Регион

Националната омраза и насилството го поткопуваат хрватското општество

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Тоа се поединци, можеби и организирани, но тие не се плод на одредена клима во општеството, тоа се девијации на кои мора да им се застане на крај, врз основа на индивидуална одговорност“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, во средата.

Тој додаде дека владата „нема да дозволи да биде вовлечена во спирала на омраза“.

Неодамнешните насилни инциденти се резултат на долгогодишниот дискурс во Хрватска, со кој Србите, но и другите, кои се сметаат за непријатели на државата, се врамуваат како „останати“. Ако ова не се провери, ќе го уништи социјалното ткиво што го држи општеството заедно.

На прв поглед, сето ова изгледа како несреќно наследство, кое може да се објасни, од војната во 1990-тите години, кога Србите од Хрватска се побунија против новоформираната хрватска држава. Девастирачкото воено искуство остави лузни, кои можеби никогаш нема да можат да се излечат, и тоа распламтува етничка или национална омраза.

Но, зошто сега и зошто во овие инциденти се вклучени млади луѓе, кои дури и не ја доживеале војната?

По екстремно националистичките 1990-ти години, 2000-тите навидум донесоа полабава атмосфера во општеството.

Иако дојде до појава на екстремен национализам во екстремно десничарските кругови и меѓу воените ветерани, при што беа видени и некои насилни епизоди, овие гласови стивнаа кога Иво Санадер, тогашниот претседател на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, партијата која тврдеше дека „ја создала државата“, победи на општите избори во 2003 година.

Самостојната демократска српска партија (СДСС), која ги претставува Србите во Хрватска, ја поддржа неговата влада, а Санадер дојде да го прослави православниот Божиќ, со претставниците на српското малцинство.

Тогаш Хрватска покажа пријателско лице, подобрувајќи ја позицијата на Србите, па дури и гонеше некои воени злосторства извршени над нив. Се чинеше дека демоните од 1990-тите исчезнаа. За жал, тие само стивнаа на одредено време.

Во меѓувреме, десничарите работеа на создавање наратив што ги прикажува Србите како „останати“.

Се сеќавам дека кон крајот на 1990-тите и до средината на 2000-тите, младите, зборот „Србин“, го употребуваа како навреда.

Реченицата „Не биди таков Србин“, се користеше како синоним за „не биди таков кретен“. А оние што ова го употребуваа, обично не беа деца тешко трауматизирани од воените искуства, туку безгрижни урбани тинејџери.

Иако можеби овие адолесцентни епизоди изгледаат небитни, ова покажува дека младите луѓе, без подучување од возрасните, ги дефинираат Србите како „останати“, а оттука и како лоши.

Друг елемент што не треба да се заборави е фактот дека децата, и во образовниот систем и дома, учат етноцентрична историја што ги брише сите нијанси на историските настани. Во овие толкувања, Србите, исто така, се дефинираат како лоши.

Но, неодамнешното насилство беше охрабрено и од политичарите.

Јадранка Косор, поранешен претседател на ХДЗ и поранешен премиер на Хрватска, на Твитер напиша дека Томислав Карамарко, кој ја презеде партијата во 2012 и ја водеше до 2016 година, ја отворил Пандорината кутија, со својата реторика за „останатите“.

Во своите говори, Карамарко користеше отворени закани, националистички говор, ветуваше нова Татковинска војна и ги обвинуваше Србите, левичарите, комунистите и „таканаречените либерали“, за заговор против Хрватска.

Загреаната реторика на Карамарко, ги запали неговите следбеници, кои, на пример, во 2014 година, за време на неговиот говор, извикуваа дека политичките противници на ХДЗ треба да бидат фрлени во јама.

Она што, сепак, Косор заборава, е дека целењето на „останатите“ започна под нејзин надзор, во 2011 година.

Имено, на партискиот митинг во Осиек, Јосип Дакиќ, воен ветеран и висок функционер на партијата, ги изговори имињата на сите лидери од опозициската коалиција, велејќи дека мислел дека тие „формираат српска влада, а не хрватска“, имплицирајќи дека тие се Срби. Косор беше присутна кога ова се случи, но таа само се насмевна на неговите зборови.

Но, политичката реторика од минатото, не е единствениот проблем.

Како резултат на државно спонзорираниот историски ревизионизам на настаните од Втората светска војна, хрватскиот фашистички усташки режим и неговите злосторства над Србите и другите групи се минимизира, при што се тврди дека злосторствата биле лага, создадена со цел да им се наметне колективна вина на Хрватите и дека Србите воопшто не биле жртви.

Многумина кои веруваат дека Србите во 1990-тите биле злосторници, веруваат и дека тие лажат дека биле жртви во Втората светска војна.

Но, како што вели политичкиот аналитичар, Жарко Пуховски, не дека Хрватите опсесивно ги мразат Србите. Проблемот е во тоа што тие веруваат дека невладините организации за човекови права, медиумите и претставниците на српското малцинство, премногу ‘драмат’ заради „неколку модринки и шипки“.

Обичните луѓе не сакаат да се замараат со ваквите инциденти, бидејќи, според нив, се соочуваат со поважни секојдневни проблеми, како што се лошите економски услови, зголемувањето на трошоците за живот, немањето перспектива за нивните деца и со здравствен систем кој пропаѓа.

Но, општеството каде насилството врз „другите“ се прифаќа со премолчување или се минимизира, нема светла иднина.

Ова повторно излезе на виделина во средата, кога историчарот, Хрвоје Класиќ, по националност Хрват и бранител, кој доброволно се пријавил да се бори на 19-годишна возраст, доби смртна закана, бидејќи е отворен критичар на екстремниот национализам.

Ако се продолжи по овој пат, хрватското општество ќе стане длабоко нефункционално – општество, во кое параноичните поединци и групи меѓусебно се фаќаат за врат, обвинувајќи се меѓусебно дека се Срби или комунисти, или едноставно се „останати“. Оние од левата страна ќе одговорат автоматски, означувајќи ги противниците како фашисти или усташи.

Ова ќе нанесе голем удар на социјалната кохезија, ќе го поткопа сето она што го здружува општеството – и тогаш никој нема да има морално право да се жали зошто луѓето ја напуштаат земјата, барајќи подобар живот на друго место.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.