Анализи

Што точно би се менувало во учебниците?

Во пет точки се содржани препораките за менување на учебниците во Македонија и во Бугарија

Учениците кои за две години ќе бидат шесто одделение во Македонија и петто во Бугарија би требало да учат според препораките што досега ги договори заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

Тоа се учебните години, во кои во двете држави почнува изучувањето на посебен предмет историја. Учебниците почнуваат со содржини за  запознавање со предметот и продолжуваат со теми поврзани со старите цивилизации и антиката.

Времето кога сето договорено, во четирите години работа на заедничката комисија, ќе влезе во образовниот систем е прецизирано во протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји. Во него се наведува дека тоа треба да се случи до учебната 2024-2025 година.

Членовите на комисијата по четири години работа успеаја да го завршат периодот на антиката и да заклучат дека во книгите во двете држави има „неосновани историографски сугестии за античката историја, недостатоци во историската географија и фактографски непрецизности“.

Овие препораки се усвоени уште во 2019 година, но досега не беа објавени. Сега историчарите работат на средниот век.

Иако се препораки за периодот на антиката, период што генерално не се смета за спорен меѓу двете држави, тој предизвика реакции во јавноста дека се менуваат учебниците под диктат на Бугарија и оти со нив се подрива националното ткиво.

Кои се измените за македонските шестоодделенци?

Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев, копретседатели на заедничката комисија | ФОТО: МИА

На интернет-страницата e-ucebnici.mon.gov.mk, која е официјална страница на Министерството за образование, е достапен еден учебник за шесто одделение по историја. Тој е издаден во 2011 година, а професори по историја потврдуваат дека тој учебник е најмногу во употреба.

Во него се опфатени периодите што се споменуваат во препораките на комисијата.

Се работи за пет препораки. Првата од нив е да има поголема застапеност на проблематиката поврзана со античка Тракија и Тракијците, за подобро да се запознае културно-историското наследство во регионот.

Во тој учебник, Тракија се споменува еднаш и тоа во прашална форма – дали знаете дека Спартак бил од Тракија? Тракијците, пак, се споменуваат петпати, а во контекст на нивните односи со Илирите, Римјаните и античка Македонија на Филип Втори.

За споредба, Илирите во истиот учебник се споменуваат седумдесетина пати, Римјаните шеесетина, Хелените – педесетина пати. За другите тогашни народи се пишува за нивната култура и начинот на живот, за разлика од Тракијците, чија раноантичка култура се простирала главно на територијата на денешна Бугарија.

Втората препорака се однесува на сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава, кои „содржат историски анахронизам“. Во учебникот за шесто одделение, голем дел е посветен на развојот на „македонската држава“.

„За основач на македонската држава се смета кралот Пердика Први, кој владеел кон крајот на осмиот и во почетокот на седмиот век пред нашата ера“, пишува во учебникот.

Потоа се следи континуитетот на македонската држава, но од начинот на кој што се напишани лекциите нема јасна дистинкција дека се работи за античка држава што не е директно поврзана со денешната современа македонска држава.

Во однос на истиот овој период, во препораките е наведено и дека историските карти на античката македонска држава ќе бидат попрецизни доколку соодветствуваат на конкретен временски период. Во актуелниот учебник, кај картите се наведува само дека се работи за Македонија во стариот век без да се дадат дополнителни детали.

За апостол Павле, пак, историчарите од заедничката комисија препорачуваат дека се „неосновани сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостолот и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија“.

Во учебникот за шесто одделение пишува дека „откако стекнал доста приврзаници, апостолот Павле основал христијански општини, кои биле првите христијански заедници во Македонија, но и во Европа“.

Учебник по историја за седмо одделение | Фото: БИРН

Нема формулација што сугерира институционален континуитет, но извори од комисијата за БИРН прецизираат дека оваа препорака е усогласена врз основа на анализа на два учебника.

Се работи за учебникот за седмо одделение, конкретно лекцијата Охридска архиепископија. Во него пишува дека „македонската црква има свои корени во ранохристијанскиот период“.

„Апостолот Павле со првите христијански општини во Македонија ги поставил основите на македонската црква“, пишува во учебникот.

Петтата препорака е слична и за македонските и за бугарските учебници.  Во неа комисијата наведува дека при претставувањето на некои антички заедници потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

Разликата меѓу препораката за македонскиот и за бугарскиот учебник е во тоа што во книгите на источниот сосед како пример се споменуваат само Дарданците.

Што ќе учат бугарските петтоодделенци?

Средба на македонско-бугарска историска комисија во Скопје Фото: Влада на РСМ

Истовремено и за бугарските учебници се предвидени вкупно пет промени. Прва од нив е вклучување на поширокиот регионален контекст, особено на териториите на запад од древна Тракија.

Во двата бугарски учебници од кои учат тамошните петтоодделенци, а во кои БИРН има увид, всушност не се споменува речиси ништо за Илирите, Пајонците, Дарданците, ниту, пак, за другите народи што живееле западно од нив, односно на териториите на денешните Македонија, Албанија и други поранешни југословенски републики.

Во препораките се бара и заради поголема терминолошка прецизност поими како „денешни бугарски земји“, или „територијата на современа Бугарија“, да бидат посоодветни за употреба во контекст на античката историја, наместо само изразот „бугарски земји“.

Во бугарската историографија, овој термин се употребува за сите временски периоди во кој Бугарија била на одредени територии кои се денес под други држави, без да се прецизира во кој точно историски период се случувало тоа.

За бугарските учебници, комисијата препорачува повнимателно датирање на појавата на тракиската култура во антиката.

За историските карти постои речиси истата забелешка, како и за македонските учебници, односно дека треба да се користат согласно историскиот контекст и поставените методски цели.