Репортажи

Сиријката Сара едвај стигна до Македонија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во кампот во Гевгелија деновиве може да се забележи дека бранот бегалци е стивнат. Голем дел од бегалците со кои разговаравме во кампот се образовани луѓе меѓу кои има пилоти, инженери и студенти. Меѓу нив е и Сиријката Сара, која со инвалидска количка го оди „патот на надежта“.

Сара за малку ќе се удавела на плажа на Кос во близина на местото каде беше пронајдено тело на бебе / Фото Роберт Атанасовски

Сара за малку ќе се удавела на плажа на Кос во близина на местото каде беше пронајдено тело на бебе / Фото Роберт Атанасовски

Покрај каменот со натпис СФРЈ кој е бележник на границата меѓу Македонија и Грција, грчката полиција пропушта нова група бегалци кои треба да се сместат во прифатниот камп кај Гевелија и да го чекаат наредниот воз за Табановце.

По нерамниот пат со камења се крева прав од инвалидската количка во која Сиријката Аја ја турка 13-годишната сестра Сара. На рачката од количката која се чини секој момент може да се преврти се прикачени двете торби во кои е сместен целиот багаж што треба да го однесат во Шведска или во Германија каде што ќе бараат азил. Патуваат заедно со мајка си, а лицата им се ведри.

„Побегнавме од колежот што се случува по улиците во Дамаск, но на патувањето од Турција во Грција доживеавме пекол“, ни раскажува Аја, додека се сместуваат под еден од шаторите во кампот. Сара има среќа да биде меѓу над илјада и седумстотини бегалци кои биле спасени од грчката крајбрежна стража.

Чамецот со кој патувале кон грчкиот остров Кос се превртел и Сара паднала во морето.

„Бевме преплашени, ние со мајка ми бевме на една страна, Сара на друга. Почна да се дави, испи многу вода и ѝ позелене лицето. Луѓето врескаа, дојде крајбрежната стража, имаше хеликоптер и успеаја да ја извадат од водата. Престана да дише, едвај ја спасија, ја однесоа во болница“, објаснува Аја за несреќата што ги снашла за време на шестдневното „патување на надежта“ до Македонија.

Неколку дена подоцна, во близина на местото каде што Сара била спасена, на плажа на Кос, беше пронајдено тело на удавено бебе. На турскиот брег, пак, беше направена фотографијата која го потресе светот од безживотното тело на тригодишниот Ајлан Курди.

Сиријците, меѓу кои и сетрата на Сара ни раскажаа дека од рутата најопасно е патувањето по море, бидејќи во еден чамец се сместуваат многу бегалци / Фото: Роберт Атанасовски

Сиријците, меѓу кои и сетрата на Сара ни раскажаа дека од рутата најопасно е патувањето по море, бидејќи во еден чамец се сместуваат многу бегалци / Фото: Роберт Атанасовски

Семејството на Сара која е родена неподвижна се надева дека за неа во Шведска или во Германија ќе има подобра медицинска нега.

Другите Сиријци ни раскажуваат дека од рутата на патување преку Турција, Грција, Македонија, Србија до Унгарија, најопасно е патувањето по море, бидејќи во еден чамец се сместуваат многу бегалци.

„Преплашени сме, чамците се преполнети и животот ни виси на конец. Деца се дават, секој ден слушаме за вакви трагедии“, вели 28-годишниот Амир кој е тргнат кон Германија.

Во Сирија ги оставил сопругата, браќата и родителите кои се надева дека ќе ги повлече во Германија откако ќе најде работа. Секојдневно комуницираат преку социјалните мрежи.

Ќе се носат греалки во кампот

Хуманитарните работници вадат купишта облека од која бегалците внимателно бираат што им треба и пикаат во торби / Фото: Роберт Атанасовски

Хуманитарните работници вадат купишта облека од која бегалците внимателно бираат што им треба и пикаат во торби / Фото: Роберт Атанасовски

Во кампот во Гевгелија деновиве може да се забележи дека бранот бегалци е стивнат, што ги револтира и гевгелиските таксисти кои излегоа на протест, затоа што немаат можност да заработат од турите што ги возат до Табановце.

Дневно се полнат два воза кон Табановце со помалку од 1.000 бегалци. Претходно пристигнуваа по 3.000 во еден ден.

Хуманитарните работници вадат купишта облека од која бегалците внимателно бираат што им треба и пикаат во торби. На бегалците им се дели храна и вода, децата добиваат играчки.

На чешмата во кампот се прави пена, додека Сиријката Хазар ги мие нозете откако го надои едногодишното момченце.

„Во Хазар жените кои не носеа шамии ги тепаа со каиш. Децата ми се преплашени, уште имаат трауми од војната. Четиригодишниот син навечер се буди и ми вели – мамо ќе нѐ убијат“, ни објаснува таа.

Надлежните од Центарот за управување со кризи објаснуваат дека започнуваат со подготовки за зимскиот период кога треба да се донесат греалки и да се подобри напојувањето со струја.

Британец дошол да се увери дали медиумите манипулираат

Арон Аустин-Глен минатата година помина во Македонија кога со велосипед патуваше од Британија до Австралија / Фото: Фејсбук

Арон Аустин-Глен минатата година помина во Македонија кога со велосипед патуваше од Британија до Австралија / Фото: Фејсбук

Голем дел од бегалците со кои разговаравме во кампот се образовани луѓе меѓу кои има пилоти, инженери и студенти.

„Имам завршено факултет, а денеска требаше да започнам на постдипломски студии во Дамаск. Сакам во ЕУ да се дообразувам и да работам, погрешна е сликата што ја создаваат за нас преку медиумите дека сакаме да живееме на грбот на ЕУ“, вели Ахмед Тома кој се чини дека себеси си ја има поставено најтешката цел – да успее да влезе во Велика Британија каде што има роднини.

Најголем дел од британските медиуми еднострано ја прикажуваат негативната слика на бегалската криза во Европа. Ова ни го објаснува Арон Аустин-Глен кој дошол во Македонија за да сними серија од документарни филмови кои ќе ги објави на својата интернет-страница, сакајќи да ја прикаже вистината за бегалците. Во Македонија се враќа една година откако ја посети државава, патувајќи со велосипед од Британија до Австралија.

На бегалците им се дели храна и вода а на децата им се даваат играчки / Фото: Роберт Атанасовски

На бегалците им се дели храна и вода а на децата им се даваат играчки / Фото: Роберт Атанасовски

„Замислете моето семејство беше повеќе исплашено сега, отколку кога патував со велосипед, токму поради манипулациите што се пренесуваат преку британските медиуми – дека бегалците се опасни, се тепаат со полицијата, фрлаат храна. Според она што се пренесува во медиумите, очекував да видам бегалци во центарот на Скопје, секаде низ државата. Дојдов самиот да се уверам каква е реалноста. Видов дека бегалците не се опасни, напротив, повеќето се мирољубиви луѓе“, вели Арон кој волонтираше во прифатниот центар во Куманово.

Сѐ поголем број на организации и активисти ја покажуваат солидарноста кон бегалците кои ги напуштиле своите домови.

Канаѓанката Саманта Полок отвори интернет-страница за донации „За Македонија со љубов“ каде досега се собрани речиси 1.500 долари за бегалците. Полок која е хуманитарен работник, планира месец дена да волонтира во прифатниот центар во Гевгелија преку „Легис“ и да ја донесе помошта што ќе ја соберат.