Регион

Семејствата на исчезнатите Срби во Косово, губат надеж

Поради несоодветната истрага на меѓународните организации и политичките тензии меѓу Приштина и Белград, сè уште не се пронајдени неколку стотици Срби, кои исчезнаа за време и по војната во Косово

Андрија Томановиќ, шеф на хируршката клиника во Клиничкиот центар во Приштина, на 24 јуни 1999 година, околу 13 часот, ѝ се јавил на својата ќерка Јелена, за да ѝ каже дека доаѓа дома од работа.

Војната во Косово официјално заврши на 9 јуни истата година, со потпишувње на Кумановскиот договор. Бомбардирањето на НАТО на Југославија престана, југословенската војска и полицијата се повлекоа од Косово, каде, заради зачувување на безбедноста, беа распоредени силите на НАТО, КФОР, и привремената административна мисија на ООН, УНМИК.

Еден од контролните пунктови на КФОР, на 24-ти јуни, се наоѓал пред Клиничкиот центар во Приштина. Токму тој ден, Томановиќ бил виден последен пат.

По 20 години, на 30 август, кога се одбележува Меѓународниот ден на исчезнатите лица, тој и натаму се води како исчезнато лице.

Според Комисијата за исчезнати лица на косовската влада, 1.650 лица сè уште се водат за исчезнати, како резултат на војната 1998-1999 година. Од нив, 1.100 се Албанци, 360 Срби и 200 се од другите малцински заедници, како Ромите.

Повеќето цивили од српска и друга неалбанска националност, исчезнале меѓу јуни 1999 и декември 2000 година, откако заврши војната во Косово, а силите на Слободан Милошевиќ се повлекоа.

Веднаш по војната, многу Срби и Роми беа цел на вооружени групи, а илјадници го напуштија Косово во страв од одмазда, се вели во извештајот на организацијата, Амнести Интернешнл (АИ).

Во хаотичниот повоен период, УНМИК, освен за безбедносните  прашања, беше одговорен и за спроведување на истрагите во случаите на исчезнатите лица, но случајот Томановиќ остана еден од над 200 случаи, за кои Мисијата на ООН беше обвинета дека не спровела соодветни истраги.

Без изјави од сведоци

Фото БИРН

Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН, во 2007 година формираше Советодавна комисија за човекови права (ХРАП) на Косово, за да ги испита наводните случаи на кршење на човековите права од страна на УНМИК.

ХРАП беше надлежен да ги испита случаите на кршење на човековите права што се случиле после 23 април 2005 година, или пред овој датум, доколку со нив биле предизвикани континуирани повреди на човековите права.

Со ова на ХРАП му беа дадени овластувања, да ги испита поплаките во врска со настаните од 1998 до 2000 година и да помогне во откривањето на некои поголеми проблеми во истрагите на УНМИК, за судбината на неалбанците, кои исчезнаа или беа убиени за време и по војната во Косово.

Во случајот Томановиќ, ХРАП забележува дека УНМИК дознал за исчезнувањето на овој лекар, најдоцна до крајот на јуни 1999 година. Сепак, како што нагласија од комисијата, „се чини нејасно какви истражни чекори се преземени помеѓу 1999 и 2002 година“.

„Во досието се наведува дека истрагата е продолжена и дека во неа учествувале неколку истражители. Меѓутоа, дадени се малку информации за тоа, какви конкретни истражни мерки биле активно покренати во овој случај“, нагласува ХРАП.

Сопругата на Томановиќ, ѝ дала на полицијата на УНМИК, имиња на можни сведоци, врзано за исчезнувањето на нејзиниот сопруг. Во 2004 година, полициските иследници на УНМИК се обиделе да добијат информации од еден од вработените во приштинската клиника, но безуспешно.

ХРАП наведе дека „и двете активности биле површни по природа и не била евидентирана ниту една официјална изјава на сведок“.

„Навистина, при проценката на целокупното досие, Комисијата забележува целосно отсуство на каква било забележана изјава на сведоци (…) Исто така, не биле добиени изјави ниту од болничкиот персонал, ниту од другите потенцијални сведоци, присутни во моментот на исчезнувањето на доктор Томановиќ, во јуни 1999 година“, се додава.

Во досието Томановиќ била наведена врска со името на можниот осомничен, со препорака да се спроведат понатамошни истражни дејства, но се чини дека не е преземена никаква акција, за да се следи оваа трага, истакна ХРАП.

Одложувања, неуспеси и молк

Фото: БИРН

Во завршниот извештај на ХРАП, објавен во 2016 година, наведени се, како стои, најзначајните проблеми во работата на УНМИК во Косово.

Одложувањето на регистрацијата на извештаите за исчезнатите лица или, во некои случаи, целосен изостанок на регистрација на ваквите извештаи, од полицијата на УНМИК, се само дел од овие проблеми. Одложувањата траеле со месеци, па дури и со години, „без објаснување“.

„Значителните одложувања во иницијалните истражни активности, како што се увидите, претресот на околните области, собирањето и чувањето на материјалните докази, евидентирањето на изјавите на сведоците, па дури и нивното целосно отсуство, од самиот почеток ја нарушиле доказната основа на истрагите“, се наведува во извештајот на комисијата.

Кога станува збор за сведоците, ХРАП истакнува дека се чини оти обидите за нивно пронаоѓање, не биле темелни и посветени, и дека УНМИК не дошол до луѓето кои се жалеле на кршење на правата и до сведоците, кои од безбедносни причини, го напуштиле Косово.

„Се чини дека во голема мера биле присутни одложувања, при обидот да се најдат сведоците и да се разговара со нив. Поради ваквите одложувања, се случувало сведоците да починат, додека други, пак, се селеле и тука трагата им се губи“, нагласува ХРАП.

На прашањето да ги коментираат овие обвинувања, од УНМИК за БИРН изјавија дека „има многу причини зошто УНМИК не можел да ја утврди судбината на исчезнатите лица; сепак, во многу случаи недостасувале и веродостојни докази“.

Тие додаваат дека некои од главните предизвици се „резултат на нестабилната ситуација во постконфликтно Косово“, како што е напнатата и нестабилна безбедносна состојба и отсуството на јавни институции.

„Во непосредниот период по косовскиот конфликт, немаше воспоставени, професионални и снабдени со ресурси, сили на ООН; УНМИК мораше повторно да го воспостави спроведувањето на законот, во отсуство на институции и агенции за закон и ред, што беше предизвикувачка задача со оглед на околностите на теренот“, ни изјавија од УНМИК.

Во својот извештај, ХРАП, исто така, го критикува недостигот на соодветна размена на информации, помеѓу релевантните полициски единици на УНМИК, при што се истакнува дека во многу случаи, нема индиции за обвинителски надзор или за вклученост на јавните обвинители. Проблеми се појавија и затоа што во тој момент, барем три меѓународни организации, работеле на теренот.

„Немањето соработка помеѓу УНМИК, МКТЈ и КФОР им создало проблеми на истражителите. Во некои случаи, полицијата на УНМИК не спроведувала истраги, бидејќи ги презел МКТЈ, но без да обезбеди никаква документација“, истакнува ХРАП.

„Во голем број на списи се спомнуваат ситуации, кога жртвите биле киднапирани пред единиците на КФОР или информациите за киднапирањата им биле проследени на единиците на КФОР. Полицијата на УНМИК не презела никаква истражна активност“, се вели во извештајот на комисијата.

Соработката помеѓу УНМИК и српските власти, исто така, била слаба.

„Српските државни органи на УНМИК му пратиле голем број на информации за разни инциденти, вклучувајќи локации, датуми и имиња на жртви, на осомничени и на сведоци. Сепак, во повеќето случаи, немало соодветна соработка помеѓу УНМИК и српските власти“, се вели во извештајот.

Според ХРАП, во некои случаи, истрагите на УНМИК за наводни кршења на човековите права, биле прекинати без очигледна причина.

„Полициски истраги биле прекинувани, по интерно преиспитување, при што, надлежните обвинители и оштетените, не биле известени“, наведува ХРАП.

„Во голем број случаи, доаѓало до ‘откажување’ од истрагите, без никаква формална одлука и без никаква очигледна причина, и покрај трагите што требале и натаму да се следат. Згора на тоа, во многу случаи не биле следени трагите и препораките што ги идентификувале истражителите што вршеле ревизија и обвинителите“.

ХРАП посочува дека не се следеле наводите за тешки кривични дела на припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„УНМИК не вложил никаков суштински напор, на систематски и координиран начин, да го истражи исчезнувањето и убиствата на голем број косовски Срби, во случаи кога постоел јасен тек на истрагата, кој би довел до сторителите, за кои постоело сомневање, дека се припадници на ОВК“, се вели во извештајот.

Без истрага за наводите за трговија со органи

Еден од „најексплозивните“ наводи, врзано за исчезнатите лица во Косово, е оној дека на некои од жртвите, кои биле заробени на тајни места за притвор, што ги држела ОВК во соседна Албанија, хируршки им биле отстранувани органи, со цел тие да се продадат заради трансплантација.

Овие обвинувања беа објавени во извештајот од 2010 година, на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, кој ги истражуваше тврдењата за злосторства извршени од припадници на ОВК.

Во извештајот на Марти се вели дека „бројни конкретни и конвергентни индикации, потврдуваат дека некои косовски Срби и косовски Албанци, биле држени како затвореници во тајни центри за притвор, под контрола на ОВК, во северна Албанија, и биле подложени на нечовечки и понижувачки третман пред да исчезнат“.

Исто така, се наведува дека „на некои притвореници, органите им биле отстранувани на клиника лоцирана на албанската територија, близу (градот) Фуша-Круја, а потоа биле носени во странство заради трансплантација“.

Во 2003 година, УНМИК дознал за најмалку седум лица, кои завршиле мртви во Албанија, но на прашањето на БИРН за тоа како ги следеле овие наводи, одбија да ни дадат повеќе информации.

„УНМИК не може понатаму да ги коментира тековните кривични истраги или да открива доверливи информации“, ни одговорија.

По извештајот на Марти, формирана е специјална истражна работна група на Европската унија, чиј извештај, во кој е наведено дека припадници на ОВК извршиле сериозни злосторства, доведе до формирање на специјален суд на Косово (чие официјално име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово), со седиште во Хаг, пред кој ќе им суди на осомничени лица, иако досега не е објавено ниту едно обвинение.

Златко Антиќ е еден од исчезнатите лица, поврзани со наводите за трговија со органи.

Антиќ имал 35 години кога на 28 јули 1999 година, од селото Брезовица, заминал во Призрен, каде неговото семејство имало стан, за да провери каква е состојбата во градот и дали е безбедно да се вратат.

Тој отишол кај соседот на кого му ги оставил клучевите од својот стан. Неговиот сосед подоцна изјавил дека неколку минути откако Антиќ влегол во станот, во него влегле шест мажи во униформа на ОВК, и го принудиле Антиќ и уште еден сосед, да одат со нив.

Мајката на Антиќ, која поднела жалба до Советодавната комисија за човекови права, изјави дека ОВК во тоа време окупирала стан во приземјето на истата зграда, во која тие имале стан.

Таа додаде дека Антиќ и киднапираниот сосед биле однесени во студентскиот центар, лоциран зад градските гробишта во Призрен. Соседот подоцна бил ослободен, но ОВК го задржала Антиќ, на кого оттогаш му се губи секоја трага.

Четири години подоцна, во 2003 година, името на Антиќ се појавило во таен извештај на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), за трговија со органи, што, во тоа време, било малку познато прашање. Во извештајот се вели дека осум косовски Албанци, некои од нив членови на ОВК, изјавиле дека или знаеле или учествувале во транспортот на затвореници од Косово, до затвори во северна и централна Албанија.

Иако УНМИК покренал одредена истрага за киднапирањето на Антиќ и зел изјави, ХРАП потенцира дека мисијата, сепак, не продолжила да ги следи трагите.

„За разлика од другите случаи на исчезнување, во случајот со киднапирањето на Златко Антиќ, постоел сведок, и во овие околности, ефикасната истрага требала да вклучи анализа и решавање на работите што не се совпаѓале (…), како и претрес на подрачјето – вклучително и таму каде ОВК основала своја  канцеларија“, се вели во извештајот на ХРАП.

Се истакнува дека „наместо проактивно да ги следи овие траги, полицијата на УНМИК, во јануари 2004 година, оценила дека нема достапни докази и решила да го остави случајот на чекање“.

Но, случајот на Антиќ не бил посебен само заради очевидците, туку и поради можната поврзаност со трговијата со органи, поради што ХРАП изрази загриженост, бидејќи УНМИК не го истражил овој аспект.

„Комисијата, исто така, со загриженост забележува дека, врз основа на гореспоменатиот документ, ОП (одделението за правда) на УНМИК, најдоцна до октомври 2003 година, добило информации од очевидци, сите поранешни припадници на ОВК, дека Златко Антиќ, најверојатно бил меѓу затворениците кои биле однесени во нелегални затвори во Албанија, наводно, заради  трговија со нивните органи“, потенцираше ХРАП.

„Сепак, во досието нема индикации дека оваа важна информација им била дадена на лицата кои го истражувале случајот на Златко Антиќ, ниту дека УНМИК презел каква било активност, за понатамошно истражување на овие најтешки обвинувања, освен пренесување на информациите до МКТЈ, во 2003 година “, додава комисијата.

Во извештајот за неуспешните обиди на УНМИК да ги истражи случаите, комисијата наведува дека е „сериозно загрижена, бидејќи се вложени толку малку напори да се истражи и да се примени правото на вистина, за овие шокантни обвинувања“.

„Сите сторители треба да се соочат со правдата“

Рада Шабиќ држи фотографија на нејзини роднини, коишто исчезнале во Косово. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

По војната во Косово, како исчезнати се регистрирани 6.044 лица, од нив 1.000 од неалбанските заедници. Со текот на годините, како што беа откривани масовни гробови и се идентификуваа тела, овие бројки се намалуваа.

Но, во последно време, овој процес во голема мерка стагнира, поради недостиг на информации.

Околу 2.000 досиеја, што се однесуваат на можни сторители одговорни за исчезнувањата, кои Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, Еулекс, им ги предаде на косовските власти, сега се во рацете на Специјалното обвинителство на Косово.

Некои изразија надеж дека како резултат на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, кој се води со посредство на ЕУ, или со формирањето на таканаречениот специјален суд, може да се постигне напредок во потрагата по исчезнатите лица. Сепак, досега до напредок не е дојдено.

Во меѓувреме, семејствата на исчезнатите, губат надеж дека нивните најблиски некогаш ќе бидат пронајдени.

Рада Шабиќ, последен пат ги видела своите родители, во април 1998 година, во нејзиното родно село, Леочина, во општина Србица.

Во тоа време, војната се интензивирала во овој дел од централно Косово, кое било упориште на ОВК.

Таткото на Рада, Мирослав Шмигиќ, на четворицата членови на неговото семејство им рекол дека нема да го напушти својот дом, поради борбите.

Роднината на Рада, Достана, социјален работник од Србица, била  киднапирана на 18 мај, додека одела на работа. Обидите на семејството, преку меѓународните организации да дозне што ѝ се случило, резултирале само со непрецизна сугестија дека таа била затворена во импровизиран центар за притвор на ОВК.

„Имавме информации дека таа се наоѓа во седиштето на ОВК во селото Ликовац (во општина Србица). Ни беше кажано дека таму се држат и Албанци. Подоцна слушнавме дека таа е убиена таму“, вели Рада за БИРН, во нејзиниот дом, во северната косовска општина, Звечан.

Еден ден, еден нивен сосед, Албанец, дошол кај нив и им предложил да заминат.

„Тој им рече на моите родители дека во селото бил одржан состанок и дека тука веќе не е безбедно“, се сеќава Шабиќ.

„Татко ми постојано велеше дека немаат каде да одат и дека тој никому не направил ништо лошо“, додаде таа.

Утрото, на 6 јуни 1998 година, униформирани мажи тропнале на вратата на нивниот семеен дом во Леочина и ги киднапирале Мирослав Шмигиќ (70), мајката на Рада, Султана (65), нејзината тетка, Александра (70) и нејзиниот братучед, Радомир (54).

„Прво ги мачеа, а потоа ги однеоа со трактор надвор од селото. Беа убиени истиот ден, во близина на бензинска пумпа“, вели Шабиќ.

Пет члена на семејството Шмигиќ, и денес се наоѓаат на списокот на лица исчезнати во војната 1998-1998 година.

Шабиќ посочува дека нивната облека, која имала дупки од куршуми, била пронајдена на местото каде што биле убиени.

„Сè уште верувам дека нивните тела се некаде близу до тоа место. Очекувавме цело време дека нивните тела ќе бидат пронајдени и се надевавме дека Достана е жива. Два месеци после тоа, се случи друга трагедија. Брат ми се самоуби “, раскажува таа.

Милорад Трифуновиќ, коосновач на ресурсниот центар за исчезнати лица, организација која ги претставува семејствата на исчезнатите од сите заедници во Косово, вели дека судбината на исчезнатите е заложник на лошите односи меѓу Приштина и Белград.

Трифуновиќ е еден од првите луѓе што активно работат на прашањето за исчезнатите лица, откако неговиот брат Мирослав (33), бил киднапиран во јуни 1998 година, кога одел на работа во Велики Белачевац, во близина на Приштина, ден пред неговата свадба.

Повеќето од исчезнатите од неалбанска националност, исчезнаа по војната, забележува тој.

„Во моментов имаме 442 исчезнати Срби и од нив, повеќе од 70 проценти, исчезнаа по војната“, нагласува тој, наведувајќи повисока бројка од онаа во статистиката за исчезнати лица на косовската влада – 360 исчезнати Срби.

Пренк Ѓетај, шеф на владината комисија за исчезнати лица, ги критикува политичките лидери на Косово и на Србија, поради тоа што во тековниот дијалог меѓу Приштина и Белград, не го вклучиле прашањето за исчезнатите.

„Не може да има помирување, без да се реши прашањето за исчезнатите лица“, вели Ѓетај за БИРН.

Што се однесува до оние што исчезнаа по јуни 1999 година, кога официјално војната заврши, Ѓетај забележува дека тоа било хаотично време, кога безбедноста била во рацете на УНМИК и на КФОР.

„Не се обидувам да рехабилитирам никого. Сите оние што се вмешани во злосторства против други националности, треба да одговараат“, истакна тој.

Во трагичен пресврт на настаните, албанскиот сосед кој го предупреди семејството Шмигиќ дека нивното село не е повеќе безбедно, е убиен од српските сили во март 1999 година, во соседното село Ибица, заедно со 145 други албански цивили. Некои од нив и денес се водат како исчезнати.

„Јас скоро се онесвестив кога ја видов облеката на албанските деца убиени во Ибица“, ни вели Шабиќ.

„Ова покажува дека оние кои извршиле злосторства на обете страни, треба да се соочат со правдата“.