Вести

Скопски адвокат бара Врховен да ги оживее аболициите на Ѓорѓе Иванов

Ќар би имал и Никола Груевски

Во последните денови од јуни годинава, Врховниот суд објави дека ја потврдил пресудата во случајот „Транспортер“ на специјалното јавно обвинителство. Со тоа се затвори и последниот домашен правен „шалтер“ за жалби на дваесетмина обвинети, кои беа осудени дека ја злоупотребиле службената положба при организирање превоз на ученици во Општина Битола и го оштетиле буџетот. Набргу потоа судот ја објави и целата пресуда.

Единственото „чаре“ на осудените од тој момент им останува Судот за човекови права во Стразбур.

И додека среде лето судот им доставувал примероци од пресудата на обвинетите и нивните адвокати, до Врховниот суд стигнало барање од скопскиот адвокат Миле Наумовски, што може да промени сè.

Врховен денеска на веб-страницата за ова објави соопштение во кое пишува: „Доставена е Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов“. 

Од највисокиот суд за БИРН велат дека иницијативата стигнала 26 јуни и дека е „во фаза на изготвување реферат од страна на судија-известител“.

Со други зборови, позитивниот начелен став би значел бетонирање на помилувањата што ги даде поранешниот претседател. А доколку се случи тоа, помилуваните функционери, на кои уште им се суди, меѓу кои и на поранешниот премиер Никола Груевски, би се спасиле од кривичен прогон.

Наумовски е адвокатот кој заедно со други свои колеги во 2019 успеаја да го извадат тогашниот осомничен Јордан Камчев и бизнисмените Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ  од куќен притвор во случајот „Империја“ преку жалба до Врховниот суд.

Чуму сега?

Петтемина врховни судии веќе се изјасниле за аболициите на Иванов | Фото: БИРН

Во „неоладена“ атмосфера по експресно донесените измени во Кривичниот законик, со кои од затвор се спасуваат обвинетите функционери, на повидок е нов правен пресврт.

Иако врховните судии Цветанка Периќ, Џемали Саити, Африм Фидани, Мирјана Лазарова-Трајковска и Сафет Кадрии, во пресудата за предметот „Транспортер“ веќе се изјаснија дека помилувањата на Иванов не важат, тоа не го разубедило адвокатот по друг правен канал да побара да се отвори прашањето за аболицијата.

На 6 од 78 страници, колку што е пресудата за „Транспортер“, врховните судии образложиле дека: „…даденото помилување не произвело правно дејство бидејќи било дадено врз основа на членот 11 од Законот за помилување, одредба која не била дел од правниот поредок, што значи дека осудениот никогаш и не се стекнал со  право да биде ослободен од кривичен прогон“.

Па оттука, нејасно е зошто повторно се отвора ова прашање, кога судиите-кривичари во највисокиот суд веќе донеле став.

Освен тоа, за воопшто Врховниот суд да разгледува иницијатива со која треба да усвои начелен правен став, треба да постои различна судска пракса од различни судови, за што не станува збор во овој случај.

Според информациите на БИРН, предметот паднал во рацете на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска.

Таа може и воопшто да не се произнесе за иницијативата на адвокатот, со оглед дека нејзините колеги заедно веќе се изјасниле за помилувањата во пресудата, за случајот „Транспортер“.

Судот има рок од најмногу шест месеци да расправа.

Преку начелно мислење, мнозинството судии во Врховниот суд, во 2019 година пресекоа дека 18 месеци по формирањето, СЈО не може да поднесува обвиненија, со што многумина истраги беа прекинати.

Ако Врховен донесе таков став, тоа би му одело во прилог на експремиерот Никола Груевски, чиј адвокат Димитар Дангов, летово побара судот вонредно да ја преиспита правосилната пресуда во случајот „Плацови на Водно“.

Во тој предмет, Груевски е осуден на 9-годишна затворска казна, а едно од решенијата на Ѓорѓе Иванов за помилување е токму за кривично дело, за кое е осуден поранешниот премиер во предметот „Плацови на Водно“.

Груевски би се офајдил и во предметот „Титаник“, каде што е обвинет, но и помилуван дека злоупотребил пари за финансирање на изборната кампања и дека го повредил избирачкото право на гласачите.

За адвокатската иницијатива треба да се расправа по усвоените измени на Кривичниот законик во парламентот, со кои функционерите се спасуваат од затвор, бидејќи се предвидени помали затворски казни, а со тоа и побрзо застарување на кривичните дела.

Граѓанските организации утрово најавија дека се повлекуваат од учество во изработка на новиот кривичен законик. Сметаат дека нивното учество е „беспредметно во постапка која суштински го озаконува незаконитото“.