Регион

Случај Ловас: Судијката се судри со адвокатката

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Адвокатката на еден од обвинетите, назначена од судот, на рочиштето што денеска се одржа, во судскиот процес за убиствата во селото Ловас, го обвини судот дека на нејзиниот клиент, Зоран Косијер, му го ускратил правото на избор на правен застапник, што доведе до судир со судијката, Зорана Трајковиќ.

Адвокатката, Гордана Андреевиќ, пред судот изјави оти била соочена со потешкотии во подготовката на случајот, бидејќи судот „му го ускратил“ правото на Косијер, да избере свој адвокат, што е негово право според српскиот закон.

„Не можев да воспоставам доверба со мојот клиент“, рече Андреевиќ.

Судијката Трајковиќ ја прекина, велејќи дека адвокатот што Косијер го барал, не бил квалификуван да го претставува пред судот.

„Јас нема да ви дозволам да давате изјави кои не се вистинити“, нагласи Трајковиќ, додавајќи дека именуваниот адвокат е избран од претседателот на Вишиот суд, а не од судскиот совет кој суди во овој предмет.

Таа објасни дека на Косијер му била дадена можност да одбере друг адвокат кој ќе го претставува, но оти тој не го сторил тоа, па затоа судот му именувал правен застапник.

Овој аргумент беше споменат уште неколку пати, па судијката се закани со „мерки“, по што Андреевиќ продолжи со завршните зборови на судењето.

На денешното рочиште, ослободување од обвиненијата за нивните клиенти, побараа неколку адвокати, додека обвинетиот, Милан Девчиќ, рече дека случајот против него бил „наместен“.

Десет поранешни припадници на полицијата, на локалната територијална одбрана, на Југословенската народна армија и на паравоената формација „Душан Силни”, се обвинети за воени злосторства извршени над цивили, како и за убиство на 70 цивили, жители на хрватското село Ловас, во октомври 1991 година.

Во обвинението се вели дека српските сили го освоиле Ловас на 10 октомври истата година, по што почнале да ги тепаат и мачат цивилите.

Седум дена подоцна, на 17 октомври, српските сили, наводно, опколиле и уапсиле околу 70 мажи од селото, на возраст од 18 до 65 години. Дел од нив биле измачувани.

Следниот ден, на обвинетите, Радован Влајковиќ и Радисав Јосиповиќ, припадници на територијалната одбрана, им било наредено, цивилите, како жив штит, да ги однесат на минско поле, се вели во обвинението.

Како што се додава, тие избрале околу 50 заробени цивили и им рекле да тргнат кон блиското поле, за да проверат каде се мините.

Имено, припадниците на единицата „Душан Силни” им кажале на цивилите да се движат во една редица и со нозете да проверат каде има мини. Во ова, наводно, учествувале и Влајковиќ и Јосиповиќ.

Кога еден од цивилите паднал, се чула експлозија, а дел од војниците почнале да пукаат во Хрватите, при што убиле 20 од нив.

Обвинителството соопшти дека на 10 октомври биле убиени 20 цивили, додека другите жртви биле убиени во друг период.

Обвинетите беа осудени во 2012 година, но Апелацискиот суд на Србија во 2014 година ја поништи пресудата и случајот го врати на повторно судење.

Во меѓувреме, четворица обвинети – Љубен Деветац, Драган Бачиќ, Александар Николаидис и Милан Радојчиќ, починаа.

Обвинителството за воени злосторства на Србија, побара, осуммината поранешни српски борци,  да бидат осудени на вкупно 59 години затвор.