„Оваа кампања е наменета за сите прееманципирани жени кои трчајќи по пикирани кариери ја загубија својата женственост и газат се пред себе. Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи“, се вели во кампањата на трите радио мрежи, Сити Радио, Клуб ФМ и Метрополис Радио Мрежа, додека во позадина тече песната „You’re such a crazy woman“ (превод: Ти си толку луда жена).
Иако по бројните реакции кои стигнувале до медиумите, регионалните радија на социјалните мрежи се огласиле дека немале намера да ги навредат жените, туку да „посочат дека се што оди во крајност и е претерано е контра-продуктивно“, сепак, неизбежен е впечатокот дека кампањата содржи евидентни стереотипи и дискриминаторски елементи за женскиот род.
„Еманципирани кучки“, „Имаш се, само немаш секс“, е само дел од реториката која се споменува во кампањата на радијата, со цел да се доведе во корелација како може да заврши една „прееманципирана жена“ на која ѝ е најважна кариерата.
„Лош пример за еден добар љубовник – кога еден ден од нејзиниот кревет ќе завршиш пред олтар. Опасноста нејзиното его да те исфрли на улица е многу веројатна. Секоја сличност со Бред Пит е случајна. Размисли на која ќе и бидеш љубовник“, се вели во една од кампањите.
Во друга, пак, се наведува успешна жена, унапредена во „стратеџик акаунт систем асистент оперејш аналист“.
„Wow! Па ти успеа! Конечно си како него. И сега, што е следно?“, иронично се вели во спотот.
Прв впечаток во редакцијата на БИРН кога се слушна кампањата е дека е погрешна по толку многу основи, што дури нема што да се коментира. Дотолку повеќе, што терминот ПРЕеманципација не може ниту да биде доведен во негативен контекст, слично како што не може да биде лошо ако некој е „предобар“ или „препаметен“. Идеологијата, пак, што стои зад оваа кампања е сосема друго прашање што отвора ретроградна дебата, пред сè околу слободата на изборот, стилот на живот, изборот на гардеробата, професијата и слично.
„Сакавме жените да размислат дали одат во крајност“
Од „Сити клуб“ и „Метрополис“ велат дека веќе две години прават кампањи од ваков тип, со кои сакаат да ги поттикнат луѓето различно да размислуваат.
„Некои ја поддржаа кампањата и ни честитаа, некои пак реагираа. Во секој случај, нашата интенција не е да навредиме никого, туку да поттикнеме размислување. Целта е да се поттикнат жените кои носат сè на свој грб, да се свртат малку и кон себе. Сакаме да ги поттикнеме оние кои се преоптоварени во ова време да ја разбудат малку женственоста во себе и да размислат дали одат во крајности“, велат претставници од радијата, додавајќи дека слична кампања подготвуваат и за мажите.
Во својата реакција објавена на социјалните мрежи, се вели дека акцент на оваа кампања е ставен на префиксот „ПРЕ“.
„Префиксот ПРЕ од насловот на кампањата, има намера да посочи дека се што оди во крајност и е претерано е контра-продуктивно, дека газењето на се пред себе во исто време значи заборавање на етичкото во себе, и сквернавење на архетипското и суштественото кај жената“.
Агенција за медиуми: Дискриминација, мизогинија и сексизам
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за случајот објави извештај во кој се тврди дека до трите радија се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.
„Агенцијата констатираше дека кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам што е флагрантно кршење на Законот. Трите радиодифузери кои ја продуцирале оваа кампања, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно неспојлив со професионално однесување“, се вели во извештајот.
Понатаму, во извештајот пишува дека „еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост“.
За кампањата реагираше и Ирена Цветковиќ, доктор по родови студии, која вели дека еманципацијата на жените е нешто кон што се стремат и во што вложуваат сите развени општества, а инсистирањето на наводното претерување во еманципацијата е погрешно, неосновано и укажува или на непознавање на термините или на скриен шовинизам и поддршка на партијархалните вредности.
„Многу веројатно е дека станува збор за двете работи истовремено. Патријархатот ја сместува жената единствено во приватната сфера на домот ангажирајќи ја во неплатениот труд на грижа за домот и семејството. Еманципацијата подразбира влез на жената во јавната сфера пеку учество во политика, пазар на труд, образовни процеси итн. Обидот да се исмеат и банализираат овие вековни борби на жените е навредлив не само кон жените туку и кон целокупниот цивилизациски прогрес“, смета Цветковиќ.
Таа вели дека овие кампањи подеднакво се навредливи и за мажите и дека треба веднаш да престанат да се емитуваат.
„Според најавата, овие кампањи го исмеваат „мажот кој живее на грбот на жената“. Македонија е сиромашна земја. Нема ништо смешно ниту навредливо во тоа мажите и жените да ги споделуваат своите финансии или да си помагаат. Тоа не е помалку машкост“, вели Цветковиќ.