Истражувањa

Скопје нема да може да го издржи притисокот на провинцијата

Депопулацијата на малите градови во Република Македонија станува загрижувачки социо-економски проблем, кој во годините пред нас ќе доведе до континуиран пад на квалитетот на животот и ќе биде увертира за исчезнување на малите градови

Според проекцијата, која ја направивме врз основа на истражувањето во демографски најзагрозените региони во Република Македонија, во наредните 25 до 35 години на Крива Паланка, Кратово, Демир Хисар и Македонски Брод им се заканува опасност да бидат избришани од списокот на градови во земјата, а во Берово, Свети Николе, Дебар и Крушево бројот на населението ќе се намали за повеќе од половина.

Регионите кои се најпогодени од иселувањето | Фото: А. Писарев

Регионите кои се најпогодени од иселувањето | Фото: А. Писарев

Истражувањето на оваа тема е направено меѓу граѓаните, локалните самоуправи, невладините организации и експертите. Оваа проекција во неколку сегменти се совпаѓа со анализите на експертите на Обединетите нации (ОН) за демографските движења во Македонија и предупредувањата на експертите за демографија од Економскиот факултет во Скопје.

Оваа депопулација ќе резултира со силен притисок врз големите градови, со сто и повеќе илјади жители, а пред сè врз Скопје како главен град. Почнувајќи од голема невработеност, преку неможност за решавање на инфраструктурните проблеми, пренаселеност, сообраќаен хаос, еколошки проблеми, хулиганство, појава на социопатолошки појави, зголемување на криминалитетот и, генерално, неможност да се одговори на сите потреби на жителите на големите урбани средини.

Ќе настапи хаос

Официјалната статистика досега не направила ваква проекција. Професорот Славе Ристески од Економскиот факултет во Скопје укажува дека таквата проекција е итно потребна од повеќе причини.

Над 30 проценти од вкупното население во државата живее во десетина града кои имаат повеќе од 50.000 и 100.000 жители

„Пред сè поради претпоставениот притисок на големите градови каде треба да се планира проценка за идната побарувачка на енергија, транспорт, храна, вработување, социјално и здравствено осигурување, број на студенти, потребен број на места во училиштата за следните десет години и слично. Бидејќи таквите проекции не се направени, можеме да претпоставиме во каков хаос допрва ќе влезе државата, посебно, поради тоа што преголемата привремена миграција се трансформира во трајна“, предупредува Ристески.

Во согласност со административно-територијалната поделба на државата на региони, како најпогодени од депопулацијата се посочени следните подрачја (општини), односно градови.

Во пелагонискиот регион, депопулацијата е најдрастична во градовите: Крушево, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод. Во источниот регион тоа се градовите: Виница, Кратово, Крива Паланка, Берово и Свети Николе, а во западниот регион градот Дебар.

Во 1994 година, според пописот на населението, во 21 град во Македонија имало помеѓу 10.000 и 30.000 жители, а според пописот од 2002 година тој број е намален за повеќе од двојно, односно само на девет града.

Состојбата денес е уште позагрижувачка. Градовите помеѓу 10.000 и 30.000 жители во сите меѓупописни периоди бележат голема депопулација и загуба на население.

Најеклатантен пример за голема депопулација на малите градови е Дебар, кој според пописот во 1994 година имал 20.000 жители, а денес според проценката на локалното население и невладините организации градот нема повеќе од 6 000 жители.

Слично и градовите Кратово и Крива Паланка кои, според невладините организации што се занимаваат со локален економски развој, од последниот попис до денес ги напуштиле вкупно 7.000 жители.

„Во 1994 година во населените места помеѓу 5.000 и 20.000 жители живееле преку 36 проценти од вкупното население на Македонија, а сега овој процент е намален под 10 проценти“, велат во невладината организација „Право на село“, која го помага одржливиот развој на малите заедници.

Оваа тенденција може да се препознае во десет града со т.н. „црна“ демографска перспектива. Тие уште во 1994 година имале намален број на жители во однос на 1970 година, но разликите не биле толку драстични и се движеле од 5 до 10 проценти од населението.

Но, податоците од 2002 година, кога е извршен последен попис на населението, се загрижувачки и покажуваат дека бројот на населението за 18 години се намалил за 50 до 60 проценти.

Професорот Ристески вели дека според неговите проценки, само до 1981 година, 750.000 луѓе ги напуштиле руралните подрачја на Македонија и тој процес никогаш не е запрен. Тенденцијата на нивната депопулација, според експертите за демографија на Економскиот факултет во Скопје, е уште повеќе зголемена во последните десет години.

Како најдрастични примери се наведуваат Кратово и Крива Паланка. Според податоците на невладината организација „Регионален центар за одржлив развој“ од Кратово, општината Крива Паланка во 2001 година имала 20.100 жители, додека денеска таа бројка е околу 17.000. Во Кратово бројот на жителите од 10.150 се намалил на 7.500.

„За десет години од овие две соседни општини се иселиле речиси 7.000 жители“, вели Борјанчо Мицевски од „Регионалниот центар за одржлив развој“ во Кратово.

Проекции
Проекцијата на статистичарите за бројот на жителите во Македонија во 2050 година е 2.182.360 жители, од кои половина ќе живеат во метрополата. Блиску до овие се и проекциите на ОН за бројот на населението во нашата држава, според кои во 2025 година Македонија ќе има 2.067.000 жители. Иако редовниот попис на населението не е одржан, според проекцијата на Економскиот факултет во 2012 година, Македонија имала 2.122.819 жители.
Како највлијателен демографски фактор за преселба, односно депопулација на малите места се смета економијата. Професорот Ристески наведува пример дека затворање само на една фабрика во некоја општина може да предизвика сериозни демографски последици.

Градовите како што се Кратово и Крушево претставуваат историски јадра, односно историски градови, така што во нивното функционирање и развој не би смеела да биде занемарена оваа компонента како модел за одржлив развој. Оттука, се чини, дека е потребно и локалната заедница да се погрижи за подобрување на квалитетот на животот во овие градови.

„Според теренската анкета што ја направивме оваа година, 80 проценти од младите над 18 години не планираат да останат понатаму да живеат во Дебар. Од анкетата, која ја спроведовме меѓу средношколците, само 10 проценти од цела една генерација планираат животот по завршување на средното училиште да го продолжат во Дебар, а 90 проценти веќе решиле да заминат во Скопје или Битола и таму трајно да се преселат“, вели Гоце Љубиноски од „Центарот за одржлив развој на заедницата“ од Дебар.

Борјанчо Мицевски од „Регионалниот центар за одржлив развој“ во Кратово објаснува дека во оваа училишна година имало многу барања до Министерството за образование да се одобри отворање на паралелки за прво одделение за помалку од 20 ученици, што според законот не е дозволено.

„Тоа укажува на драстично намалениот број на првачиња бидејќи нивните родители во меѓувреме се иселиле. Ако, на пример, во Кратово пред десет години имало пет паралелки со по 30 осмоодделенци, денес таа бројка изнесува само две паралелки со по 20 ученици затоа што нивните родители се преселиле во Скопје или во Куманово.

Кратово и Крива Паланка полека изумираат како градови. Во минатата година Кратово добило само 81 нов жител, а починале 116. Во Крива Паланка се родиле 176 деца, а починале 210 жители. Од 1.200 ученици во средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка, во кое мигрираат и ученици од околните села, бројот на ученици е намален на 900 во сите четири училишни години“, појаснува Мицевски.

Локалното население најпластично го објаснува процесот на иселување од малите градови. Ефрем Лазаровски од Кратово е долгогодишен пекар кој имал и брашнара. Двата дуќана ги затворил и сега живее од скромната пензија и од екстензивно земјоделство.

„До пред десеттина години, или подобро речено до 2005-2006 година, дневно сум печел и продавал по 300 векни леб, 100 ѓевреци, 10-15 пити бурек. Во 2010 година печев само пастрмајлии и тоа за викенд. Не можев да продадам ниту 100 векни леб и затоа лани го затворив дуќанот. Ја затворив и брашнарата оти нема кој да купува брашно, во Кратово нема народ, сите се иселија“, раскажува Лазаровски.

Причини

Горан Лефков, локален економски аналитичар од Кочани, вели дека причините за депопулација на овие градови лежат во локалните и во централната власт поради нивната неспособност да креираат добри развојни планови.

Со тоа, тие свесно или несвесно го поддржуваат пропаѓањето на малите градови преку маргинализација на потребите на овие заедница и преку блокада на процесите за вистинска децентрализација и пренесување на процесите на одлучување на локално ниво, како и енормно мали издвојувања на делот од вкупниот бруто-домашен производ (БДП) за развој на овие заедници.

Во Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоупрaва велат дека според Законот за рамномерен регионален развој, локалните самоуправи, односно надлежното министерство и Бирото треба годишно да добијат еден процент од БДП за развој на општините. Во изминатите пет години, според податоците на Бирото за регионален развој, тие требало од државата да добијат 21,7 милијарди денари (1 процент од БДП), а добиле само 839 милиони денари или 0,04 проценти од БДП, односно 25 пати помалку од она што државата го предвидела со закон.

Младите не сакаат да слушнат за останување во малите градови | Фото: А. Писарев

Младите не сакаат да слушнат за останување во малите градови | Фото: А. Писарев

Милан Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион, вели дека во неговиот регион, во градовите Крива Паланка и Кратово е евидентна депопулацијата на населението, пред сè, поради економски причини.

„Не сме правеле проекција колку народ се иселува, но појавата е евидентна. За спречување на таквата појава прво државата треба да го испочитува она што е предвидено со Законот за локалната самоуправа, а тоа е, дека еден процент од вкупниот БДП треба да се издвои за општините. Или попрецизно, североисточниот плански регион би требало оваа година да добие 12 милиони евра за развој, а ние до крајот на годината нема да добиеме ни 200-300 илјади“, вели Милан Протиќ.

Причините за преселбата во големите градови можат да се следат и според класификацијата на планските региони и нивната развиеност која ја направиле во Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.

„Според степенот на развиеност и класификацијата на планските региони, скопскиот регион е најразвиен, а североисточниот регион каде припаѓаат и градовите Крива Паланка и Кратово е најмалку развиен“, објаснува Арбнора Бајрами од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа. Зоица Филипова, координатор во источниот плански регион, вели дека депопулацијата е најизразена во Виница.

„Во општината според последниот попис на население живееле над 19.000 жители, а денес таа бројка е сведена на помалку 5.000 жители“, вели Филипова.

„Државата и локалната самоуправа треба да создадат услови за подобар и поубав живот на граѓаните и да обезбедат економски развој, со што би се спречило мигрирањето кон Скопје. За дваесет години од осамостојувањето, освен еден универзитет кој го доби овој регион и една брана на хидросистемот „Злетовица“, каде е многу сомнителен износот за кој е изградена, ништо друго не е направено.

Ако на граѓаните во провинција им обезбедите квалитетен живот, економски напредок, културни содржини, добро снабдување, квалитетно здравство, спорт, безбеден живот, тие ќе немаат причина да се селат во метрополата“, смета економскиот аналитичар од Кочани, Лефков.

Според него, голема улога во иселувањето има и тоа што источниот регион е изолиран од остатокот од земјата.

„Источниот регион е отсечен, нема патна инфраструктура. Замислете во 21 век воз за Кочани сообраќа само трипати неделно, еднаш во текот на работната недела и двапати за викенд. Кога би постоела современа инфраструктура, брзи возови налик на надземното метро и кога јас би можел од Кочани да стигнам во Скопје за 30-40 минути, би можел сите мои специфични потреби од велеградот да ги задоволам со едно патување и не би имал потреба од преселба во Скопје“, објаснува Лефков.

Лошата патна инфраструктурата исто така е причина за забрзано иселување | Фото: А. Писарев

Лошата патна инфраструктурата исто така е причина за забрзано иселување | Фото: А. Писарев

„Источна Македонија нема ниту еден единствен километар автопат и вие сакате да спречите депопулација на градовите од овој регион. Мојата проекција е дека малите градови од Источна Македонија ќе исчезнат многу порано, најмногу за 20 години“, додава Лефков.

Тој додава дека повеќе од 20 проценти од населението, кое е регистрирано на пописот во малите градови во Источна Македонија во 2002 година, денес го нема.

Билет во еден правец
Неофицијалната статистика вели дека во Скопје од понеделник до петок се слева река од над 180.000 луѓе кои тука работат. Трајан е од Богомила и работи како кондуктер во „Македонски железници“ на релација Скопје-Гевгелија и обратно. Вели дека во петок во возот нема каде игла да се фрли, а исто е и во недела навечер.
„Имам впечаток дела цела провинција од југот се преселила во Скопје. Невозможно е во викендите да ги проверам билетите на сите патници. Ходниците се преполни, носат торби со храна, пластични балончиња со ракија и вино… дури има случаи кога во ходникот патниците стојат на една нога, а меѓу нив има по 200 до 300 литри ракија. Главно се млади, весели, разговорливи… но од она што го слушам никогаш нема да се вратат во провинција. Се снаоѓаат во Скопје, работат по кафулиња и бутици, продаваат ракија, сирење, смокви, ориз… што сè не пренесуваат со воз.“

„Едноставно исчезнало, не знаеме каде е. Цела една генерација ја снема. Во 2008 година во Виница се родени 233 деца, а во прво одделение оваа есен тргнале само 158, значи семејствата на 85 деца се иселиле од градот. Ова е податок кој надлежните го држат во тајност, а е крајно загрижувачки“, вели Лефков.

Во овој регион е присутна и т.н. привремена миграција. Само во втората половина на август и почеток на септември оваа година, според Лефков, од Кочани и Виница во Италија на сезонска работа заминале 5.000 луѓе. Во првите две седмици во септември дневно заминуваа за Италија по 400 луѓе на сезонска работа да берат грозје. Од Источна Македонија, 30.000 граѓани со бугарски пасоши постојано се надвор од границите на државата.

Теренското истражување и анкетата меѓу граѓаните покажуваат дека дел од вината лежи и во силната партизација на локалната власт и поддршката на недоволно способни градоначалници, чија приоритетна цел е по завршување на мандатот да обезбедат функција во Скопје.

Локалните граѓански активисти дури се сомневаат во намерно фаворизирање на депопулацијата на малите градови поради, од една страна, намалување на притисокот на малите градови врз централната власт за решавање на нивните проблеми и, од друга страна, зголемување на контролата над гласачкото тело бидејќи жителите кои остануваат во малите градови се главно пензионери и вработени во државните институции.

Во Македонски Брод, според Зоран Новески од локалната самоуправа, кој го предводел тимот за изработка на локален план за економски развој заедно со тимот на УНДП, како најголем работодавец во градот се јавува државата, односно буџетските установи.

Цена на трудот
„Притисокот на провинцијата врз метрополата е огромен, а со тоа паѓа и цената на трудот“, вели студентот Сашко Деспотовски, кој работи во кафуле во „Веро центар“.
„Кога го отворија центарот газдата ме плаќаше 10.000 денари месечно, што беше просечен џепарлак со кој можев да си дозволам мали луксузи, покрај студирањето. Одеднаш дојде бран од провинција, почнаа да се нудат да работат за 5.000 денари, ги молат газдите, им се умилкуваат само да ги примат на работа… Живеат по 6-7 во еден мал стан, секој викенд од провинција влечат за себе и за продажба храна, пијалаци, земјоделски производи, настојчиви се и сè почесто се повлекуваме пред нивниот налет. По дипломирањето имам намера веднаш да ја напуштам Македонија.“

Најголем дел од вработените кои можат да обезбедат достојна егзистенција се во образованието, локалната самоуправа, полицијата, здравството и јавните претпријатија. За разлика од нив, стотина жени кои работат во текстилната индустрија во Македонски Брод за 12-часовно работно време добиваат дневница од само 300 денари. Бројот на жители во Македонски Брод се намалува континуирано со миграција на населението во Скопје, Кичево, Прилеп и Гостивар.

„Очигледно е што се случува во државата и може да се заклучи дека сите овие масовни миграции се стихијни, неорганизирани и тешки за статистичко следење. Во посттранзицискиот период, учеството на преселувањата во рамките на општините е зголемено од 17,7 проценти во 1994 година на 22 проценти во 2002 година, а по овој период не е извршен попис на населението. Во исто време порасна и учеството на меѓуопштинските миграции од 57,7 проценти на 66,5 проценти“, вели професорот Ристески.

Нискиот стандард и сиромаштијата се најголема причина за миграција од малите места кон поголемите градови. Илустрација за животниот стандард на жителите во овие региони даваат резултатите од истражувањето на сиромаштијата спроведено од „Македонската платформа за борба против сиромаштијата“.

„Во Берово, секое петто домаќинство ниту еднаш неделно не јаде топол оброк со месо. Овој и многу други показатели кои се однесуваат на животниот стандард и на сиромаштијата во Берово и Свети Николе (но и во другите градови), во форма на декларација им се предочени на Владата и на ресорното министерство за труд и социјална политика“, вели Сашко Јованов од „Македонската платформа за борба против сиромаштијата“.

Квалитетот на животот може да се согледа и од други податоци, како на пример износот на јавните набавки по жител, односно колку пари, меѓу другото, вложуваат локалните власти за унапредување на условите за живот и работење во општините.

Скопските општини, заедно со градот Скопје, во 2012 година потрошиле по 128 евра по жител за јавни набавки. Од друга страна, во општините со изразена депопулација, најдрастични примери со мала потрошувачка за јавни набавки по жител се Ресен со 10 евра, Виница 32 евра, Кратово 40 евра, Демир Хисар 52 евра, Берово 56 евра, додека скопската општина Центар во 2012 година за јавни набавки потрошила 412 евра по жител.

Од невладината организација „Центар за граѓански комуникации“ посочуваат дека граѓаните и граѓанските организации треба да бараат од локалните власти да го зголемат износот на јавните набавки по жител за набавка на стоки и услуги кои ќе ги подобрат условите за живот и работа и ќе го подигнат животниот стандард на локалната заедница, што може да биде важен фактор во запирањето на депопулација на овие градови.