Историчарот, кој во понеделник сведочеше во процесот кој се води по барањето за рехабилитација на Милан Недиќ, премиер на марионетската влада на окупирана Србија во Втората светска војна, пред Вишиот суд во Белград, изјави дека Недиќ не бил задолжен за вооружените сили на Србија.
„Борбените цели и тактичките активности (на српските вооружени сили) ги диктирале Германците“, изјави Александар Стојановиќ, научен соработник во Институтот за понова историја на Србија.
Стојановиќ истакна дека Српската државна стража (СДС), полициско-воена единица на Министерството за внатрешни работи, во реалноста била под германска команда, додека специјалната полиција била „продолжена рака“ на Гестапо.
Сепак, Стојановиќ додаде дека Недиќ соработувал со Германците и оти политиката на неговата влада целосно била во согласност со целта на Германија, да го задуши бунтот против нацистите, кој го предводела Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).
„Милан Недиќ и неговата Влада едно време ѝ се приклучиле на граѓанската војна, а целта била да се задуши востанието и да се стави крај на (германските) репресалии против цивилното население“, рече тој.
Недиќ беше премиер на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија во Втората светска војна, која беше на власт од август 1941 до октомври 1944 година.
По војната, комунистичките власти го обвинија за соработка со Германците и за предавство, но судската постапка против него беше прекината, бидејќи Недиќ изврши самоубиство во затворската ќелија, во февруари 1946 година.
Процесот за негова рехабилитација започна во декември 2015 година, на барање на семејството на Недиќ. Следното рочиште е закажано за 25 јуни.
Стојановиќ, кој пред судот изјави дека периодот на Втората светска војна и колаборационизмот се во фокусот на неговата академска кариера од 2008 година, изјави дека активностите на Недиќ, за време на војната, претставувале повреда на Уставот на Кралството Југославија и на меѓународното право.
Без оглед на наредбите од Германија, Недиќ преговарал со фашистичка Италија, за преземањето на Санџак, рече Стојановиќ.
Недиќ ги тргнал професорите кои пред војната предавале на Универзитетот во Белград и поставил други, „политички подобни“, а се обидел да ја убеди и Српската православна црква да соработува со нацистите, додаде тој.
Стојановиќ нагласи дека во 1945 година, кога Србија веќе била ослободена, а партизанското движење меѓународно признато како армија на Југославија, Недиќ преговарал со Германците околу формирање на нова војска, која би се борла против партизаните.
„Идејата била да се формира воена дивизија во Словенија, која тогаш сѐ уште не била ослободена, и да се создаде фронт против партизанските сили“, истакна Стојановиќ.
Недиќ во тоа време престојувал во Австрија, каде што нацистите го евакуирале по распуштањето на неговата влада во октомври 1944 година.
За формирањето на војска, тој преговарал со Херман Нојбахер, специјален претставник на Третиот рајх за Балканот, но планот пропаднал, бидејќи Нојбахер сакал овие сили да бидат упатени на други, поважни фронтови, со што Недиќ не се сложил.
Стојановиќ изјави дека поранешната влада на Недиќ се надевала оти ќе продолжи да функционира, дури и кога биле одбиени од страна на германските власти, па така, таа одржала уште две „седници“ во Кицбил, Австрија.
„Како да не сфаќале дека нивната воена улога завршила“, заклучи Стојановиќ.