Регион

На Ратко Младиќ му беше потврдена казната доживотен затвор

Ратко Младиќ Фото: ICTY

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг

денеска му ја потврди казната доживотен затвор на Младиќ, за улогата што тој ја имаше во најлошите злосторства во Европа, по Втората светска војна.

Жалбениот совет ја потврди првостепената пресуда со која Младиќ беше осуден за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ цела земја, за тероризирање на граѓаните на Сараево со гранатирање и снајперски оган за време на опсадата на градот и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Младиќ беше ослободен од првата точка од обвинението, која го товареше за геноцид во уште пет општини во БиХ – Приедор, Сански Мост, Котор Варош, Фоча и Власеница.

На денешното рочиште, заради ограничувањата наметнати поради пандемијата на корона вирусот, судијката претседавач, Приска Матимба Нјамбе, и покрај техничките проблеми, на рочиштето присуствуваше преку видеоврска. Советот ги отфрли тврдењата на Младиќ дека тој немал фер судење и дека неговите здравствени проблеми не биле земени предвид.

Младиќ (78) лично присуствуваше на денешното рочиште, облечен во темно одело и сина вратоврска, придружуван од правен советник и без присуство на неговиот правен тим.

Советот ги отфрли наводите на Младиќ дека тој не бил физички присутен кога биле извршени убиствата на повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци, од Сребреница, во јули 1995 година, и се согласи со заклучокот од  првостепената пресуда дека тој бил дел од „заеднички злосторнички потфат, со цел извршување на геноцид, истребување и убиства“.

Беа отфрлени и неговите тврдења дека неговите постапки во Сребреница биле од „хуманитарен“ карактер.

„Жалбениот совет, со спротивно мислење на судијката Нјамбе, смета дека е неубедлива оценката на Младиќ, дека тој делувал со цел хуманитарно згрижување на цивилите“, рече Нјамбе.

Наводите на Младиќ дека тој „барал само легитимен воен успех, а не трајно отстранување на цивилите, босански муслимани и босански Хрвати“ од општините низ земјата, за време на војната 1992-1995, исто така, беа отфрлени.

Неговото тврдење дека Сараево, за време на три и полгодишната опсада на силите на босанските Срби, бил „бранет град“, не беше прифатено, а беа прифатени заклучоците од првостепената пресуда дека негова цел било „ширење на терор меѓу цивилното население на Сараево, преку кампања на снајперско делување и гранатирање,  како и преку убиства, терор и нелегални напади врз цивилите“.

Судиите на советот, исто така, ја отфрлија жалбата на обвинителството во врска со геноцидот извршен во пет општини во БиХ во 1992 година, со образложение дека обвинителството не докажало постоење на закана за опстанок на Бошњаците во тие заедници.

Преживеаните ја поздравија пресудата на Младиќ.

Рефија Хаџибулиќ, една од мајките на жртвите од Сребреница, истакна дека пресудата е признавање на нивното страдање.

„Нам таа ни значи многу, да се знае дека бил геноцид, дека тие извршија геноцид. Затоа што тие секогаш го негираат тоа. А сега не можат да негираат, цел свет гледа што се случи и што направија тие“, нагласи таа.

Пресудата ја поздравија и западните политички лидери, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден.

„Правдата и помирувањето се основа за мир, стабилност и иднина, а денешната одлука е, исто така, важна потврда дека тоа е можно. Искрено се надевам дека лидерите во регионот ќе ја почитуваат оваа пресуда и ќе ја зајакнат нејзината важност заради владеење на правото“, истакна Бајден.

„Моите мисли денеска се со сите преживеани членови на семејствата на жртвите на злосторствата на Младиќ. Никогаш не ќе можеме да ја избришеме трагедијата и нивната смрт, но се надевам дека пресудата ќе им пружи некаква утеха на сите што тагуваат“, додаде тој.

Бошњачкиот и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, исто така, ја поздравија пресудата, иако некои Срби сè уште сметаат дека судот е пристрасен.

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој, со години, е најмоќен политичар на босанските Срби во земјата, изјави дека пресудата на Младиќ „нема никаква врска со правото и правдата“.

Како што кажа тој на прес-конференција, судењето се одржало со цел да се „сатанизираат“ Србите и дека тоа е „обид да се создаде мит за геноцидот во Сребреница, кој не се случил“.

Главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, ги повика политичките лидери од земјите на поранешна Југославија, да прифатат дека Младиќ е еден од „најголемите воени злосторници во модерната историја“.

„Младиќ треба да го осудат сите одговорни функционери во поранешна Југославија и ширум светот. Неговото име треба да биде вклучено во списокот на најизопачени и најбрутални личности во историјата“, рече Брамерц.

„Ова не е пресуда на српскиот народ, со кого Младиќ и неговите приврзаници манипулираа со децении. Вината на Младиќ е само и единствено негова“, нагласи тој.

Денешната пресуда е конечна и не може да се обжали.

Dzana Brkanic