Регион

Одликуван командант на АБиХ, обвинет за воени злосторства

Сакиб Махмуљин (лево) прима плакета од премиерот на Зеничко-добојскиот кантон, Мирза Ганиќ. Фото: Влада на Зеничко-Добојскиот кантон

Брус Бертон, шеф на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, денеска изјави дека одлуката на Зеничко-добојскиот кантон, да го одликува обвинетиот за воени злосторства, Сакиб Махмуљин, е израз на непочитување кон жртвите.

„За да се надмине наследството од војната, Босна и Херцеговина мора прво да ги почитува невините жртви на војната. Со давање на одликување на оние кои се обвинети за воени злосторства, се прави токму спротивното, и истовремено се поткопува помирувањето и односите со заедницата“, истакна Бертон.

Премиерот на Зеничко-добојскиот кантон, Мирза Ганиќ, вчера му врачи плакета на Махмуљин, на кантоналната седница на Собранието на овој кантон.

На Махмуљин му се суди по обвинението дека не успеал да ги спречи исламистичките доброволци од одредот Ел-Муџахидин, кој делувал во рамките на Третиот корпус на АБИХ, да извршат воени злосторства над српски цивили и воени затвореници, во селото Возуќа, во 1995 година, ниту пак ги казнил поради тоа.

Според наводите, исламистичките борци, кои дошле од земјите на Блискиот исток, убиле повеќе од 50 српски затвореници во Возуќа, а на дел од нив им ги исекле главите.