Вчера, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева ги свика членовите на итна седница, на која се разгледуваше извештајот за постапувањето на судијата Пајазит Пајазити.
Тој е судијата кој еднаш определи притвор, па по неколку дена му определи куќен притвор кај роднини на осомничениот за воени злосторства против цивили, Блерим Рамадани, кого го бараше Србија преку Интерпол, по што избега.
Наспроти сите очекувања дека јавноста ќе слушне аргументирана дебата за случајот што со денови ја бранува јавноста, дискусии речиси и да немаше. Наместо тоа, многу форма, нула содржина. Бавно, процедурално „танцуваа“ околу суштината на случајот, со внимателно одбрани зборови, да не падне дамка на колегата.
Дамева забележа дека извештајот што го изготвила комисијата, не го потпишале тројцата членови, односно дека Ханиф Зендели не ставил потпис на документот, што би можело да биде протолкувано дека не се согласува со напишаното. Но, ниту го праша зошто е тоа така, ниту тој зеде збор, за десетина минути подоцна да стисне копче и да гласа за истиот тој извештај.
Самата постапка за бегството на Рамадани е еклатантен пример како правото се развлекува надвор од границите на нормите, зависно од нечии желби.
Наспроти прецизноста на законот и фактите.
Уапсениот Рамадани, на 18 јули се согласил пред судијата Пајазити да биде екстрадиран по скратена постапка во Србија „што побрзо“ и дека може да биде суден. Значи, самиот Рамадани изјавил дека прифаќа скратена постапка. Редовната постапка е посложена и бара повеќе дејствија.
Пајазити му определил притвор, за тоа го известил Министерството за правда, а тројца судии од Кривичниот совет го потврдиле притворот.
Но, четири дена подоцна, односно на 22 јули, стигнала жалба од адвокатот на Рамадани. Истиот адвокат, кој бил со Рамадани кога дал изјава дека се согласува на екстрадиција по скратена постапка, побарал од судот неговиот клиент да ја повлече дадената изјава за екстрадиција.
Образложението било дека првиот пат „не ја разбрал постапката“.
Рамадани изјавил дека „не го разбрал добро преведувачот при извршување на преводот во делот за скратена постапка и редовна постапка“.
Според Законот за меѓународна соработка, во кривичната материја, ваквата изјава за скратена постапка за екстрадиција е неотповиклива, што значи дека никако не може да биде повлечена, па Рамадани немал право да се премисли.
Наместо, според законот, само да ја отфрли жалбата, Пајазити, во тој момент, се прогласува за „заштитник на човековите права“ и повторно го сослушува Рамадани. И не само што го сослушал, туку му го прифатил повлекувањето на изјавата, па му определил куќен притвор, кој требало да го одлежи кај негов роднина.
Во десетгодишната новинарска кариера не се сеќавам на случај во кој судијата определил куќен притвор да се издржува кај роднини.
И додека Обвинителството се жалело на одлуката на Пајазити за куќен притвор, Рамадани веќе патувал кон Косово. Кога полицијата дошла да провери дали е кај роднините, него го немало, па се вклучил алармот, но веќе било предоцна.
Уште поиндикативно е што кога првиот пат му определил притвор на Рамадани, Пајазити напишал дека тоа е поради опасност од бегство, како и поради тоа што станува збор за странец, кој нема ниту живеалиште, ниту престојувалиште во Македонија.
Но, вториот пат, при непроменети околности, истиот судија му определил поблага мерка, односно куќен притвор.
Со други зборови, ништо не се променило, освен ставот на судијата.
Ништо од ова не беше вчера дискутирано на седницата на Судскиот совет. Впрочем не чувме ништо, освен коментари дали во иднина на членовите на Судски да им се копираат материјалите од увидот на работната група.
Судски совет, за кој постојано се говори дека е под политичко влијание, вчера мораше да ја расчисти маглата околу случајот. За тоа и се платени, да бидат контролор над постапувањето на судиите и да ѝ објаснат на јавноста што се случило.
Претседателот на тричлената комисија, Александар Камбовски кажа дека не им било задача да даваат предлози, туку само да констатираат. Но, ако е така, освен тоа што ја ставиле на хартија хронологијата на случајот, требало да констатираат и дали случајот се водел според законите или не, и доколку има прекршувања, кој е одговорен за тоа.
Инаку, чуму извештај за констатирани состојби?
Веројатно, за да спласне јавниот интерес и да се забошоти случајот.
Што со колегите на Пајазити?
Освен што не се разговараше за постапувањето за Пајазити, Судскиот совет избра еднакво да ја игнорира и контроверзната одлука на тројца судии, колеги на Пајазити. Tие донеле незаконита одлука за неопределување екстрадиција во истиот случај.
Судиите од Кривичниот совет, Васка Николовска-Масевска, Илија Трпков и Ленка Давиткова ја прифатиле ваквата „пишман изјава“ што ја дал Рамадани пред Пајазити и де факто ја потврдиле, односно ја „игнорирале“ грешката на судијата и донеле спорна одлука.
Затоа во право е членот на Судскиот совет, Мирсад Суроји, кога вчера праша дали комисијата што правеше извештај ја зела предвид и одлуката на овие тројца судии?
Уште повеќе, што никој не ја спомена одлуката на Врховниот суд, кој им ја укина одлуката. А во неа, врховните судии им напишаa на нивните колеги да се преиспитаат што донеле и да донесат „законита одлука“.
А тоа значи само едно, дека првата им била незаконита.
Најмалку што требаше да направат вчера членовите на Судскиот совет е, наместо да ја замајуваат јавноста со процедурален извештај – веднаш да формираат комисија за утврдување дисциплинска одговорност.
И тоа не само за Пајазити, туку по службена должност и за тројцата судии што биле должни да го знаат законот и да си прочитаат дека одлуката на нивниот колега е незаконита, како што одлучи Врховниот суд.
Во спротивно, само ќе ги потврдат бројните шпекулации дека вчерашната седница беше дел од сценариото да се купува време додека случајот не падне во заборав.