Красимир Јанков – Софија, Казанлак, Дортмунд и Гелнхаузен
Последните зборови од повикот за молитва полека се измешаа со уличната бучава, додека таксито застануваше една топла јунска вечер. Али Наџаф погледна наоколу и зачекори на калдрмата. Неговите темно кафени очи ги разгледаа тезгите и продавниците на „Женскиот пазар“, раздвижен дел во главниот град на Бугарија, Софија.
Оваа област е популарна кај емигрантите од Блискиот Исток и не му беше потребно долго време на Али да најде некој кој ги зборуваше неговите мајчини јазици, курдски и арапски.
„Дали е ова местото од каде што ги носат бегалците во Германија?” тивко праша Али двајца мажи кои мрзеливо седеа на скалите на една продавница со стара облека. Откако отпоздрави кон вратата, Али ги внесе своите торби внатре. Сѐ она што го поседуваше неговото семејство беше спакувани во два ранци, мал куфер и торба за во самопослуга. Али, мајка му, брат му и двете сестри повторно се селеа.
Али и неговото семејство, чии имиња на нивно барање се променети во оваа сторија, се меѓу илјадниците Сиријци кои бегајќи од граѓанската војна во нивната земја, побарале засолниште во Бугарија минатата година, а потоа ја пропатувале Европа во потрага по подобар живот. Приказната за нивното патување ги прикажува и тешкотиите со кои се соочуваат и јазот што постои помеѓу политиката за азил на Европската унија и реалноста.
Со цел да ги разбере нивните искуства, Балканска мрежа за истражувачко новинарство го следеше патот на семејството на Али и другите бегалци од крајот на минатата година, посетувајќи ги во Бугарија и Германија и редовно добиваше новости преку телефон и социјалните медиуми. БИРН, исто така, интервјуираше официјални лица кои се занимаваат со прашањето за бегалците во двете земји во врска со предизвиците со кои се соочуваат.
Али е слаб, 25-годишен курдски студент со коса црна како гавран. Неговиот татко починал кога бил младо момче во „Ројава“, името што Курдите го користат за својата татковина во Сирија. Неговото познавање на англискиот јазик го направило де-факто да биде главата на семејството откако станале бегалци и оттогаш тој се обидува да им влее чувство на доверба и контрола.
Претходно во Сирија, Али студирал нафтено инженерство во градот Хомс. Во летото 2013 година, тој се враќал кон својот роден град, по полагањето на завршните испити, кога маскирани милитанти го запреле неговиот автобус.
„Тие им рекоа на сите момчиња да се симнат и се закануваа дека ќе им ги пресечат грлата ако не им го кажат тоа што го бараат. Но, јас не знаев ништо за нивните прашања”, се сеќава Али.
Младите момчиња биле ослободени по пет дена заробеништво. Подоцна, авиони го бомбардирале скривалиштето на милитантите, убивајќи го нивниот лидер и групата се посомневала дека Али и другите момчиња му откриле на сирискиот режим каде да нападне.
„Тие понудија парична награда за нас, па моравме да си одиме”, вели Али.
Семејството набрзина заминало од Сирија со помош на еден пријател, кој ги однел преку границата во Турција, а потоа со автобус отишле во Истанбул, каде што останале околу еден месец. Кон крајот на 2013 година, еден шверцер го однел семејството до бугарската граница и им покажал стар дрвосечачки пат низ шумата, што водел кон ЕУ.
Во тоа време, кога бегалците во Турција се соочувале со многу тешки услови, илјадници Сиријци и други баратели на азил го минувале истиот пат долг 30 километри. Областа, во близина на бугарскиот премин Лесово, е ридска и шумовита, што не дозволува термалните камери да ги откријат луѓето.
Приливот на нови луѓе речиси запре, откога во ноември повеќе од 1.000 полицајци беа распоредени да ја чуваат границата. Владата, исто така, постави ограда со бодликава жица во јули оваа година.
Проверка на реалноста
Првите впечатоци на Али за ЕУ не беа во согласност со неговите очекувања. Бугарија е најсиромашната од 28 земји членки на ЕУ, и се бореше да се справи со доаѓањето на речиси 11.000 луѓе, повеќето од нив Сиријци, иако тие се само мал процент од вкупно 3 милиони Сиријци кои побегнале откако започнала војната во 2011 година.
„Во рок од само неколку недели, ситуацијата стана толку очајна што сите центри беа преполни, луѓето спиеја и по 20 (во соба) … во ходниците на центрите, надвор од нив”, вели Борис Чеширков, портпарол на Канцеларијата на агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Софија. „Бугарија беше целосно неподготвена да се справи со приливот”.
По поднесувањето на барања за азил, Али и неговото семејство биле преместени во кампот за бегалци Харманли, една напуштена касарна на околу 60 километри од границата, која набрзина била отворена со цел да се намали пренатрупаноста на другите места. Ситен дожд паѓал од сивото небо и дворот бил цел во кал кога Али пристигнал.
Бидејќи зградите биле валкани, влажни и опасни, бегалците биле првично сместени во воени шатори и преадаптирани контејнери во кои немало тоалети, вода или електрична енергија.
„Ние седевме така две недели”, вели Али, покажувајќи слики и видеа на неговиот телефон. На некои, тој и неговите пријатели се шегуваат и смеат. На други, тие цврсто држат новороденчиња, кои се тресат од студ додека жените подготвуваат храна на оган. Единствените присутни власти се десетина тивки полицајци и тогашниот директор на кампот, поранешен војник, омразен од страна на бегалците.
Бидејќи властите биле неподготвени, некои бугарски државјани и добротворни организации одлучиле да помогнат, обезбедувајќи храна и облека и обидувајќи се да ги подобрат условите во камповите. Но, доаѓањето на бегалците, исто така довело до пораст на расистичките чувства.
Лидер на една мала, но гласна националистичка партија повика на „чистење на градот” и „самоодбранбени акции” во Софија. Во телевизиско шоу, пратеничка од една партија за која вели дека ги застапува православните христијански вредности ги обвини Сиријците дека се дел од тајната исламистичка инвазија.
Полицијата забележа пораст во бројот на напади врз луѓето со потемна боја на кожата на јавни места, како што се автобуските постојки и трамваите, во ноември 2013 година. Двајца мажи нападнале 28-годишен Бугарин со турска националност, на пат кон дома од работа во Софија, претепувајќи го и доведувајќи го до состојба на кома.
Во април оваа година, жителите на Розово, мало село во централна Бугарија, избрка 15-члено семејство на сириски бегалци кое се обидувало да изнајми куќа таму. Во септември, луѓето од селото Калиште протестирале против плановите за запишување на децата на барателите на азил во локалното училиште, додека локалниот совет залудно барал блискиот бегалски камп да биде затворен до крајот на октомври.
„Сите бегалци сакаат да се населат во западноевропските земји … Ние сме само транзитен центар“
Николај Чирпанлиев, раководител на Државната агенција за бегалци на Бугарија
Предрасудите против бегалците не се ограничени на делови од бугарската јавност. Дури и на највисоко ниво, Државната агенција за бегалци не остана имуна на тоа. Николај Чирпанлиев, директор на агенцијата, запраша дали Сиријците ја кажуваат вистината за условите во камповите.
„Добро познато е дека Арапите имаат тенденција да лажат. Тоа е дел од нивната етничка група. Тие така живеат”, изјави тој во интервју за БИРН.
Оваа изјава е типична за отворениот стил на говорење на Чирпанлиев. Крупниот поранешен воен офицер, исто така, пушта гласна музика додека прима посетители во неговата пространа канцеларија. Со насмевка тој посочува дека собата е озвучена.
Но, Чирпанлиев го постигна она за што бил назначен минатата година, да го среди нередот во логорите.
За време на неговиот мандат, бројот на вработени во агенцијата двојно се зголемил, камповите го зголемиле нивниот капацитет и сместувањето било подигнато на ниво на меѓународните стандарди.
„Се чини дека сѐ е многу коректно и … под контрола”, изјави Чирпанлиев со задоволство.
Меѓутоа, Бугарија нема програма за помош на бегалците да се интегрираат во општеството. Претходната програма што нудеше часови по јазик и стручни курсеви, наменети за помалку од 100 луѓе, завршила минатата година. Новата програма е изготвена, но сè уште треба да се спроведе.
Официјални лица наведуваат дека тоа во никој случај не може да направи голема разлика.
„Да бидам искрен … сите бегалци сакаат да се населат во западноевропските земји, а не во Бугарија, или било каде на Балканот”, вели Чирпанлиев. „Ние сме само транзитен центар”.
Дестинација Германија
За Али и неговото семејство, оваа проценка беше точна.
„Сакам да одам во Германија, бидејќи тие ви даваат поддршка и плаќаат за вашето образование. Сакам да го завршам мојот факултет, а потоа да ја донесам мојата љубов од Сирија, за да можам да основам семејство”, изјави тој во почетокот на јуни, додека живееше во градот Казанлак, во очекување на бугарските патни исправи.
Многу други бегалци одлучија да го поминат истиот пат. Според Министерството за внатрешни работи во Берлин, во првите осум месеци од оваа година, во Германија беа регистрирани околу 3.850 Сиријци кои првпат се појавиле во евиденцијата со отпечатоци во базата на податоци на ЕУ за баратели на азил во Бугарија.
Али сакаше да оди во Германија делумно затоа што веќе имаше вујко што живее таму. Но, патот до таму не беше лесен. Прво, му беа потребни документи од бугарските власти, процес кој според него траел осум месеци.
Државната агенција за бегалци дава документи за азил на три или пет години. Али беше среќен, тој доби за пет години, што овозможува патување насекаде во ЕУ без виза.
Правилата на ЕУ би требало да ги спречат луѓето кои бараат или добиваат азил во една земја на ЕУ да одат да живеат во друга.
Оние како Али кои добиваат статус на бегалец во една земја членка на ЕУ треба да останат таму. Не би требало повторно да аплицираат за азил во друга земја на ЕУ. Но, Али сепак одлучи да оди во Германија и повторно да поднесе барање за азил таму.
Загрижен од извештаите во медиумите за Сиријците кои се враќани од границата, тој не купил редовен билет на аеродромот или автобуската станица. Наместо тоа, тој му платил на некој шверцер, добро познат по превозот на луѓе од Бугарија во Германија. Затоа тој го посетил „Женскиот пазар“ во Софија.
Али морал да позајми пари од роднини и пријатели за неговото патување. Патот траел 35 часа во едно старо црвено мини комбе предвидено за превоз на осум лица, а чинел 235 евра по лице, вклучувајќи го и давањето на малку мито на романската и унгарската граница, вели Али.
„Навистина многу се исплашивме на границата, но возачот се справи со сè навистина добро. Ние само му ги дадовме парите и тој ги предаде на граничната полиција. Без никакви прашања”, раскажува тој, чекајќи вечера во прифатниот центар во Дортмунд неколку дена по пристигнувањето во Германија.
По еден ден таму, семејството Наџаф било префрлено во малиот град Ајзенхутенштат во источна Германија, каде требало да бидат интервјуирани во врска со нивното барања за азил.
Првично, Али планирал да каже дека му зеле отпечатоци од прстите во Бугарија, но дека никогаш не добил никакви документи. Но, сепак, се премислил, и одлучил да признае дека ги фрлил неговите бугарски документи на автопатот. Тој се надевал дека неговата приказна за заробувањето од страна на исламистичките милитанти ќе ги убеди германските власти да му дадат азил во секој случај.
„Сакам политички азил, па ќе бидам искрен”, изјави тој.
Добри намери
Ајша Хаџар и нејзиниот сопруг Фарид, кои доаѓаат од Алепо, уништениот комерцијален центар на Сирија, велат дека исто така, се обиделе да бидат искрени, но тоа воопшто не им помогнало.
Тие и нивните три деца, момче на возраст од 12 години, ќерка тинејџерка и уште една во нејзините рани дваесетти години, пристигнале во Бугарија непосредно пред Али во октомври 2013 година, користејќи го истиот пат.
Ајша и Фарид и нивните две помали деца отпатувале за Германија во февруари, се пријавиле во истиот прифатен центар во Дортмунд и биле испратени во малиот град Гелнхаузен, во близина на Франкфурт. Бесан, нивната 21-годишна ќерка, во почетокот престојувала во Софија, бидејќи нашла работа таму, но му се придружила на семејството во април.
Животот во Гелнхаузен, живописен град со уредни бели, дрвени куќи, е многу подобар отколку во Бугарија, каде што барателите на азил добиваат 65 лева (околу 33 евра) месечно од државата, додека престојуваат во камповите.
Германските власти му дале на семејството стан со две спални соби во зграда каде што се сместени други бегалци. Државата ја плаќа киријата и им дава вкупно околу 1.100 евра месечно за намирници и други трошоци.
Ајша, љубезна жена во 40-тите години, која носи превез и често зборува за добродетелта на исламот, ги поминува своите денови готвејќи за нејзиното семејство и прелистувајќи верски страници на Фејсбук. Закарија, нивниот син, го поминал летото на неговиот таблет компјутер или на локалниот базен.
Бесан, која има заразна смеа и поставува прашање по прашање во разговорот, сретнала еден млад Сириец кој ја побарал нејзината рака од татко ѝ. Фарид, смирен човек во неговите 50-те години, со проседа коса долга до рамената, се согласил.
Една локална пензионирана жена почнала да ја посетува куќата, нудејќи им бесплатни јазични курсеви и раскажувајќи им приказни за Германија.
Но, едно писмо што го добиле во јуни од германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци фрлило сенка врз нивниот нов живот. Нивното барање за азил било одбиено бидејќи тие веќе успешно добиле азил во Бугарија.
Тоа што потрошиле повеќе од 1.000 евра за адвокат не помогнало; судот ја отфрлил нивната жалба против одлуката.
„Сега можат да не вратат назад во Бугарија во секој момент”, вели Ајша во кујната од нивниот стан, нервозно играјќи си со прстите.
Во реалноста, луѓето често избегнуваат да бидат вратени од Германија во земјата каде што прво побарале азил. Помеѓу 200 и 300 барања за азил биле одбиени во областа Гелнхаузен во првата половина од оваа година. На повеќето баратели им било кажано дека мора да се вратат во Италија. Сепак, според локалниот службеник вратен бил само еден.
„И кога двајца или тројца или четворица, или 10 или 20 или 100 ќе бидат испратени назад во Италија, тие повторно се враќаат во Германија”, изјави официјално лице, кое сакаше да остане анонимно. „Потоа целата постапка започнува од почеток”.
Минатата година според германското министерство за внатрешни работи во Германија имало само седум случаи кога Сиријците биле вратени назад во Бугарија. Тие случаи биле процесирани според Даблинската Регулатива на ЕУ, која ги опфаќа луѓето кои аплицираат за азил во една земја и потоа се преселуваат во друга.
Според експертите за миграција оваа мерка не се спроведува заради правни, бирократски и политички причини.
Луѓето како Али и Ајша спаѓаат во друга категорија, бидејќи ним веќе им бил доделен азил од страна на една земја на ЕУ и им е дозволено да останат во друга држава во ЕУ најмногу до три месеци како туристи. После тоа, Германија може да се обиде да ги врати назад во Бугарија, иако тие можат да преземат правно дејствие за да го избегнат ова, тврдејќи дека се повредуваат нивните човекови права.
Така, семејствата како оние на Али и Ајша мора да живеат со неизвесноста, како и со стресот и тагата дека се воени бегалци далеку од својата татковина.
По еден месец во Ајзенхутенштат, Али ги пофали германските власти дека се однесувале со почит, но изјави дека чувствува оти луѓето се постудени отколку во неговата земја. Тој одлучил да почека со неговите планови за продолжување на студиите и му недостасува неговата девојка.
„Сега сакам да добијам азил и да најдам угледна работа, па да можам да ја донесам тука и да се венчаме. Тогаш ќе можам да ги завршам студиите”, ми напиша тој во порака на Фејсбук.
Но, едно нешто останало непроменето, неговата решеност да остане во Германија, дури и ако неговото барање за азил е одбиено. „Ова е крајот на патот”, инсистира тој. „Јас не се враќам назад”.