивното патување.