Регион

Случај Штрпци: Очевидци сведочеа дека вооружени Срби киднапирале Бошњаци од воз

Железничката станица во Штрпци, каде што жртвите биле киднапирани во 1993. Фото: Викимедија комонс/БокицаК

Вработени во железница и патници што на 27 февруари 1993 патувале со возот кој бил запрен во Штрпци, пред Вишиот суд во Белград денеска изјавија дека никој не се обидел да го спречи киднапирањето.

Полицаецот кој бил задолжен да го придружува возот, Зоран Удовиќ, забележал група војници кои се качиле во задниот дел на возот, им пристапил и ги прашала што сакаат. Еден од нив му одговорил: „Ги бараме непријателите“.

„Ги отвораа купеата, легитимираа … На некои им рекоа да излезат. Овие патници не се спротивставија“, рече Удовиќ.

Вооружените лица поминале низ целиот воз, проверувајќи ја националноста на патниците, но „никој не употребил сила“, додаде тој.

Сведокот истакна дека му било наредено, доколку возот го запрат, да им дозволи на припадниците на Војската на Република Српска (ВРС) да извршат проверки, затоа што тие барале свои војници, што и претходно се случувало.

На Гојко Лукиќ, Љубиша и Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драгана Ѓекиќ, им се суди за воени злосторства извршени над цивили, поради киднапирање и убиство на 20 патници.

Припадниците на српската паравоена единица „Одмаздници“, која била дел од ВРС, се обвинети дека учествувале во запирање на возот и киднапирање на патниците од несрпска националност.

Според обвинението, патниците прво со камион биле одвезени во основното училиште во село Прелово, каде биле тепани.

Потоа на затворениците им било наредено да ја соблечат облеката и во долна облека и со раце врзани зад грб, повторно да влезат во камионот, по што биле однесени во куќа во селото Мушиќи.

Тие ги терале затворениците да влегуваат во куќата во групи од по две или три лица, а потоа ги убивале со истрел во тилот. Осумнаесет затвореници беа убиени на овој начин, а останатите двајца биле застрелани кога се обиделе да избегаат.

Раденко Грујичиќ бил кондуктер во возот, дента кога тој застанал во Штрпци, иако возниот ред тоа не го предвидувал.

Грујичиќ пред судот изјави дека кондуктерите имале обврска да се симнат од возот, ако тој неочекувано биде запрен, и да проверат кај диспечерот што се случува.

„Излегов, видов двајца мажи со пушки. Им реков: ‘Добар ден’. Еден ми одговори ‘Бог да ти помогне’. Ги прашав: ‘Каква е оваа контрола?’, а еден ми рече: ‘Ти многу прашуваш. Како се викаш?’ и ја репетираше пушката во мене. Јас ги кренав рацете, заборавив и да зборувам“, рече Грујичиќ.

Сите сведоци истакнаа дека војниците носеле различни униформи, дека некои носеле црни капи, други капи со обележја, а трети воопшо не носеле ништо на главата. Ниту еден сведок не можеше да идентификува некого од обвинетите.

На десет други поранешни припадници на силите на босанските Срби, им се суди пред Судот на БиХ во Сараево, за киднапирања и убиства во Штрпци.

Досега само двајца припадници на силите на босанските Срби се осудени за ова злосторство. Небојша Ранисављевиќ, кој во Црна Гора беше осуден на 15 години затвор и Миќо Јовичиќ, кој доби петгодишна затворска казна, откако се изјасни за виновен пред Судот на БиХ.

Командантот на „Одмаздници”, Милан Лукиќ, пред Хашкиот трибунал во 2012 година, беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства извршени во Вишеград, источна БиХ, но не и поради убиствата во Штрпци.