Регион

Шест лекции што треба да се научат од судењата во Хаг

Oдлуките на судовите за воени злосторства во Хаг, ни оставија многу нешта за откривање во врска со вистината, вината, значењето на геноцидот и тешко дофатливиот концепт на помирување

Изрекувањето на пресудата на Ратко Младиќ, помина како што се очекуваше, без изненадувања, освен бранот различни мислења на судијата претседавач. Со оглед на тоа што правниот исход остана во основа непроменет, во однос на првостепената пресуда, нема ништо ново, што може да се каже за тоа.

Тоа и не е толку лошо. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, и неговиот наследник, Резидуалниот механизам, оставија мешани податоци. Нивната мешавина на добри и лоши одлуки кажува многу за моменталниот капацитет на законот, како и за неговата способност да отвори нови терени, но и за неговата неподготвеност да премине некои граници.

Но, пред сè, покажа дека раните и тензиите на еден дел од светот, кој закрепнува од насилството од големи размери, не можат да се решат преку процеси што се потпираат единствено на законот.

Значи, ако ова е моментот кога можеме да направиме отклон од злосторниците и штетата што тие ја оставија зад себе, и да се свртиме кон општествата кои ги собираат остатоците, кои се лекциите што може да се извлечат од 28-годишното ставање на законот на прво место? Дозволете ми да предложам неколку, надевајќи се дека другите луѓе ќе предложат и други.

Лекција број 1: Потрагата по вистината е повеќе од потврдување на фактите

МКТЈ. Фото:https://www.icty.org/

Бројни лица се обратија до судовите во надеж дека ќе ја раскажат приказната за насилството што луѓето го преживеале. И, во многу случаи, судовите ја раскажаа таа приказна. Благодарение на истражителите на Трибуналот, ние знаеме многу повеќе за опсегот, размерите и деталите на злосторствата, извршени во конфликтот во регионот, отколку во кој било друг конфликт во историјата. А бидејќи истрагите беа спроведени во контекст на кривично гонење, ние, исто така, знаеме и кој е директно и индиректно одговорен за нив. Потенцијалните придонеси на архивите на обвинителството, само што започнаа да се истражуваат.

Постојат некои работи што не ги знаеме и што архивите на Трибуналот нема да ни ги кажат. Така, ние не го разбираме доволно добро широкиот спектар на услови што го овозможија насилството. Нѐ разбираме целосно што значеше насилството за заедниците што го преживеаја. А имаме само прашања за тоа што значи тоа искуство.

Потребно е повеќе од само собирање на податоци, за да се одговори на конкретните прашања во врска со вината или невиноста на обвинетите, за да се исполнат барањата за разбирање. Најочигледна потреба е онаа по дијалог, споделување, слушање и признавање на искуствата, размена на искуствата преку етничките и националните граници, создадени како последица на насилството.

Поконкретно, треба да се разгледаат две точки што во судската евиденција останаа неразјаснети. Прво, дали насилството се случило во „граѓанска војна“ или во прекуграничен конфликт? Наодите на судот се нејасни: Хрватска беше индиректно вклучена во случаите Тихомир БлашкиќДарио Кордиќ и Херцег-Босна, но немаше обвиненија.

Судиите не рекоа до крај, дека Србија, со вооружување, финансирање, обука и испраќање луѓе во силите што ги извршиja злосторствата, била вклучена во тие злосторства. Правните причини за создавање на ваква историски бесмислена приказна, се веројатно јасни – кохерентната приказна би го проширила опсегот на гонење, надвор од опсегот на судот. Но, нема причина историчарите или граѓаните да бидат задоволни со неодговорите.

Кон ова се придодава уште едно историско прашање што судот го остави нерешено. Дали инцидентите за кои беа осудени лица, беа дел од сеопфатен план? Ова е извор на широко распространета фрустрација, пропратено со повторениот заклучок на судиите, дека геноцид е извршен во Сребреница, и никаде на друго место.

Нема смисла да се тврди дека геноцидот може да се случи во отсуство на геноциден проект, дека хомогени територии можат да се создадат и со присилна промена на населението. Сосема е можно, одговорот на ова прашање, да вклучува толкувања што можеби не претставуваат доказ вон разумно сомневање според стандардите на кривичното право, но демонстрираат намера и модел што е убедлив според условите.

Лекција број 2: „Индивидуализацијата на вината“ е законски добра, но не и за разбирањето

Плакати за поддршка на Ратко Младиќ во Белград, во декември 2017 година. Фото: https://www.obraz.rs/

Еден од принципите, воведени во кривичната постапка, е „индивидуализацијата“ на вината. Принципот значеше дека луѓето, што се директно одговорни за извршување или давање наредба за извршување на злосторствата, ќе бидат гонети и дека тие ќе ја сносат вината. Ова беше разумен одговор на широко распространетата реторика за време на конфликтот, во кој „Србите“ направија една страшна работа, „Хрватите“ направија друга, и така натаму.

Се разбира, членовите на апстрактните групи не направија ништо. Злосторствата беа извршени во нивно име, од луѓе кои ја преземаа власта над различните заедници. Идентификувањето на луѓето и силите кои навистина ги извршија злосторствата, беше добар начин да се ослободат цели општества од товарот што не го заслужуваат.

Но, постои и фундаментална структурна нелогичност во чистата правна логика. Поединец може да планира, да нареди, да учествува или да одобри злосторство од поголеми размери, но како индивидуа не може сам да ги изврши. Силата, организацијата и опремата неопходна за извршување, на пример, на систематско погубување на илјадници луѓе или присилно протерување на илјадници луѓе, им се достапни само на институциите и државите. А, волјата за извршување на злосторство од такви рамери, може да биде резултат само на декларирана или ненаведена политика.

Правните институции се слабо опремени за сами да се справат со овој пакет на факти. Државите можат да се тужат едни со други пред Меѓународниот суд на правдата. Но, нема многу достапни лекови кои им овозможуваат на жртвите да ги гонат агентите на политичка, корпоративна или колективна одговорност. Од правна гледна точка, ова може да биде добра работа. Но, од гледна точка на разбирањето, нема смисла универзумот на одговорност да биде ограничен на поединци.

Многу предлози што имаат смисла во врска со примената на кривичните казни – на пример, дека едно лице е „невино додека не се докаже вината“ или дека „бенефитите на сомневањето секогаш треба да се однесуваат на обвинетиот“ – не се преведуваат добро во светот на фактички проживеана етика во материјалниот свет.

Ова значи дека дури и ако опасно произволните пропозиции, како што е „колективната вина“, мора да бидат отфрлени, веројатно постои причина да се размисли за заедничка одговорност во постапувањето, односно непостапувањето на институциите, кои придонеле за извршување на злосторството или за создавање на атмосфера во која извршените злосторства станале нормални или оправдани.

Оваа категорија на одговорност, неизбежно ги вклучува медиумите, политичките и образовните институции.

Лекција број 3: Фетишот на геноцидот предизвикува повеќе проблеми, отколку што решава

Бошњачка на погребот во Меморијалниот центар во Поточари на 11 јули. Фото: Бета, АП, Амел Емриќ.

Повеќето заклучоци на Судскиот и на Апелацискиот совет, во случајот Младиќ, беа во согласност со очекувањата на повеќето набљудувачи. Со оглед на тоа што и други обвинети беа прогласени за виновни за геноцид во Сребреница, мали беа шансите, највисокиот воен командант, да биде ослободен од обвинението. Од друга страна, со оглед на тоа што претходните судски совети одлучија да не ги квалификуваат другите големи злосторства како геноцид, веројатноста, последната комисија да го разгледа ова прашање и да одлучи поинаку, беше прилично мала. На ниво на кое овие наоди се контроверзни, спорот се однесува на тоа дали злосторствата се дефинирани како геноцид или друг вид на кривично дело.

Прво да расчистиме едно прашање. Злосторствата што судиите не ги дефинираа како геноцид, беа дефинирани како злосторства против човештвото. Како што сугерира самиот назив, не се работи за мали кривични дела. Пред Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид да стапи на сила во 1951 година, според меѓународното право,  немаше поголемо кривично дело од злосторствата против човештвото.

Без оглед на тоа, геноцидот е рангиран како тешко кривично дело, па и обвинителите, но и државите имаат тенденција да го гонат, и во зависност од тоа дали нивното политичко раководство ќе декларира афинитет кон сторителите или жртвите, тие ќе одат понатаму со гонењето или ќе го избегнуваат (или, како во некои случаи што на сите им се познати како пример во регионот, ќе го направат и едното и другото).

Ова ја комплицира работата на адвокатите и судиите. Со цел судот да се увери дека е извршен геноцид, следниве слабо дефинирани елементи, содржани во членот 2 од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, мора да докажат: а) дека делата биле извршени со „намера да се уништи, целосно или делумно“ (каде што „намерата“ и „уништувањето“ не се дефинирани и постои бесконечна дебата за тоа колкав дел е тој „дел“ и б) дека целта на која ова се однесува е „група“ – „национална, етничка, расна или религиозна“ (односно, повеќе симболична отколку политичка или воена цел).

Повеќето аргументи се движат од тешки, до невозможни за докажување вон разумно сомневање, и затоа судовите имаат донесено толку малку заклучоци, за извршен геноцид. До степен до кој постои правна дебата за крутоста на критериумите, таа се одвива главно во контекст на несогласувања (вчерашното несогласување на судиите Н’гум и Пантоне сега може да влезе во оваа литература).

Можно е во иднина да има промена на правните стандарди, врз основа на кои судовите би биле поприемчиви кога станува збор за обвинувањата за извршен геноцид, што не се однесува и на догледната иднина. Ова значи дека не е разумно да се очекуваат многу пресуди за геноцид.

Дали е ова проблем? Проблем е кога утврдувањето на геноцидот се смета за потреба да се покаже сериозноста на злосторството или за инструмент за градење политички капитал. Инаку, утврдувањето дека се работи за  злосторства против човештвото, не може да се смета за загуба или (на спортски јазик кажано) за утешна награда.

Можеме да одиме подалеку од ова. Едно од условите за утврдување на геноцидот, е да се покаже дека жртвата станала жртва затоа што е припадник на некоја група. Ова, на прв поглед, не треба да биде контроверзно – но сторителот веројатно, во повеќето случаи (честопати без голема прецизност или точност) ќе ги цели жртвите како членови на одредена група.

Аргументацијата станува попроблематична, кога размислуваме за целиот живот на жртвите. Зошто тие биле перцепирани како членови на групата што е целена? Дали е тоа заради нешто во што жртвата верувала или чувствувала? Можеби, но не секогаш имаме начин да го откриеме тоа. Или можеби е така, затоа што сторителот ги дефинирал како такви?

Ако е ова вистина, тогаш расудувањето на сторителот станува и доминантен критериум на судијата. Логиката на Конвенцијата налага луѓето што ги анализираат злосторствата, да ја усвојат истата логика со која сторителите ја намалуваат хуманоста од жртвите на групите, за кои се смета дека тие им припаѓаат.

Од овие причини, се поголемо е мислењето кое сугерира дека фиксацијата на заклучокот дека злосторствата што претставуваат геноцид се, во најдобар случај дистракција, а во најлош, зголемување на штетата направена од злосторството.

Лекција 4: За кого сакате повеќе да дознаете?

Муралот на Ратко Младиќ во Калиновик. Фото: БИРН.

Знаеме многу работи што никогаш не сме сакале да ги знаеме за Ратко Младиќ. Дознавме дека тој барал и добил јагоди додека бил во притвор пред екстрадицијата. Знаеме дека тој, на изрекувањето на пресудата, го сменил прстенот што вообичаено го носел и дека неговиот избор на симболот на новиот прстен е безобразно несоодветен. Сѐ на сѐ, знаеме работи што можеби би сакале да ги знаеме за некој поп-пејач или супермодел, но не и за личност чија главна дистинкција во животот била да се даде наредба за масовни погубувања.

Накратко, ова е проблем со јавните судења. Злосторникот, некое време, станува славна личност, ѕвезда на ТВ-емисии и центар на целокупното внимание. Но, фокусот не е ставен само на злосторствата, туку и на здравјето на злосторникот, неговата лична идиосинкразија и другите ексцентричности. Понекогаш дури и самите злосторства се исклучуваат.

Кога вниманието се пренасочува на овој начин, тоа се прави поради скриена намера – да се оттргне вниманието од нешто друго. Во овој случај од жртвите, семејствата на жртвите и од големиот број луѓе, чии животи се трансформирани од траумата што ја преживеале поради злосторството.

Можеби е неизбежно јавното судење за некое големо злосторство, да му донесе извесен публицитет на сторителот. Добивката за сторителот, е загуба за жртвите. Можеби би сакале приказната да се сврти во насока на признавање на она што жртвите го преживеале, на проблемите со кои се тие се соочуваат и на нивните потреби. Се чини дека ова не се случува, ако воопшто може да се случи, пред луѓето што им ги предизвикале тие проблеми, да ја напуштат централната сцена.

Лекција број 5: Ангажирање на целокупното општество

Луѓе во Хаг го следат изрекувањето на конечната пресуда на Радован Караџиќ, во март 2019 Фото: БИРН

Судењата беа претежно елитна операција. ООН и другите меѓународни институции беа ангажирани во комуникацијата со земјите, на кои им се даваа услови што треба да ги исполнат. Политичките лидери на овие земји би ги испочитувале или не би ги испочитувале овие услови, за кои би добиле или не би добиле бенефиции од ООН и другите меѓународни институции.

Овие активности би резултирале со судења, на кои професори по право од страна на обвинителството и професори по право од страната на одбраната, би спореле пред професори по право во судницата, на технички јазик што повеќето од присутните не го разбираа.

Јавноста беше исклучена од целиот овој процес.

Зошто јавноста беше исклучена? Веројатно, главната причина лежи во стравот: страв кај политичарите дека секое отстапување од воената линија ќе биде непопуларно, страв кај правните експерти дека нивната активност ќе биде подредена на политиката, страв кај злосторниците дека ќе биде обелоденета нивната вина и страв кај оние кои имаат корист од злосторствата, дека ќе ја изгубат својата позиција.

Втора причина може да биде тоа што политичарите сметале дека ризикот од откривање на она што го знаат, може да се пренесе на судовите, кои во одреден момент тоа би го обелодениле. Но, нема причина политичарите да се издвојуваат. На крајот на краиштата, тие, во сите земји од регионот, се меѓу луѓето што најмалку им се верува во институциите кои имаат најмала доверба.

Она што е впечатливо, ако го следите дискурсот во последните неколку години, со некои карактеристични исклучоци, е отсуството на јавен дијалог на институциите кои имаат најголема доверба во општеството: верските, образованите и културните. Почесто отколку поретко, луѓето кои бараа значење или разбирање од овие институции, наидуваа или на мимикрија на идеологијата од периодот на конфликтот или на молк.

Во овој контекст, не е изненадувачки што јавноста од различни земји добива информации и ги отфрла, одбива извори или реконтекстуализира информации што не постојат. На повеќето луѓе не им се дава можност да направат нешто друго. Дел од вината за ова, лежи во плашливоста на институциите од кои може да се очекуваат одговори. Но, голем дел лежи и во одлуката, целата работа за создавање на историското разбирање и толкување на неговото значење, да се пренесе на судовите.

Тешко се излегува од маѓепсаниот круг на молк и повторување, под какви било околности, а уште потешко е да се излезе кога носителите на политичката и институционалната моќ, зависат од неговото одржување. Во врска со ова, тешко е да се замисли дека монополот над дискурсот може да се сруши без појава на нова генерација општествено активни луѓе, чија позиција не зависи од моќта на нивните претходници.

Лекција број 6: Изговорете ‘помирување’, само кога навистина го мислите тоа

Ако сакате да изнервирате некого од која било балканска земја, само кажете го зборот „помирување“. Ќе добиете литија одговори, почнувајќи од тоа дека концептот е празен, до наводи дека наметнува стандард според кој граѓаните не се мерат во ниту еден друг дел од светот, до приговори дека жртвите никогаш не биле во судир со сторителите на злосторството извршено над нив и оттука не може да се очекува нивно помирување. Терминот е, всушност, претерано користен и слабо дефиниран.

Но, ако навистина мислиме на нешто кога велиме „помирување“, на каква корисна работа мислиме? Канадската комисија за вистина и помирување, формирана да ја испита улогата на резиденцијалните училишта во уништувањето на домородните култури, понуди одговор на ова прашање во 2015 година, во документот под наслов „Принципи на вистината и помирувањето“. Документот содржи десет принципи на помирување и можеби вреди да се обрне внимание на неколку од нив.

Принципот 3, на пример, предлага дефиниција: „Помирувањето е процес на заздравување на односот, што бара јавно споделување на вистината, извинување и комеморација со која се признава и компензира штетата направена во минатото“.

Принципот 5 сугерира дека „помирувањето мора да создаде поправедно и поинклузивно општество, со затворање на постојните празнини во социјалните, здравствените и економските сегменти …“.

Во принципот 9 се вели дека „помирувањето бара политичка волја, заедничко лидерство, градење доверба, отчетност и транспарентност, како и значително вложување на ресурси“.

Овие принципи може да се сметаат за идеални по својот карактер и можат да бидат отфрлени како недостижни. Овие приговори не се без основа. Сите комисии за вистина и помирување, во земјите во кои беа формирани, дадоа препораки. И никој од нив немаше овластување да го следи спроведувањето на тие препораки. Во сите случаи, препораките што укажуваа на систематска нееднаквост, како основна причина за злоупотреба, беа игнорирани, како што беа и предложените начини за намалување на нееднаквоста.

Сепак, има многу што да се научи од овие принципи. Тие се спојуваат околу разбирањето не само на фактите, туку и на меѓусебното признавање и дејствување насочено кон обезбедување корективна форма на основните услови за помирување. Тие препознаваат дека помирувањето има своја цена, но ветуваат придобивки од довербата. И тие признаваат дека помирувањето вклучува политичка посветеност во решавањето на нееднаквостите, што лежат во основата на повеќето политички насилства.

Од сегашна гледна точка, би било разбирливо ако некои читатели укажат на грдите прикази во последниве денови, кои се појавија и од официјалните и од неофицијалните центри на моќ, и ако забележат дека не зборуваме за земја на чисто меѓусебно признавање од фантазијата, па дури и за релативно стабилната и просперитетна средина во Канада, туку за длабоко поделени полупериферни држави, каде што сеќавањето на насилствата е многу живо.

Може да се приговори дека е претерано да се бара морална величина од политичките општества, кои се принудени да живеат во атмосфера на несигурност и маргиналност. Сите овие приговори се оправдани.

Но, сите овие приговори, во исто време, се повикуваат и на ист страв: страв дека признавањето на вистината ќе повлече неподнослива цена, особено за безбедноста или угледот на државите. Во тој случај, можеби вреди да се сврти погледот кон државите, кои понудија драматично признавање на одговорноста.

Имаме неколку такви примери во изминатите неколку недели. Франција се извини и вети компензација за соучесништвото во геноцидот во Руанда во 1994 година. Канада повторно се извини и ја потврди својата посветеност кон жртвите на насилното и присилно превоспитување во 19-тиот и 20-тиот век. Германија се извини и им вети отштета на жртвите на геноцидот врз народите Хереро и Нама во периодот 1904-1908 година. Американскиот претседател ја посети Тулса, каде присуствуваше на одбележувањето на 100-годишнината од масакрот во овој град и вети промена.

Ниту овие, ниту сличните гестови на другите држави, не беа целосни или идеални, а не беа ниту пречекани со воодушевување. Но, би било чесно да се напомене дека тие не им нанесоа штета, туку го подобрија угледот на тие држави, па дури и критичарите кои ги отфрлија овие гестови како несоодветни, ги сметаа за чекори во вистинска насока. Краткиот период на прифаќање на одговорноста, го подобри угледот на државите повеќе од еден век на репресија.

Можно е „помирувањето“ да станало само грд збор, затоа што не упатува на ништо реално и нема никаква содржина. Овој проблем можеби произлегува од период во кој целото внимание беше насочено кон минатото, сите активности беа ограничени на институциите кои немаа контакт со јавноста, а целата обврска за „помирување“ беше на луѓето кои немаа можност да сторат ништо во врска со тоа прашање.

Ова беа недостатоци на периодот, кога целата енергија беше концентрирана на кривичниот закон. Бидејќи овој период се приближува кон својот крај, можно е (но воедно и малку веројатно) да се отвори простор за поширок ангажман во општествата, кои споделуваат разбирање, со цел да се воспостави рамнотежа со елитите што промовираат страв.

Ерик Горди е професор по политичка и културна социологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.