Регион

Шешељ критикуван бидејќи го посетил Легија

Филип Рудиќ, Белград

Шешељ пред Вишиот суд во Белград. Архивска фотографија: БИРН

Воислав Шешељ, лидер на Српската радикална партија, пратеник во српскиот парламент и осуденик за воени злосторства, го посети во четврток во затвор Милорад Улемек, на кого му ветил дека ќе му помогне со ревизијата на неговата 40-годишна затворска казна, на која тој беше осуден заради планирање на убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, извршено во 2003 година.

„(Улемек) незаслужено, под најригорозни услови, е на издржување на казната затвор“, изјави Шешељ за провладината телевизија Пинк.

По посетата, Шешељ на Б92 им покажа документ за кој рече дека е полномошно што му го дал Улемек, да покрене постапка за ревизија на пресудата.

Улемек, поранешен висок офицер на Специјалната антитерористичка единица на Министерството за внатрешни работи на Србија, беше осуден и за убиство на претседателот на Србија од осумдесеттите години, Иван Стамболиќ, и за обид за убиство на поранешниот водач на опозицијата, Вук Драшковиќ.

Шешељ рече дека тој, исто така, ќе помогне да се покрене повторно судење на Звездан Јовановиќ, кој беше прогласен за виновен дека пукал во Ѓинѓиќ.

Шешељ потенцира оти Јовановиќ и Улемек се „херои“.

Сепак, Милан Антонијевиќ, директор на Комитетот на правници за човекови права, вели дека шансите за ревизија се многу мали.

„Секогаш имате можност повторно да отворите случај, доколку се појават нови факти, но во овој случај тоа е всушност научна фантастика“, изјави Антонијевиќ за БИРН.

Тој додаде дека му се чини оти Шешељ, кој беше осуден за воени злосторства од страна на Механизмот за меѓународни кривични трибунали во април, само бара внимание.

Шешељ и неговата Српска радикална партија се обидоа да предизвикаат неколку инциденти, откако експерти и критичари почнаа да укажуваат дека неговата осудителна пресуда правно го дисквалификува како пратеник.

Во средата во Белград, Шешељ и неговите поддржувачи протестираа против фестивалот „Мердита, добар ден!“, кој е посветен на приближувањето на Србите и Албанците од Косово.

Неодамна, Шешељ купи куќа во селото Хртковци, каде што во 1992 година одржа националистички говори за кои беше осуден за воени злосторства, што критичарите го оценија како провокација.

Шешељ, исто така, планираше да одржи митинг на 6 мај во Хртковци, на годишнината од неговите антихрватски говори, но неговото одржување беше забрането и спречено од српската полиција.

Шешељ дури и предложи можност да ја оспори пресудата на судот на ООН со жалба, иако за тоа нема основа, вели Антонијевиќ.

Шешељ, исто така, присуствува на судењето на обвинетите за убиства на Бошњаците во Кравица, извршени по падот на Сребреница во јули 1995 година, користејќи го медиумското внимание да го негира геноцидот во Сребреница и да создаде нетрпеливост кај семејствата на жртвите присутни во судницата.

Во април, хрватска државна делегација го посети српскиот парламент. Посетата беше ненадејно завршена откако Шешељ ја навреди делегацијата и го газеше хрватското знаме.

И покрај инцидентите и обвиненијата за воени злосторства, српските власти досега не покажаа интерес за спроведување на законот и за отстранување на Шешељ од Собранието.