Патот до првата македонска фабрика за чист воздух води низ места што често се појавуваат на социјалните мрежи со фотографии на кои се гледаат столбови црн чад. Момин Поток, Серава, кејот на Вардар, се локациите на кои се смета дека собирачите палат кабли за да го извлечат металот од нив, разни сервиси и погони користат несоодветни горива за да се загреат итн. Не е многу различно ниту во Визбегово, каде што се наоѓа компанијата.
Тој спој на приградска населба и индустриска зона што во најголем дел стихијно се создаваше во посттранзициските години не се смета за област со високи еколошки стандарди. Чадот се гледа од куќите и од погоните, прашината се крева од стовариштата, а не е мал ни придонесот од илјадниците возила што се движат кон или од граничниот премин Блаце.
Тука се наоѓа и „Ваурон“, фирма основана од брачна двојка архитекти што пред четири години се вратила во Скопје од Германија. Драганчо и Александра Саздови размислувале дали воопшто да останат во градот кога виделе колку е загаден воздухот. Сепак, решиле тој недостаток всушност да го претворат во бизнис, па сега прават прочистувачи на воздух.
Но, настрана нивната претприемачка приказна, Саздови тврдат дека технологијата што компанијата ја развива може да помогне за многу подобро да се измери загадувањето во градот, да се направи мапирање, географска дистрибуција и да се соберат податоци со кои ќе се добие многу попрецизна слика за состојбата со воздухот. Тоа би го овозможиле мерачите во уредите, кои можат да се приспособат да работат и во надворешни услови.
„Малите мерачи како оние што се користат во прочистувачите се помалку издржливи, но кога се исправни, податоците од нив се еднакво прецизни, со маргинални разлики. Но, со нив може да се покрие многу поголема површина, бидејќи во мерењето на загадувањето е важен квантитетот, не само квалитетот. Ова е технологија што постои и што е достапна, треба само да се искористат нејзините можности“, вели Драганчо Саздов.
Корист од меракот за споделување
Она што Саздови го направиле како компанија е што проучиле како функционираат прочистувачите што ги прават големите светски производители, и потоа развиле технологија и софтвер за, како што велат, подобро да се мери и да се прочистува воздухот што го имаме овде. Нивните сензори мерат седум вредности – ПМ1, ПМ2,5, ПМ10, испарувачки органски состојки, јаглерод диоксид, температура и влажност. Сето тоа се прикажува на дисплеј што работи на допир.
Може да ја меморираат дневната, неделната, месечната, дури и годишната историја на квалитетот на воздухот. Уредите веќе создаваат доволно податоци што може да се искористат, а освен тоа се поврзуваат со безжичен интернет и може да се споделуваат анонимно, за потребите на самиот корисник, или јавно.
Со мерачи што клиентите би ги поставиле надвор, на балконите или во дворовите, и кои би биле изработени за да можат да ги издржат надворешните услови, би можеле да се добиваат уште попрецизни податоци.
„Видовме дека луѓето во Скопје сакаат да споделуваат, сакаат да покажат каков е воздухот кај нив. Од збирот на податоците на сите што ќе се одлучат да ги споделат ќе може да се направи многу прецизно мапирање. Со мерење докажавме дека составот на воздухот е 60 до 70 отсто ист внатре и надвор, зависи од градбата. Во понови и подобро изолирани градби, разликата во квалитетот на воздухот е околу 50 отсто, а во постари, тој е и до 80 проценти ист како и надворешниот. Но, може да се постават и мерачи надвор, на балкони, во дворови, во соработка со корисниците, и од сите тие податоци ќе добиеме многу прецизна слика“, додава Саздов.
Конечни одговори на дилемите
Што поточно би значела прецизната слика? Секоја станица го мери составот на воздухот што е во нејзина непосредна близина. На неколку стотини метри оддалеченост разликата може да биде огромна. Истовремено, во јавноста сè уште се водат големи расправии за изворите на загадувањето.
Студиите што покажаа дека ПМ честичките најмногу доаѓаат од домаќинствата и од сообраќајот, а потоа следуваат индустријата и други извори, се прифаќаат со резерва. Граѓански здруженија бараат чести контроли, строги мерки и казни, а властите одговараат со објаснувања колку е комплексен проблемот и како не може да се реши без подолг процес на промени во енергетската политика (пред сè во загревањето) и во сообраќајната политика.
Саздов објаснува дека со голема покриеност со мали мерачи, како и со помош на податоците што би се добивале од граѓаните, ќе може да се види кога и каде се создава загадувањето, како тоа се движи, дали има градби што влијаат врз движењето итн. Наместо часовни концентрации, кои претставуваат просечна вредност добиена од 60 минути мерење, може да се собираат податоци на неколку минути. Ако некој мерач откаже или покажува невообичаени вредности, би имало доволно мерачи околу него за тоа да не влијае врз мапирањето. Таквото собирање и обработка на податоците може да даде многу одговори на дилемите што сега се јавуваат во јавноста.
Компанијата секако има сопствен интерес да ја развива и да ја применува оваа технологија. Саздов објаснува дека податоците би им користеле во понатамошниот развој на своите производи, за тие што повеќе да одговараат на локалните услови. Но, ако е можно сите тие информации да се искористат за да се детектираат изворите на загадувањето и да се утврди колкав удел има секој од нив, тоа би им ја олеснило работата (или би им го намалило просторот за изговори) на властите и на надлежните институции.
„Ваурон“ е засега единствената фирма регистрирана во земјава за производство на прочистувачи на воздухот. Дизајнот и софтверот се развиваат во Македонија, материјалите се увезуваат, а тука, исто така, се склопуваат сите делови во готов производ. За да ја развијат својата технологија добиле поддршка од 8,8 милиони денари од Фондот за иновации.